Светиот свештеномаченик Елевтериј
Овој прекрасен светител имаше родители благородни и од прочуен род. Беше роден во Рим, каде што татко му беше воен антипат. Мајка му Антија го слушаше Евангелието од самиот апостол Павле и од него беше крстена. Бидејќи рано остана вдовица, го даде својот единец син на учење и служба кај римскиот епископ Аникита. Бидејќи го виде Елевтериј надарен од Бога и просветлен со Божествената благодат, во петнаесеттата година епископот го ракоположи за ѓакон, во осумнаесеттата за свештеник, а во дваесеттата за епископ. Божетсвената мудрост го надополнуваше кај Елевтериј она што му недостасуваше во годините. Овој богоугодник беше поставен за епископ на Илирија со седиште во Валона (Авлона) Албанска. Своето стадо го чуваше како добар пастир и секојдневно го умножуваше. Христогонителниот цар Адријан испрати некој војвода Феликс со војници за да го фатат и доведат Елефтериј во Рим. Кога јаросен Феликс стигна во Валона и влезе во црквата, го виде и го чу светиот Божји архиереј и одеднаш неговото срце се измени и стана христијанин. Елевтериј го крсти и тргна со него во Рим, одејќи весело како да оди на гозба, а не на суд и маки. Царот му наложи лути истизавања на овој благороден Елевтериј: биење, печење на железен кревет, варење во смола, горење во огнена печка. Но Божествената сила го избави маченикот од сите смртоносни измачувања. Кога го виде ова, римскиот епарх Корив и самиот изјави дека е христијанин. Корив беше мачен и убиен со меч. Исто така и блажениот Феликс. Најпосле царските џелати ја отсекоа и чесната глава на Свети Елевтериј. Кога неговата света мајка Антија дојде над мртвото тело на нејзинот син, и таа беше убиена. Нивните тела ги пренесоа во Валона, каде што Св. Елевтериј до денешен ден чудесно го прославува Христовото име. Пострада во времето на Адријан, во 120 година.
Тропар
Свети свештеномачениче Елевтерие, ти кој ѕверови скротуваше, со благодат Божја срца човечки лекуваше, Христос преку тебе луѓе во ангели приведе и Неговото име се прославуваше, моли го Него, о велики учителе, нашите срца со Неговото име да бидат запечатени.
Свети Стефан Исповедник Сурожски
Родум од Кападокија. Воспитан во Цариград кај Светиот патријарх Герман. Се оддалечи во осаменост и живееше скриен од светот. Ангел Господов му го објави на Св. Герман овој Свети Стефан и му заповеда да го постави за епископ на градот Сурож (сегашен Судак на Крим). Патријархот ова го изврши. Светиот ревнител Стефан обрати мнозина во христијанската вера. Страдаше луто за иконите, под царот Лав Исавријанин. На царот му прорече скора погибел. По злата смрт на овој зол цар, Стефан беше вратен во неговата епархија, каде што го пасеше стадото богоугодно и се упокои мирно на крајот од 7 век.
Тропар
Плодна почва најде благодатта Христова во срцето твое, о Стефане преподобен отче, и уши кои гласот Господов го слушаат. Ангел Божји следејќи те на сите патишта од животот твој венец исповеднички и маченички ти исплете. Моли се за нас, оче свет, и научи нe како чашата на спасението до крај да ја испиеме, по твоите свети молитви.
Преподобен Павле во Латра
Родум од Пергам; се подвизуваше на гората наречена Латра во Мала Азија. Прославен според подвизите и многубројните чуда. На старост се упокои мирно и се пресели кај Господ во 950 година.
Тропар
Господи свет и благословен, нова благодат изли преку Павле угодникот Твој, кој обдарен со добродетели небесни пламен стана, за восход на души и молитви од земјата до небеси. Застапи се, о ти преподобен угодниче, за сите кои во молитва кон тебе припаѓаат, достојнославен мироносен подвижниче, и Бога Го прославуваат во сите векови.
Преподобен Пард Отшелник
Како млад беше рабаџија, но заради еден ненамерен грев го напушти светот и се повлече на подвиг во пустина. Живееше во 6 век во Палестина.
Тропар
Напојувајќи се од водата на покајанието, ја достигна висината на смирението, ти Парде Христов подвижниче, смртта ја изгуби дрскоста на осудувањето, и Спасителот подарувајќи ти простување, те присоедини кон Своите по чии молитви и ние се спасуваме.