Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници
Кога Царот, седејќи на осле, влегол во Ерусалим, сите луѓе – деца, возрасни, старци, простирајќи ја својата облека и со палмови гранчиња во рацете, кои се симбол на победата, брзо Го пресретнале, како Животодавец и Оној Кој ја победил смртта. Паднале на колена пред Него и потоа оделе по Него, не само на влезот од градот, туку и во самото свето место, гласно пеејќи: „Осана на Синот Давидов! Осана во висините!“ Пофалната песна „Осана“ се вознесува бидејќи во превод значи „Слава“. Додавајќи „во висините“, покажале дека Тој се прославува со песна не само на земјата и не само од луѓето, туку и од ангелите на небото. Значи, како деца, посетени од Светиот Дух, тие на Господ Му принеле совршена и потполна химна, сведочејќи дека Тој, како Бог, го оживеа четиридневниот мртовец Лазар… Како што во Исус Христос, како што кажува Божјиот апостол, нема ни машки ни женски пол, ни Елин ни Јудеец, туку сите се едно, така во Него нема ни кнез ни потчинет, туку сите ние преку верата во Него и Неговата благодат сме едно. Наоѓајќи се во Неговото Тело, во Црквата, ние имаме една Глава – Него; благодатта на Светиот Дух соединува само во еден дух; сите сме примиле едно крштение и сите имаме една надеж; и еден е нашиот Бог, над сите и преку сите, и во сите нас. Значи, да се љубиме еден со друг, да се трудиме еден за друг, бидејќи сме соединети едни со други. Знакот според кој н? познаваат дека сме Негови ученици е љубовта, и тоа е Татковото наследство, кое Тој ни го остави заминувајќи од овој свет. И последниот совет што ни го даде при заминувањето кај Својот Отец ја утврди нашата меѓусебна љубов. Свети Григориј Палама
Тропар
Христе Боже, за да нe увериш во општото воскресение, пред Твоето страдање го воскресна Лазара од мртвите. Затоа и ние, како децата носејќи ги знаците на победата, Ти пееме Тебе, Победителу на смртта: Осана во висините, благословен е Оној што доаѓа во името на Господа.
Кондак
На небесата носен на престолот, а на земјата – на осле, Христе Боже, си ја примил похвалата од ангелите и песната од децата, кои Ти викаат: Благословен си Ти, Кој доаѓаш да го повикаш Адама.
Светите апостоли Аристарх, Пуд и Трофим
Од бројот на Седумдесеттемина апостоли. Аристарх беше епископ во Апамија Сириска. Апостолот Павле го спомнува неколкупати (Дела 19, 29; Колосјани 4, 10; Филимон 23). Во Ефес беше фатен од толпата заедно со Гај. Тој народ тогаш се беше кренал против Св. апостол Павле. Павле им пишува на Колосјаните: „Ве поздравува Аристарх којшто е со мене во ропство“. Во Посланието до Филимон Павле го нарекува Аристарх свој помошник, заедно со Марко, Димас и Лука. Пуд беше угледен римски граѓанин. Апостолот Павле го спомнува еднаш (II Тимотеј 4, 21). Домот на Пуд најпрво беше засолниште за врховните апостоли, а потоа се претвори во црква, наречена Пастирска. Трофим беше од Азија (Дела 20, 4) и го придружуваше Св. апостол Павле на патувањата. На едно место Павле пишува: „Трофим го оставив во Милет болен“ (II Тимотеј 4, 20). За времето на гонењата од Нерон, кога беше убиен Св. апостол Павле, беа убиени и овие тројца славни апостоли.
Тропар
Патот кон Бога преку вашите стапки е посведочен, о апостоли свети Христови, сотрудници на Павле, помошници на Петар великите, молете се за нас Аристархе, Пуде и Трофиме, верата чиста да ја запазиме, и вратата на бесмртноста да се отвори по вашите свети молитви.
Светиот маченик Сава Готски
Во готските краишта имаше сурово гонење на христијаните. Еден готски кнез дојде во селото каде што живееше благочестивиот Сава и ги запраша селаните има ли во нивното село христијани. Тие му се колнеа дека нема ниеден. Тогаш Сава застана пред кнезот и рече: „Никој нека не се колне за мене, зашто јас сум христијанин.“ Кога го виде беден и сиромав, кнезот го пушти во мир велејќи: „Од тебе нема ни полза ни штета“. Другата година на Воскресение дојде еден свештеник Сансал во тоа село и ја отпразнува светлата Пасха заедно со Сава. Слушнаа за тоа незнабожците, па ненадејно го нападнаа домот на Сава и почнаа немилосрдно со стапови да ги бијат Божјите угодници. Сава пак, го соблекоа гол и го влечеа по трњето, а потоа двајцата ги врзаа за дрво и им нудеа месо од идолските жртви. Но сеќавајќи се на апостолските зборови Божјите луѓе одбија да јадат од скверните ѓаволски жртви. Најпосле кнезот го осуди Сава на смрт и им го предаде на војниците. Преполнет со радост Сава тргна на губилиштето фалејќи Го Бога. Кога го видоа дека е добар човек, војниците патем посакаа да го пуштат, но тој многу се нажали и им зборуваше дека тие се должни да ја исполнат заповедта на својот кнез. Тогаш војниците го одведоа до една река, му врзаа камен на вратот и го фрлија во водата. Неговото тело беше исфрлено на брегот. Подоцна, во времето на царот Валент, војувајќи со Готите грчкиот војвода Јуниј Соранос го најде телото на Свети Сава и го пренесе во Кападокија. Свети Сава пострада во триесет и првата година од животот, во 372 година.
Светите маченички Василиса и Анастасија
Две благочестиви римјанки. Во времето на царот Нерон ги собираа телата на убиените апостолски ученици и чесно ги погребуваа. За ова беа обвинети и фрлени во затвор, а после долги мачења, во кои им ги отсекоа јазиците и градите, ги обезглавија.
Тропар
Големи се круните маченички ваши, о Анастасија и Василица, вие кои Христовите деца ги љубевте и заклон за нивните тела подготвивте. Од Спасителот не само вечност, туку и прослава во вековите добивте, а за нас милост измолувате, кои го чествуваме светиот ваш спомен.