Живот и Стил мпц

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Вознесение Христово – Спасовден

Четириесет дена по Воскресението, Спасителот го остварува она што го вети од почетокот. Се врати при Својот Отец за да Го испрати при учениците Духот на Вистината. Оттогаш Христос седи од десната страна на Отецот. Одењето кај Отецот е чин јавен: се случува пред очите на апостолите. Христос се подига во воздухот и облак Го подзема носејќи Го на небото. Последните пораки што им ги дава се подготовки за Педесетницата. Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушале од Мене! Зашто Јован крштеваше со вода, а вие не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух. А тие, кога се собраа, Го прашаа велејќи: Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево? И Он им одговори: Не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт; но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата (Дела 1, 4 – 8). И веднаш, додека гледаа како се крева на небото, двајца мажи во бела облека, всушност ангели, благовестеа за Второто доаѓање на Христос на земјата. Наспроти упатството да не умуваат околу времињата на овие настани, кои се во Божја власт, во првите години па и векови по Вознесението, христијаните очекуваа самите да бидат очевидци на земјата на славната Парусија Господова.

Тропар
Си се вознел во слава, Христе Боже наш, и си ги зарадувал учениците со ветувањето на Светиот Дух, а со благословот си ги уверил дека Ти си Синот Божји, Избавителот на светот.

Кондак
Откако ја исполни промислата за наша полза, и земното го соедини со небесното, се вознесе во слава, Христе Боже наш, без да се разделиш од нас, но останувајќи секогаш со нас, и повикувајќи им на оние што Те љубат: Јас сум (секогаш) со вас, и никој ништо против вас не може.

Светиот апостол Ерма

Еден од Седумдесеттемина. Се спомнува во Посланието на Павле до Римјаните (16, 14). Родум беше Грк, но долго време живееше во Рим. Беше епископ во Филипопол, а животот го заврши маченички. Според откровение од ангел Божји ја состави многупоучната книга „Пастир“. Ерма беше богат човек, но заради гревовите на своите синови западна во крајна сиромаштија. Еднаш на молитва му се јави човек во бела облека со стап во рацете и му рече дека е тој ангелот на покајанието којшто нему му е пратен за да го придружува до крајот на животот. Ангелот му даде дванаесет заповеди: 1) да верува во Бога; 2) да живее во простота и невиност, да не злослови и да му дава милостиња на секого што проси; 3) да ја љуби вистината и да ја одбегнува лагата; 4) да го чува целомудрието во помислите; 5) да се учи на трпение и великодушност; 6) да знае дека покрај секој човек е поставен еден добар и еден зол дух; 7) да се плаши од Бога и да не се плаши од ѓаволот; 8) да прави секакво добро и да се воздржува од секое зло; 9) да Му се моли на Бога од длабочината на душата со вера; 10) да се чува од тагата, која е сестра на сомнежот и гневот; 11) да ги испитува вистинитите и лажните пророштва; 12) да се чува од секоја зла желба.

Тропар
Како огнот што го загрева железото, така благодатта срцето човеково, за да го покаже сето она што е нечисто, о Ермо велики, Бог те ослободи од робувањето на овој свет, за ангел да ти испрати. Пастиру Божји, дванаесет заповеди како на круна бисери, објави на оние кои стојат на молитва, да бидат светилници на патот на спасението.

Светиот маченик Ермиј

Остаре како царски војник и на старост пострада за Христа. Откако злобниот судија залудно го одвраќаше од верата во Христа и залудно го советуваше да им принесе жртви на идолите, нареди и забите му ги исчукаа со камења, а кожата од лицето му ја одраа со нож. Потоа го фрлија во огнена печка, но тој стана, сочуван од благодатта Божја. Потоа го испи најлутиот отров, којшто некој волх му го даде на наредба од судијата, но отровот воопшто не му наштети. Кога го виде тоа волхот толку се изненади, што јавно Го исповеда Христа, за што веднаш беше убиен со меч. Потоа на Ермиј му ги ископаа очите, но тој не жалеше, а му викна на судијата: „Земи си ги овие телесни очи што ја гледаат суетата на светот, јас имам очи на срцето, со коишто јасно ја гледам Светлината на Вистината“. Потоа беше главечки обесен, но тие што го обесија ослепеа и се тетеравеа околу него. Свети Ермиј ги повика кај себе, ги положи рацете на нив и со молитва кон Господ им го врати видот. Кога го виде ова судијата се разјари како лав, па извади нож и му ја отсече главата на Божјиот човек. Христијаните скришно го зедоа телото на Ермиј и чесно го погребаа. Неговите мошти им даваа исцеление на сите болни и неволни.

Тропар
Кон тебе денес припаѓаме, Ермие, војник на небесниот и бесмртен Цар Христос, кој во мачеништво со благодатта Господова чудеса твореше: слепи прогледуваа, загубени се спасуваа. За нас сега застапи се, пред Христа Бога, да се спасат нашите души.

Светиот маченик Философ

Овој Христов маченик беше родум од околината на Александрија. За време на прогонствата на христијаните Свети Философ не сакаше да се одрече од Господ Христос пред незнабожните кнезови и судии. Заради ова незнабожците го удрија на лути маки. Откако беше мачен со најразлични маки, го положија најпосле во мека постела, му ги врзаа рацете и нозете и му пуштија една развратна жена да го наведе на грев. Кога Свети Философ почувствува дека во него се буди желба од допирот на женските раце, тој со заби си го стегна јазикот, со сета сила го откина и го плукна во лицето на блудницата. Од тоа похотта во него згасна, а блудницата толку се ужасна, што веднаш побегна од него. Потоа беше убиен со меч околу 252 година, на млади години, па се пресели во царството на вечната младост.

Поврзани теми

To top