Живот и Стил МПЦ

Покрај Свети Никола, утре се празнуваат и овие светители

Покрај Свети Никола, утре се празнуваат и овие светители

Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Св. Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостиња, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3). Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, неустрашлив. Св. Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, но тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји. Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архиерејската служба, с ? додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре ангел Божји. Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост малку се разболе и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Тропар
Правило на верата, и пример за кроткоста, и учител на воздржанието, те покажа на твоето стадо вистината на твоите дела. Поради тоа, со смирение си ја придобил возвишеноста, со сиромаштво – богатството, оче, свештеноначалниче Николае. Моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.

Кондак
Светителу, во градот Мир се покажа како вистински свештенодејствител: откако го исполни Христовото Евангелие, преподобни, ја положи душата своја за луѓето твои, и од смрт ги спаси невините; поради тоа се освети, како голем тајник на Божјата благодат.

Свети Николај, епископ Патарски

Тој е чичкото на големиот светител Николај. Го поучи во духовниот живот и го ракоположи за свештеник.

Светиот маченик Никола Караман

Луто мачен од Турците за верата Христова и обесен во Смирна во 1657 година.

Тропар
Вистината на верата слобода ти подари, иако телесно во ропство живееше, свет Христов мачениче Николае, и затоа воскликнуваше дека без Христа ништо не си, прифати венец и Крст маченички за да стигнеш до Господовите дворови, како птица рајска која за нас се моли, во вечни векови.

Свети Теофил, епископ Антиохиски

Како добро школуван во елинската философија откако го прочита Светото Писмо се крсти и стана голем заштитник на христијанската вера. Неговото дело „За верата“ е сочувано до денес. Управуваше со Црквата во Антиохија тринаесет години и се упокои во 181 година.

Тропар
Богомудар те направи Изворот на животот, и те приведе тебе, епископе свет, Теофиле, ловец на души човечки да бидеш. А ти како верен слуга на Пастиромаченикот нe обогати нас со слово живо и молитви на кои се повикуваме, помилувани од Христа Бога да бидеме.

Поврзани теми

To top