Живот и Стил мпц

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Светиот маченик Василиск

Роднина на Свети Теодор Тирон. Беше мачен заедно со Евтропиј и Клеоник. Кога последниве двајца беа распнати и на трети март издивнаа, Василиск повторно го вратија во затворот. Тогаш се случи смена на царските намесници, па Василиск остана долго во затворот. Со солзи Го молеше Бога да не го лиши од маченичката смрт. И после долга молитва Самиот Господ Исус Христос му се јави, му вети дека ќе му ја исполни желбата и го прати во неговото село да се поздрави со мајка му и со браќата. Тогаш дојде новиот намесник Агрипа и заповеда веднаш да му го доведат Василиск од селото. На патот од селото кон градот Амасија преку Својот маченик Господ изврши големи чуда, заради кои многуброен народ поверува во Христа. Агрипа му нареди на маченикот да му принесе жртва на Аполон. „Аполон значи губител!“, рече Василиск и со усрдна молитва го урна идолот во прав и со небесен оган го изгоре храмот. Уплашениот Агрипа сето тоа им го припишуваше на магиите, та нареди и Василиск го убија со меч. Тогаш Агрипа полуде и во лудилото отиде на губилиштето, најде малку од крвта на маченикот во прашината, си ја подвзра себеси под појасот, од што веднаш стана здрав. Си дојде на себе и се крсти. Подоцна некој Марин, граѓанин Комански (Комани се викаше местото каде што го погубија Василиск) подигна црква за моштите на маченикот и таму мнозина болни наоѓаа исцеление.

Тропар
Вселената те запозна како кроток Христов ученик, тебе Василиске мачениче, миленик на Ангелите, преку тебе благодатта стана оган кој ги гори неверниците. Моли се за нас, ти кој Христа за придружник Го имаше, до небесните порти на вечното спасение.

Вториот Вселенски Собор

Во времето на царот Теодосиј Велики овој Собор беше свикан, во 381 година, во Цариград, за да го утврди православното учење за Светиот Дух, за Којшто криво учеше тогашниот цариградски патријарх Македониј. Имено, овој духоборен патријарх учеше дека Светиот Дух е Божја твар, а не Божествена ипостас рамна на ипостасите на Отецот и Синот и со нив еднобитна. Македониј беше осуден од Соборот, а Никејскиот Симбол на Верата дополнет со учењето за Светиот Дух.

Светиот праведен Мелхиседек, цар Салимски

Современик на праотецот Авраам. Според зборовите на Светиот апостол Павле, како цар и свештеник Мелхиседек е праобраз на Господ Исус Христос (Евр. 7).

Тропар
О велик Господи, о Сило незнајна, Ти даде лик на свештенството преку праведниот Мелхиседек, а го покажа Своето совршенство преку Синот Твој Единороден, затоа о ти Мелхиседеку, Божји свештенику, праобразу на ереите, моли се да не попушти ревноста на свештениците, моли се, отче, правилно да управуваат епископите, Словото да биде со живот исповедано, лебот и виното во Живот преобразено, за попатнина кон Небесната скинија.

Светиот кнез Јован Владимир

Тој израсна во благочестиво и царско семејство и владееше со областите Зета и Далмација. По природа беше многу мирољубив, благочестив и добродетелен. Неговиот дедо се викаше Хвалимир и имаше три сина: Петрислав, Драгомир и Мирослав. Петрислав ја прими управата над Зета (Дукља), Драгомир на Травунија (Требиње) и Хлевна (Хум), а Мирослав на Подгорје. Но, Мирослав немаше деца, та неговата држава потпадна под власта на Петрислав, кој за наследник го имаше својот син, овој блажен Владимир. Така Владимир се зацари (во втората половина на десеттиот век) во Зета и останатите предели Илирија и Далмација, а престолнината му се наоѓаше кај црквата на Пресвета Богородица во областа Краина (на западната страна на Скадарското Езеро). Блажениот Владимир уште од детството беше исполнет со духовни дарови. Беше кроток, смирен, молчалив, богобојазлив и чист, презирајќи ги сите привлечности на овој свет и ревнувајќи за с? што е божествено и возвишено. За него византискиот историчар Кедрин вели дека бил „праведен и мирољубив човек полн со добродетели“. Покрај воените вештини, тој внимателно го изучи и Светото Писмо, и беше многу милосрден кон бедните и сиромашните. За с? расудуваше мудро, поради што беше возљубен од сите. Тој испраќаше и учители меѓу народот да ги поучуваат луѓето во православната вера и учењето Христово, а еретиците да ги обраќаат кон вистината. Подигаше цркви и манастири, а исто така и болници. Со еден збор, иако беше моќен владетел на земјата, Владимир беше кроток служител на Небесниот Цар Христос и на Царството Божјо, кое не е од овој свет. Живеејќи така богоугодно, Јован Владимир имаше тешки борби и однатре со еретиците богомили и однадвор со царевите завојувачи Самуил и Василиј. Во војната со царот Самуил тој беше заробен, и Самуил го одведе во заточение во Преспа. Потоа, Самуил го освои Котор, Дубровник, Босна и Рашка, па со богат плен се врати дома. Владимир деноноќно се молеше во затворот. Тука му се јави ангел Божји, кој му вети дека наскоро ќе го ослободи, но дека потоа ќе стане маченик за Христа. А царот Самуил имаше ќерка по име Косара, наречена Теодора, која поттикната од Светиот Дух, беше многу милосрдна кон бедните и затворениците. Со дозвола од татка си, таа влезе во затворот кај затворениците, и кога го виде Владимир, кој беше во младоста, а понизен и скромен, полн со мудрост и разум Божји, од срце го засака. Таа го замоли својот татко, царот Самуил, да ? го даде овој роб за сопруг. Не можејќи да ја одбие желбата на својата многусакана ќерка, Самуил му ја даде Косара на Владимир, му ја врати државата, му ја придодаде и Драчката земја и го испрати со чест и многу дарови. Тој, исто така, му ја врати земјата и на Владимировиот стрико Драгомир. Блажениот Владимир живееше свето и целомудрено со својата сопруга Косара. Во тоа време византискиот цар Василиј Македонец (976-1052) го нападна царот Самуил, и на планината Беласица страшно ја победи неговата војска (1014 година). Цар Самуил, кога ја прими веста за изгубената битка, од преголема тага и болка за својата војска падна мртов, а царот Василиј стигна со освојувањата дури до Охрид. Самуиловото Царство го прими во наследство неговиот син Гаврил Радомир, но по неполна година беше убиен од Јован Владислав, негов братучед. Тоа беше семејна освета, зашто таткото на Владислав, Арон, беше ранет на заповед на брат си Самуил. Василиј го нападна Владислав со желба потполно да завладее со Самуиловото Царство. А пак, лукавиот Владислав, убиецот на својот братучед Радомир, братот на Косара, завидувајќи му на својот крал и во своето властољубие сакајќи да се дограби и до Владимировото кралство, реши со измама да го доведе кај себе и да го убие блажениот крал Владимир. Затоа го повика во Преспа, божем за договор. Не верувајќи во искреноста на својот братучед, и насетувајќи некаква измама, мудрата Косара измоли од својот сопруг таа прва да појде. Но, лукавиот Владислав ја прелажа и неа, а на светиот крал му испрати златен крст, повикувајќи го да дојде со ветување дека ништо нема да му се случи. Свети Владимир му испрати ваков одговор: „Знаеме дека нашиот Господ, Кој пострада за нас, не беше распнат на златен или сребрен, туку на дрвен крст. Ако верата ти е права и зборовите вистинити, со вера во името на нашиот Господ Исус Христос испрати ми дрвен крст, па со надеж во Животворниот Крст и Чесното Дрво, ќе дојдам”. Тогаш лукавиот Владислав пред двајца епископи и еден пустиник излажа дека има чесни мисли, па им даде крст од дрво и ги испрати кај кралот. Така Владимир дојде во Преспа. Кога го виде, Владислав се нафрли на него и го удри со мечот, но не му наштети. А Владимир не се исплаши, туку му рече: – Сакаш да ме убиеш, брате, но не можеш! Па го извади својот меч и му го даде, говорејќи: – Еве, земи и убиј ме, како што Каин го уби Авел. Подготвен сум за смрт. Помрачениот Владислав го зеде мечот и му ја отсече гавата. А светителот, пак, ја зеде својата глава во своите раце, седна на коњот и замина кон црквата. Пред црквата се симна од коњот и рече: – Во Твоите раце, Господи, го предавам мојот дух! Убиецот се преплаши од таквото преславно чудо, па побегна со своите. Така блажениот Владимир прими маченички венец и се пресели во Небесното Царство на 22 мај/4 јуни во 1015 година. Чесното тело на светиот маченик го зедоа епископи и клирици, и чесно го погребаа во истата црква во близина на Преспанското езеро, а неговата сопруга Косара го оплакуваше жално. Господ, пак, сакајќи да ги објави заслугите на блажениот маченик Владимир, направи многумина од оние што доаѓаа на неговиот гроб да добиваат исцеленија. Во првата ноќ над неговиот гроб се појави божествена светлина, во вид на многу запалени свеќи. Тоа го исплаши Владислав и тој ? дозволи на Косара да го земе телото и да го носи каде сака. Таа го однесе во Краина и чесно го положи во црквата на Пресвета Богородица. Тоа лежеше тука цело и нетлено, и од себе испушташе прекрасен мирис, а во раката го држеше крстот што го доби од Владислав. Во таа црква секоја година се собираше многу народ на неговиот празник, и со негово застапништво се случуваа многу чудеса. А неговата сопруга Косара, од искрена љубов кон него и кон Бога се замонаши при таа црква, и остатокот од животот го помина во молитва. Кога се упокои и таа беше погребана крај нејзиниот сопруг. Во 1925 година, кај манастирот на Свети Наум на Охридското езеро е подигната црква на овој овенчан маченик Христов, како ктитор на овој славен манастир. Чесните мошти на светиот маченик Јован Владимнр се наоѓаат во градот Елбасан во Албанија.

Тропар
Радувај се, Владимире свети, на кого Надеж му е Отецот, прибежиште Синот, а покров Духот Свет – Бог Троичен. Он вера ти засили, а ти сам сведочејќи за тоа, во Негови раце глава предаде помазана од благодатта Негова и осветена од Крстот, чија светлина не одминува. За нас моли се, праведен мачениче, таква вера нетрулежна пред Спасителот да имаме.

Поврзани теми

To top