Во времето на византискиот цар Ираклиј во 614 година персискиот цар Хозрој го нападна Ерусалим, го ограби градот, го однесе Чесниот Крст во Персија и повлече во ропство огромен број христијани, меѓу нив и патријархот Захариј. Евреите му помагаа да врши зло над христијаните. Меѓу другите еврејски злосторства се памети и ова: Евреите откупија од Хозрој деведесет илјади христијани и како свои робови ги убија. Стариот патријарх остана во ропство четиринаесет години. А од Чесниот Крст во Персија се пројавија многубројни чуда, така што Персијанците велеа: „Христијанскиот Бог дојде во Персија“. Подоцна Ираклиј го принуди персискиот цар да ги врати Чесниот Крст, патријархот и останатите робови во Ерусалим. Самиот цар Ираклиј го внесе Чесниот Крст на своите плеќи во Светиот град. Останатите денови од животот Св. Захариј ги помина во мир и се пресели кај Господ во 631 година. На престолот го замени патријархот Модест, после кого патријархуваше Св. Софрониј (11 март).
Тропар
Солзите твои, свет Захарие, Бога Го умилостивија, молитвите верата во народот ја одржаа, љубовта кон Христа на Крстот заблеска, а Спасителот по твоите молитви надежта не ја унижи. Радувај се, и за нас моли се, старче праведни, младоста да ја достигнеме, во Царството Небесно.
Преподобен Тимотеј
Пустиник на местото наречено Символи на азискиот Олимп. Од малечок стапи во манастир, се замонаши и с ? до длабока старост го помина животот во пост, молитва, бдение и непрестаен труд. Остана чист и целомудрен до крајот на животот. А на чистите и целомудрените Бог им дава власт над духовите на злобата, па му ја даде и на Тимотеј. Трудејќи се околу својата душа Тимотеј успеа да Му изгради прекрасен храм на Светиот Дух во себеси. Овој свет човек се упокои во 795 година.
Тропар
О девственост света – повикуваше ти, свети Тимотее оче наш преподобен, о учителке на чистотата, која очи и уши телесни затвораш, о врато низ која Духот Свет зборува и кон бестрастие го води човека, моли се за нас оче свети, кои низ пустината на искушенијата катаден поминуваме.
Свети Евстатиј, архиепископ Антиохиски
Голем ревнител и заштитник на Православието. Како таков особено се истакна на Првиот Вселенски Собор, каде што мудро и разумно го поби учењето на Ариј. Заедно со останатите Свети отци Евстатиј правилно исповедаше дека според Божествената суштина Исус Христос како Син Божји е рамен на Отецот и на Светиот Дух. После смртта на Св. цар Константин ариевците повторно некако претегнаа и почнаа немилосрдно да го гонат Православието. Свети Евстатиј беше симнат од неговиот престол и протеран најпрво во Тракија, а потоа во Македонија. Многу и долго страдаше, додека најпосле не Му ја предаде својата света душа на Бога, во 345 година.
Тропар
Гонење заради правда претрпувајќи устата твоја замолче – пастиру Христов, оставајќи го судот на Господа, Кого ти мажествено го исповедаше, не плашејќи се од силата на овој свет, која е немоќна пред вистината на Светлината. Радувај се, оче свет Евстатие, и за нас моли се, кои го чествуваме твојот свет спомен.
Свети Јован III Схоластик, патријарх Цариградски
Како правозастапник најпрво ракоположен за свештеник, а потоа за патријарх во 565 година. Напиша канони кои влегоа во Номоканонот. Во негово време во литургијата е внесена „Иже херувими“, а исто така и „На Твојата Тајна Вечера“. Се упокои мирно во 577 година.