Лазарова сабота
„Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението: да ги отфрлиме сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината. Да одиме чесно како дење“ (2 Кор. 6, 2) – зашто ни се приближува сеќавањето на спасоносните Христови страдања, се приближува нова, голема и духовна Пасха, награда за бестрастието (палмовото гранче), почетокот на идниот век. Тоа го најави Лазар, кога излезе од оние кои се скриени во пеколот; по заповедта на Божјиот Син, Кој има власт над животот и смртта, оној кој четири дена беше во гробот, стана од мртвите. Кога било извршено чудото над Лазар, и кога Христос јасно истакнал дека Тој е Бог, народот го прифатил тоа и поверувал, додека некои кнезови, односно книжници и фарисеи, биле далеку од верата, па неразумно смислувале лоши работи против Него и со своето безумие сакале да Ги убијат Оној, Кој преку тоа што го рекол и направил се претставил како Господар на животот и смртта. Овие зборови, иако заради народот изговорени во вид на молитва, не биле молитвени зборови, туку зборови на власт: „Лазар, излези надвор!“ – и Лазар веднаш, иако четири дена мртов, застанал жив пред Него; зарем не биле едно заповедта и молитвата на Животодавецот? Тој викнал со силен глас, и тоа заради присутните, бидејќи можел не само тивко, туку и само со волјата да воскресне, и тоа оддалеку, додека каменот с? уште лежел над гробот. Тој, пак, му се доближил на гробот и им рекол на присутните да го тргнат каменот, а овие го почувствувале непријатниот мирис на распаѓањето и тогаш Тој со силен глас му се обратил на Лазар, го повикал кај Себе, и токму тогаш го воскреснал. И сето тоа, за тие да видат со сопствени очи, бидејќи биле крај гробот, со сопствениот нос да ја почувствуваат смрдеата на мртвото тело кое четири дена било во гробот, и со сопствениот допир да почувствуваат – затоа што со своите раце го допреле каменот кога го отстранувале од гробот, потоа плаштаницата и убрусот на главата кога го одвивале, како и лично да го чујат Господовиот глас, кој допрел до ушите на сите присутни. Значи, преку сето тоа, тие поверувале дека Тој е Оној Кој „го повикува непостоечкото кон постоечко“, Кој с? носи со силата на Своите зборови и Кој на почетокот со еден Свој збор с? доведе од небитие во битие. Свети Григориј Палама
Тропар
Христе Боже, за да нe увериш во општото воскресение, пред Твоите страдања, го воскресна Лазара од мртвите, затоа и ние носејќи како децата знаци на победата, Ти повикуваме Тебе, Победителу на смртта: Осана во висините! Благословен е оној што иде во името Господово!
Свети Мартин Исповедник папа Римски
Во времето на јаросната расправа на православните со еретиците монотелити, на 5 јули 649 година беше посветен за папа. Тогаш царуваше Констанс II, внукот на Ираклиј, а цариградски патријарх беше Павле. Со цел да се воспостави мир во Црквата самиот цар ја напиша книшката „Гипос“, којашто многу им погодуваше на еретиците. Папата Мартин свика собор од сто и петмина епископи, на којшто оваа царева книшка беше осудена. Во исто време папата му напиша писмо на патријархот Павле, молејќи го да ја држи чистата православна вера и да го посоветува царот да ги остави еретичките мудрувања. Ова писмо ги разлути и патријархот и царот. Затоа царот испрати во Рим еден војвода Олимпиј, за да го доведе римскиот папа врзан во Цариград. Војводата не се дрзна да го врзе папата, туку наговори еден војник да го убие со меч в црква. Но кога влезе војникот со скриениот меч во црквата, одеднаш ослепе. И со Божјата Промисла Мартин ја избегна смртта. Во она време пак, Сарацените напаѓаа на Сицилија и војводата Олимпиј замина за Сицилија и таму умре. Тогаш со сплетка на патријархот-еретик Павле, царот испрати друг војвода, Теодор, за да го врзе и да го доведе папата под обвинение дека тој, папата, стои во дослух со Сарацените и дека не Ја почитува Пресвета Богородица. Кога војводата стаса во Рим и го прочита обвинението против папата, овој одговори дека тоа е клевета, дека самиот нема никаква заедница со Сарацените коишто се противници на христијанството, „а оној што не ја почитува Пречиста Богородица и не Ја исповеда и не ? се поклонува, да биде проклет и на овој и на оној век“. Ова не ја измени одлуката на војводата. Тој го доведе папата врзан во Цариград, а таму Св. Мартин мошне болен лежеше во затвор, мачен и исцрпуван со глад, додека најпосле не го осудија на прогонство во Херсон, каде што поживеа две години и издивна заради Господ во 655 година. Две години пред него умре во покајание Павле. И кога царот го посети пред смртта, тој ја заврте главата на другата страна и заплака исповедајќи дека многу грешеше против папата Мартин. Пред смртта Павле го молеше царот да го ослободи Светиот папа Мартин.
Тропар
Исповедниче на вистинската вера што спасува, Мартине свет мачениче, прими од нас пофалба и благодарност. Од Бога со благодатна вистина исполнет, на патот исповеднички цврсто остана, и Христос преку тебе Црквата ја зацврсти, Духот Свет пастирите ги умудру, Троичниот Бог и денес н? милува по твоите свети молитви.
Светите маченици Антониј, Јован и Евстатиј
Сите тројца беа прво незнабожци и поклоници на огнот. Беа слуги на дворецот на литовскиот кнез Олгард во Вилна. Порано се нарекуваа: Круглец, Кумец и Нежило. Сите тројца ги крсти свештеникот Нестор. Ги обесија еден по друг на ист даб во 1347 година. Овој даб христијаните го исекоа и изградија црква во слава на Пресвета Троица. Во таа црква ги положија моштите на мачениците, а на трупот од дабот ја направија Чесната Трпеза. Нивните мошти се во Вилна.
Тропар
Јоване, свет Христов мачениче, тврдино на верата која го огради братот Антониј и го ободри да војува против прелеста на овој свет. Молете се а нас, свети исповедници, Кои во Христа добивте вистинска слобода.
Светиот маченик Ардалион Глумец
Прво беше артист комедијант. За развеселување на народот најпрво играше улога на маченик за верата и на сите можни начини ги исмеваше христијаните. Но кога настана гонењето на христијаните во времето на Максимијан, тој наполно се измени во духот. Гласно извика пред народот дека е христијанин и за ова го изведоа на суд. Пострада врзан за усвитена железна леса и така ја одигра својата вистинска и чесна улога на маченик.
Тропар
Погледна на тебе Спасителот, свет мачениче Ардалионе, и облека ти подари за во претставата на овој свет да ја посведочиш вистината за животот вечен и Христа да Го исповедаш, очистувајќи се во маките на исповедништвото.