Живот и Стил

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Свети Амвросиј, епископ Медиолански (Милански)

Овој голем Свет отец на православната Црква беше од прочуен род; татко му беше царски намесник на Галија и Шпанија, но по вера незнабожец, а мајка му христијанка. Додека беше уште во лулка како малечок, еднаш се спушти рој пчели врз него, излејаа мед на неговата уста и одлетаа. И уште како дете ја пружаше раката и пророчки велеше: „Целивајте, бидејќи ќе бидам епископ“. По смртта на својот татко царот го постави за свој намесник на Лигурската област, во којашто главен град беше Медиолан. Кога умре епископот на тој град, падна голема расправија меѓу православните и еретиците аријанци околу изборот на новиот епископ. Според должноста Амвросиј влезе в црква заради одржување на редот. Притоа едно дете возвикна на мајчините гради: „Амвросиј – епископ!“ Сиот народ ова го прими како глас Божји и наспроти волјата на Амвросиј, него го избраа едногласно за епископ. Тој се крсти и за една недела ги помина сите претходечки чинови и беше ракоположен за епископ. Како епископ Амвросиј ја утврди православната вера, ги потисна еретиците, ги украси црквите, ја распростре верата меѓу незнабожците, напиша многу поучни книги и послужи како пример на вистински христијанин и христијански пастир. Тој ја состави и благодарствената песна: „Тебе Бога Те фалам“. Овој славен јерарх, кого заради неговата мудрост и слаткоречивост го посетуваа и луѓе од далечни земји, беше мошне воздржлив, трудољубив и бодар. Спиеше малку, работеше и Му се молеше на Бога непрестајно, постеше во сите денови освен во сабота и недела. Затоа Бог му даде да види многу Божји чуда, а и самиот да чудотвори. Ги откри моштите на Светите Протасиј, Гервасиј, Назариј и Келсиј (под 14 октомври). Кроток кон малите луѓе, пред големите беше неустрашлив. Ја изобличи царицата Јустина како еретичка, тиранининот и убиецот Максим го проколна, на царот Теодосиј му забрани пристап во храмот с ? додека не си го покаја гревот, со насилниот и самонаречен цар Евгениј не сакаше ни да се сретне. Овој богоугоден маж Бог го дарува со толку благодат, што и мртви воскреснуваше, демони од луѓето изгонуваше, болни од секаква болест исцелуваше и проѕираше во иднината. Се упокои мирно во мугрите на Воскресение во 397 година.

Тропар
Славен е Господ во светиите Свои, и препрославувана е Неговата грижа за спасение на родот човечки, во животот твој, о Амвросие, свети Божји угодниче, светлината на Духот Свети од тебе бликаше и стадото Христово го осветлуваше. Моли се, духоносче, моли се, чудотворче, животите наши по твоите молитви да ги преобразиме.

Преподобен Нил Столбенски

Земјоделец, родум од Новгород. Штом се оддалечи во пустина, се хранеше со тревки и класчиња. Според глас добиен од висините се пресели на островот Столобное. Еднаш во неговата келија влегоа разбојници за да го ограбат, но одеднаш ослепеа. Си ископа гроб во близина на келијата и секој ден над него плачеше. Се упокои мирно и се пресели во Царството Христово во 1554 година. Неговите чудотворни мошти се наоѓаат на местото на неговиот подвиг.

Тропар
Милината благодатна срце и душа ти опаша, о Ниле, заради подвизите молитвени со кои разговор со небеса поведе. Целиот на Бога предавајќи се, согореа дамките демонски и мирот кој во тебе се всели, наоколу се рашири и до нас стигнувајќи нe привлече благодраност на Бога да вознесеме, за таков молитвеник кого сега го чествуваме, и од него денес молитви просиме.

Преподобен Григориј Молчалник

Свети Григориј Исихастот, или Молчеливиот, по потекло е од Балканот. Роден е на крајот на 13. или 14. век. Бил ученик на свети Григориј Синаит и на свети Ромил Раванички, чие житие го напишал. Основач е на светогорскиот манастир Свети Николај Чудотворец, познат заради него под името Григоријат. Подоцна преминал во Србија и од свети Лазар, кнез српски, го добил манастирот Ждрело во Браничево (подоцна наречен манастир Горњак), во кој денес почиваат неговите свети мошти. Од житието што тој го напишал за свети Ромил Раванички, како и од други стари книги, дознаваме уште нешто за животот и подвизите на преподобниот Григориј Молчеливиот и ова што подолу ќе го изнесеме. На почетокот на 14. век дошол од Синајската Гора на Балканот преподобниот отец наш Григориј Синаит. Населувајќи се на Света Гора Атонска, во скитот наречен Магула, наспроти Филотеевиот манастир, тој стекнал доста ученици меѓу монасите желни за исихастички живот, односно молитвено тихување или молчелив живот според Бога и заради Бога. Оттаму преподобниот Григориј преминал со група свои ученици во едно пусто и непристапно место, наречено Хрентели, помеѓу денешниот манастир Симонопетар и манастирот Свети Павле. Тука основал неколку ќелии, но не се задржал подолго. Поради честите напади на Турците, морал да ја напушти Света Гора. По посетата на Цариград и некои други места, тој со своите ученици се населил во местото наречено Парорија во Тракија, на границата меѓу Византија и Бугарија. Таму основал голем манастир и стекнал многу ученици. Во тоа време негов ученик станал и преподобниот наш отец Ромил, кој заедно со еден свој духовен брат, што се викал Иларион, останал кај великиот Синаит сè до неговото блажено упокоение во Господа (на 27 ноември 1346 год.). Тогаш преподобните Ромил и Иларион се преселиле од Парорија во областа наречена Загора, близу Трново (во Бугарија), каде што и претходно се подвизувале. Тука свети Ромил го замолил Иларион да го прими како свој послушник, на што Иларион одвај се согласил, исполнувајќи ја така волјата Божја и сесрдната молитва на својот брат. Кога потоа побожниот бугарски цар Јован Александар (1331-1371) ја ослободил Парорија од нападите на арамиите и разбојниците, тогаш свети Ромил со својот духовник Иларион се вратил во неговата Парориска пустина и повторно таму се населил. Токму во тоа време кај нив двајцата дошол од Цариград овој преподобен Григориј Молчеливиот, за кого овде станува збор. Веќе во Цариград, а можеби и пред тоа, во Света Гора или некаде на друго место, преподобниот Григориј имал слушнато за великиот Григориј Синаит и станал негов ученик. Но кога Синаит се преселил кај Господа, Григориј затоа и дошол кај свети Ромил да биде негов ученик, зашто беше чул за неговите доблести и за исихастичкиот богоугоден живот. За тоа ни зборува самиот Григориј во житието на свети Ромил, кое го напишал. Во тоа време, вели тој смирено за себе, и јас, најбедниот меѓу монасите, дојдов од Цариград на тоа место (во Парорија), и слушајќи за нивниот добродетелен живот и совршено подвизување, ја приклонив главата и му се потчинив на старецот Иларион, на кого му беше потчинет и самиот преподобен Ромил. Овде во Парорија преподобниот Григориј и свети Ромил се позвизувале додека тие краишта не ги нападнале безбожни Агарјани. Тогаш тие двајцата со својот старец Иларион морале да одат повторно во Загора. Потоа свети Ромил заминал на Света Гора, а преподобните Григориј и Иларион останале во Загора. По упокојувањето на старецот Иларион, Свети Григориј отишол и сам на Света Гора, и откако го нашол свети Ромил, со смирение му се потчинил како на свој духовен отец. Така тие живееле во подвизи и добродетелно во местото наречено Мелана, во близина на Великата Лавра на свети Атанасиј Атонски. За овој нивен заеднички живот и подвизи опширно зборува самиот преподобен Григориј во спомнатото житие на свети Ромил, но зборува така што од преголемото негово смирение ги изнесува само доблестите на свети Ромил, а за себе вели дека небаре имал гревови и страсти и дека преподобниот Ромил го поправал во тоа и го поучувал на вистински живот. Бидејќи на преподобните отци Ромил и Григориј почнале да им доаѓаат многу монаси и посетители, заради духовна корист и поука, тие се оддалечиле во уште поосамениот крај на Атон и таму, правејќи си ќелии, се населиле. Не поминало долго време, а Агарјани го убиле српскиот деспот Јован Угљеша, кој во ова време ја штител и помагал Света Гора. Тогаш меѓу монасите на Света Гора, а и меѓу христијаните во околните краишта, настанал голем страв и метеж, зашто се плашеле од лутите Турци и нивното безбожничко насилство. Зашто, додека живеел овој благочестив српски владател, тој ги љубел и штител светогорските манастири, а многу нивни манастири ги помагал и ги обновувал, како што и денес сведочат и потврдуваат многу светогорски манастири, кои владетелот Угљеша го сметаат за свој втор ктитор. Благочестивиот Јован Угљеша станал тогаш добротвор и ктитор на манастирите Ватопед, Хиландар, Симонопетар, Свети Павле, па и на самиот манастир Свети Николај, наречен Григоријат, кого го започнал прво светиот и велик Григориј Синаит, а конечно го устроил токму овој преподобен Григориј Молчеливиот. Кога набрзо по гибелта на благоверниот владетел Угљеша свети Ромил ја напуштил Света Гора и преминал во Албанија, во местото наречено Авлона (т.е. Валона), а потоа оттаму преминал во Србија, кај благочестивиот владетел српски, кнез Лазар, во тамошниот манастир Раваница, каде што се упокоил, свети Григориј останал на Света Гора и се подвизувал во осамена ќелија, на четврт час оддалеченост од неговиот денешен манастир Григоријат. Тука тој се подвизувал во осаменичко молитвено тихување и богоугодно молчење, поради што подоцна е наречен Молчеливиот. Иако за тоа денес немаме сочувани пишани податоци, зашто манастирот Григоријат потоа двапати доживувал големи пожари, најверојатно е дека свети Григориј за време на своето пребивање на Света Гора, всушност, станал конечен основач и ктитор на денешниот манастир Свети Николај Чудотворец, подигнат меѓу манастирот Симонопетар и манастирот Свети Павле, близу оние ќелии каде што порано се подвизувал великиот Григориј Синаит со своите ученици. Меѓутоа, преподобниот Григориј не можел долго да остане на Света Гора, зашто безбожните Агарјани повторно ги нападнале христијанските народи и краишта, сè до Света Гора. Единствен тогаш моќен христијански владател бил благочестивиот кнез српски Лазар, кој владеел во северните краишта на Србија, со престолнина во Крушевац. Неговата побожност и црквољубивост се покажала во многу нешта, а особено во богоугодниот труд на помирување на скараните Српска и Цариградска Црква (1375 год.). Позната станала и монахољубивоста на светиот кнез Лазар, зашто тој станал втор ктитор на манастирот Хиландар и на уште неколку манастири на Света Гора. Во неговата земја, во слободна Србија, Лазар подигнал прекрасно завештание, манастирот Раваница, каде, како што видовме, христољубиво го беше примил пред некоја година Григориевиот духовен отец, свети Ромил. Лазар, покрај тоа, многу гори и ридови на својата држава ги исполнил со манастири, монашки живеалишта, како што за него пишуваат тогашните историчари, па таа негова монахољубвост станала позната надалеку. Сето ова му било познато и на преподобниот Григориј, па затоа тој се одлучил да дојде со своите ученици кај благочествивиот кнез Лазар во Србија и да се насели во неговите мирни и спокојни краишта. Во 1379 год. Лазар го ослободил и го смирил од тамошните бунтовници и непријатели северниот крај на својата држава, наречен Браничево, кога токму во тоа време кај него од Света Гора стигнал преподобниот Григориј, со повеќе свои ученици и монаси, кои подоцна во Србија биле познати како подвижници „Синаити“. Тие добиле таков назив затоа што сите, како и самиот преподобен Григориј, биле поранешни ученици на великиот Григориј Синаит, за кого стана збор на почетокот. Преподобниот Григориј го замолил кнезот Лазар да му даде некое мирно и осамено место, каде што би можел да се посвети на молитвено безмолвие и богоречито молчание. Благочестивиот кнез тогаш му дал тивко и осамено место во Ждрело браничевско, во подножјето на Хомолските Планини на левиот брег на реката Млава. Над реката во карпите имало една пештера, каде што преподобниот Григориј се населил и таму молитвено тихувал. Оваа пештера тој ја претворил во црква посветена на свети Николај Чудотворец, на кого му бил посветен и манастирот Григоријат на Света Гора. Но набрзо потоа благочестивиот кнез му помогнал на преподобниот под оваа пештера да ја подигне прекрасната црква на манастирот Ждрело, која заеднички ја посветиле на Воведение на Пресвета Богородица. Така бил основан новиот манастир на преподобниот Григориј, кој и денес постои во Браничево под името Горњак. Основањето на новиот манастир потоа било потврдено од Неговата Светост Патријархот Српски Спиридон, како што за тоа кажува древната повелба, која до неодамна се чувала во манастирот Горњак. Во таа повелба патријархот Спиридон вели: „Дојде при моето смирение најчесниот меѓу монасите, старец кир Григориј со своите благоговејни иноци…Го виде моето смирение она место што му е препишано и потврдено од господинот Кнез (Лазар), наречено црква на Пресвета Богородица, со населбите и со луѓето и со сè големо и мало, на најчесниот старец кир Григориј Синаит и неговите калуѓери. Овој старец кир Григориј со своите калуѓери се потруди за подигањето и создавањето на овој храм (Воведение на Пресвета Богородица), и за други нешта, со помош на господин кнез Лазар“. Така свети Григориј Молчеливиот, подоцна наречен и Григориј Горњачки, ги продолжил своите богоугодни подвизи во Србија, сè до своето блажено упокојување во Господа. Останатите пак, монаси Синаити, што дошле со него од Света Гора, се населиле по другите краишта на Лазаревата држава, а во Србија до ден-денес се познати многу манастири кои тие ги основале, зашто многу од тие Синаити потоа биле прославени од Бога со светоста на животот и со дарот на чудотворството и нераспадливоста. Не е познато каде и кога точно се упокол овој преподобен Григориј. Според некои, тој пред своето упокојување се вратил повторно на Света Гора во својот манастир Григоријат, и таму мирно се преставил во Господа, околу 1406 год. Неговите свети мошти останале во Григоријат сè до 1761 год., кога за време на големиот тогашен пожар, монасите ги зеле и ги пренеле во Србија, во неговиот манастир Горњак. Според други, пак, преподобниот Григориј се упокоил во манастирот Горњак, и погребен е покрај горната пештерска црквичка во Горњак. Неговите свети мошти пребивале некое време во тој манастир, па потоа во текот на долгите векови турско ропство се пренесувани и на други места, во манастирот Орешковец, во манастирот Војловица во Банат и по други места. Така, можеби дел од моштите на свети Григориј се наоѓаат и во неговиот манастир Григоријат на Света Гора, од каде потоа тој дел е повторно вратен во манастирот Горњак. Денес светите мошти на свети Григориј се наоѓаат во неговиот манастир Горњак. За време на Втората светска војна, поради опасност од Германците, тие биле пренесени во соборната црква во Пожаревац, но по војната се вратени во Горњак. Во 1977 год., игуменот на манастирот Григоријат од Света Гора, архимандритот Георгиј, се обратил со писмо до епископот Браничевски и манастирот Горњак со молба да му подарат на неговиот манастир мошти од свети Григориј, како ктитор на Григоријатскиот манастир (зашто, во стариот Синаксар и Службата на ктиторот на манастирот Григоријат, преподобниот Григориј, стои дека тој „дошол од Србија“ и го основал на Света Гора нивниот манастир Свети Николај, а тоа го потврдуваат општото светогорско предание и старите словенски Синаксари). На оваа молба на манастирот Григоријат, Епископот Браничевски и манастирот Горњак одговориле така што дел од моштите на свети Григориј од Горњак доставиле до манастирот Хиландар, со молба на празникот Воведение (1977 год.) свечено да им ги предадат на братството на манастирот Григоријат, кога ќе дојдат на празникот во Хиландар, што и е исполнето. Инаку, манастирот Григоријат го слави споменот на преподобниот Григориј на 7 декември (следниот ден по Свети Николај), а тоа е денот на упокојувањето на преподобниот, што се слави во манастирот Горњак, и под кој се спомнува во старите Пролози и Синаксари. Веќе и според иконите на преподобниот Григориј, кои се наоѓаат во манастирот Григоријат и во манастирот Горњак, се гледа дека тоа е еден и ист светител. По неговите свети молитви, Господ и нас нека нè помилува и спаси. Амин.

Тропар
Голема пофалба за тебе Господ објави, о свет Григорие, и како Негов преподобен див, ангелите прославата ја вознесоа по целата вселена, радувај се Синаите, радувај се Светогорче, радувај се Божји угодниче, чие молчание молитвено тишината ја надмина, и за нас моли се од пределите на Вечната Слава.

Поврзани теми

To top