Живот и Стил мпц

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Светиот свештеномаченик Харалампиј

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Овој голем светител беше епископ во Магнезија и во својата сто и тринаесетта година пострада за Христа. Кога настана страшното гонење на христијаните во времето на царот Септимиј Север, старецот Харалампиј не се криеше од гонителите, но слободно и јавно ја проповедаше Христовата вера. Сите маки ги претрпе како во туѓо тело. А кога уште жив му ја дереа кожата, незлобливиот светител им рече на царските војници: „Ви благодарам, браќа, зашто ми го иструживте старото тело, а ми го обновивте духот за нов, вечен живот“. Изврши многубројни чуда, во верата обрати многумина. Дури и царската ќерка Галина го напушти незнабоштвото на својот татко и стана христијанка. Осуден на смрт и изведен на губилиштето Св. Харалампиј ги воздигна рацете кон небото и Му се помоли на Бога за сите луѓе, за да им даде Бог телесно здравје и спасение на душите и да ги умножи земните плодови. „Господи, Ти знаеш дека луѓето се месо и крв; прости им ги гревовите и излеј ја Твојата благодат врз сите!“ После молитвата овој свет старец ја предаде својата душа на Бога пред да го спушти џелатот мечот врз неговиот врат. Пострада во 202 година. Неговото тело го зеде Галина и чесно го погреба.

Тропар
Маченикот Твој, Господи, Харалампиј, во страдањето свое прими венец нераспадлив од Тебе – нашиот Бог; имајќи ја, пак, Твојата поткрепа, ги порази мачителите и ја скрши немоќната дрскост на демоните. По неговите молитви, спаси ги душите наши.

Кондак
Откако се удостои со благодатта на свештенството, славен Харалампие, светло си ја украсил Црквата со божественото страдање, што храбро си го примил заради Христа радувајќи се, чесен светилнику на вселената, кој, како непобедлив, ги озаруваш нејзините краишта.

Преподобен Прохор Лободник

Чудотоворец печерски. Лободник е наречен зашто за цело време додека живееше во Печерскиот манастир не вкуси леб, туку се хранеше со лобода, месејќи ја на свој начин и правејќи од неа некаков леб. Кога ќе му дадеше некому од тој свој леб, лебот стануваше сладок како да е од мед; а кога некој ќе му украдеше, му стануваше горчлив како пелин. Едно време кога снема сол во Русија Прохор му ја раздаваше на народот пепелта како сол. Пепелта што ја раздаваше со благослов стануваше сол; а онаа пепел која некој ќе си ја земеш сам си остануваше обична. Кнезот Свјатополк нареди и во неговиот дворец ја пренесоа целата пепел од келијата на Прохор без прашање и благослов на монахот. Но кога ја пренесоа, тие што вкусија од неа се уверија дека е пепел а не сол. Тогаш Прохор му рече на народот што доаѓаше кај него по сол да одат сите кај дворецот на кнезот, па кога кнезот ќе ја исфрли онаа сол од дома, тие да си ја земат и ќе им биде сол. Народот така направи и пепелта повторно се претвори во сол. Откако се увери во ова самиот кнез се исполни со почит и љубов кон Св. Прохор, а кога овој умре во 1107 година, тој со своите раце го положи во гробот крај големите руски светители Антониј и Теодосиј.

Тропар
Преподобен чудотворче оче Прохоре, нахранувајќи ги гладните со леб од растенија и со сол од пепел, нахрани нe и нас со храна духовна, молејќи Го Христа Бога за душите наши.

Поврзани теми

To top