Живот и Стил ПРАЗНИЦИ

„Наша татковина и наш живот е Пресвета Троица“ – еве кои светители ги празнуваме денес

Пострадаа за време на Сапор (Савориј) во 355 година

„Наша татковина и наш живот е Пресвета Троица“ – еве кои светители ги празнуваме денес

ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ

Денеска е Светите маченици Акиндин, Пигасиј, Анемподист, Автониј, Елпидифор и другите со нив

Христијани од Персија. Пострадаа за време на Сапор (Савориј) во 355 година. Првите тројца беа слуги на дворецот на истиот цар, но тајно Му служеа на својот Господ Христос. Кога беа обвинети и изведени на суд пред царот, тој ги праша од каде се.

На тоа одговорија: „Наша татковина и наш живот е Пресвета Троица, единосушна и неразделна, Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот Бог“. Царот ги удри на големи маки , но тие претрпеа јуначки со псалмопение и молитва на усните. За време на мачењата и во затворот повеќепати им се јавуваа Божји ангели, а еднаш и Самиот Господ Христос како човек „со лице светло како сонце“. Штом еден од мачителите, Автониј, го виде чудото кога врелото олово не им наштети на мачениците, поверува во Христа и возвикна: „Голем е христијанскиот Бог!“ За ова веднаш го убија со меч. И многумина други видоа и поверуваа. Тогаш царот нареди и во кожни мевови ги зашија Акиндин, Пигасиј и Анемподист и ги фрлија во морето. Но им се јави од оној свет Св. Автониј со тројца светли ангели, ги изведе Светите маченици на суво и ги ослободи. Елпидифор беше царски големец. Кога изјави дека е христијанин и го изобличи царот за убивањето на невините христијани, царот го осуди на смрт. Го убија Елпидифор и околу седум илјади други христијани со него. А оние тројца први маченици најпосле ги фрлија во огнена печка, заедно со дваесет и осум војници и со мајката на царот, бидејќи и тие поверуваа во Христа. Во тој пламен ги предадоа нивните праведни души во рацете на својот Господ.

Тропар

Страдалници Господови, блажена е земјата која се напои од вашата крв, и свети се населбите кои ги примија телата ваши. На боиштето непријателот го победивте, и Христа со смелост Го проповедавте, него како Добар молете Го да се спасат нашите души, ве молиме.

Преподобен Маркијан Кирски

Од градот Кир во Сирија. Се одликуваше со благородно потекло и со вонредна телесна убавина. С ? остави заради Христа и се повлече во пустината Халкидска заради отшелнички подвиг. Тој е современик на патријархот Флавијан Антиохиски и на царевите Констанциј и Валент. Во неговата келија ноќе светеше Божествена светлина, под која го читаше Светото Писмо и никогаш немаше потреба од друга светлина. Беше голем чудотворец за време на животот и после смртта. Пред смртта му заповеда на својот ученик Евсевиј да го скрие неговото тело и тајно да го закопа, заради мноштвото обожаватели. Се упокои во Господ во 387 година.

Тропар

Ќелијата затворничка светла одаја постана кога благодатта Господова ја осветли со зраци на светлината нетварна, о Mаркијане, саду на Духот Свети, кој мноштво ереси посрами и души залутани приведе. Моли се за нас сега од Царството на Вечната Вистина, ти кој славата Господова ја подигна над секое човечко битисување.

Светиот свештеномаченик Викторин, епископ Патавски

Многумина мислат дека по потекло бил Словен. Блажениот Јероним го истакнува како маж учен и благочестив. Знаеше подобро грчки одошто латински. Напиша толкувања на неколку книги на Стариот и Новиот Завет. Пострада за верата Христова околу 303 година.

To top