Живот и Стил МПЦ

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Преподобен Исидор Пелусиот

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Родум Мисирец; син на угледни родители и роднина на александриските патријарси Теофил и Кирил. Откако ги проучи сите светски науки, се одрече од богатството и светската слава и сиот му се предаде на духовниот живот заради љубовта Христова. Беше голем и усрден бранител и толкувач на православната вера. Според тврдењето на историчарот Никифор, Св. Исидор им напиша над десет илјади писма на разни лица, во кои едни ги укорува, други ги советува, трети ги теши, четврти ги поучува: „Поважно е да се поучуваш на добродетелен живот одошто на красноречиво проповедање“, пишува тој во едно писмо. Во друго вели: „Ако некој сака неговите добродетели да се покажат големи, нека ги смета за мали и тие навистина ќе се покажат големи“. Прво и основно правило за него беше: прво практикувај, па потоа поучувај, според примерот на Господ Исус. Во времето на гонењето на Златоуст, кога сиот свет се подели на два табори, едните за, а другите против овој голем столб на Православието, Свети Исидор застана на страната на Златоуст. Му пишуваше на патријархот Теофил каква голема светилка на Црквата е Златоуст и го молеше да се одрече од ненавидноста кон него. Поживеа долго, и многу стори прославувајќи Го Христа со живот и со перо и се пресели во Христовото Царство во 436 година.

Тропар
Подвижништвото твое храна за твојата душа постана, о храбар преподобен Исидоре, Христос целомудреноста со мудрост за спасение ја награди, на сите им стана учител на патот подвижнички, моли се за нас ти кој беше почитуван од светите Ерарси, а сега славен на небото од светите ангели пред престолот на Бога Седржителот.

Преподобен Николај Исповедник

Овој Светител беше од островот Крит. Дојде во Цариград за да го посети својот роднина Теодор, игуменот на Студитскиот манастир, но остана и се замонаши. Како монах Николај ги мина сите подвизи за спасението на душата. Во времето на гонењето на Црквата од страна на Лав Ерменин, Теодор и Николај беа свирепо мачени, биени со воловски жили и најпосле ги фрлија во затвор, каде останаа три години. По смртта на Св. Теодор Николај стана игумен на Студитскиот манастир. Уште за време на животот правеше чуда со силата на Божествената благодат. Така ја исцели од болест Евдокија, жената на царот Василиј, а потоа и Елена, жената на патрицијот Мануил. На угледниот благородник Теофил Мелисен, на кого не му се држеа децата, му ја благослови новородената ќерка и за неа му прорече дека ќе живее и ќе биде многуплодна, а тоа подоцна така и се исполни. На денот на својата смрт Свети Николај ги повика монасите и ги праша што им недостасува. „Жито“, одговорија. Тогаш игуменот им рече: „Оној Којшто го нахрани Израилот среде пустината, по три дена и вам ќе ви испрати пченица во изоблилство“. И навистина, по три дена под манастирот доплови кораб полн со жито, испратен од царот Василиј. Преподобниот Николај се пресели во Царството Небесно во седумдесет и петтата година од животот, на 4 февруари 868 година.

Тропар
Великиот со величина на земјата и небесата, те прослави о Николае, за верата твоја, подвигот и трпението што го покажа, закрепнат од благодатта. Цврсто утврден од пастирот Теодор, ѕидовите не го задржаа исповедувањето твое на вистината, затоа и ние денес се надеваме на твоите молитви, кои Бог ги прима од оној кој за Него сведочи, и ги милува оние кои денес го празнуваат твојот свет спомен.

Светиот маченик Јосиф

Родум од Алеп. Турците го присилуваа да се потурчи. Не само што ги одби туку почна и да ги изобличува мухамеданските лаги и да ја фали верата Христова. За ова беше мачен и обезглавен во 1686 година.

Тропар
Бедната лага очите твои ја дознаа напоени со благодатта Христова, верата која кон Животот поттикнува, те направи исповедник и маченик Јосифе, понижувајќи го човековото мудрување. Радувајќи се во небесните живеалишта, за нас моли се да истраеме во овој свет на занес, по твоите свети молитви.

Поврзани теми

To top