Живот и Стил

Календар на МПЦ: Утре се слават овие светители

Светите маченици Агатопод и Теодул

Календар на МПЦ: Утре се слават овие светители

Првиот беше ѓакон, а вториот чтец на црквата во Солун; првиот преукрасен со старечка мудрост, а вториот со младешка девственост. Во времето на Диоклецијановата хајка на христијаните овие двајца беа повикани на суд. Тие се одѕваа со радост и држејќи се еден другиот за рака одеа викајќи: „Ние сме христијани!“ Сите совети на судиите да се одречат од Христа и да им се поклонат на идолите останаа залудни. После долготраен затвор и гладување ги осудија на смрт со потопување во морето. Рацете им ги врзаа наопаку и им обесија по еден тежок камен на вратот, па ги поведоа на потопување. Кога сакаа да го турнат прв Агатопод во длабочината, тој возвикна: „Еве, со второ Крштение се миеме од сите наши гревови и излегуваме чисти пред Христа Исуса!“ Нивните потопени тела морето наскоро ги исфрли на брегот, а христијаните чесно ги погребаа. Свети Теодул во сон им се јави на своите познаници како светол ангел во бела облека и им нареди сиот негов преостанат имот да им го раздадат на сиромасите. Овие прекрасни Христови војници чесно пострадаа за верата во времето на царот Диоклецијан и солунскиот кнез Фаустин во 303 година.

Тропар
Вистина непоколеблива имајќи во срцата ваши, Агатоподе и Теодуле, познавте дека земниот живот е суета, сенка и сон, а верата во Љубовта го отвора патот до вечноста. Христос Господ, Кој ве приведе кон такво познание, молете Го вие, свети маченици, да ги помилува нашите души.

Преподобен Марко Трачески

Се нарекува уште и Атински, според неговото родно место Атина. Кога таму ги заврши високите школи, родителите му умреа. Тој во себе помисли дека благовремено треба да се подготви за чесно заминување од овој свет. Откако им го раздаде имотот на сиромашните, седна на една штица и тргна по морето со тврда вера во Божјата помош и молејќи Го Бога да го одведе на место коешто ќе ? биде угодно на Неговата Света волја. Промислителот Бог го одведе во Ливија (или Етиопија), на планината наречена Траческа. На оваа планина Марко се подвизуваше полни деведесет и пет години и не виде таму ниту човек ниту ѕвер. Цели триесет години водеше страшна борба со демоните и се мачеше со глад и жед и жега и мраз. Јадеше земја и пиеше морска вода. После триесет години најжестоко страдање демоните победени побегнаа од него, а ангел Божји почна секој ден да му носи храна во вид на леб, риба и овошје. Пред смртта дојде да го посети Св. Серапион, којшто потоа и го објави житието на овој чудесен светител. Го запраша Марко Серапион: „Има ли денес христијани во светот кои кога би ? рекле на оваа гора: „Дигни се одовде и фрли се в море “, тоа и би се случило?“ Во тој миг накај морето се крена планината на којашто седеа самите. А Марко замавна со раката и ја запре. Таква чудотворна сила имаше овој Божји човек. Пред смртта се помоли за спасението на луѓето и Му ја предаде својата душа на Бога. Св. Серапион ги виде ангелите што ја зедоа душата на Св. Марко и раката што се пружи од небото за да ја прифати. Свети Марко поживеа сто и триесет години и се упокои во Господ околу 400 година.

Тропар
Љубовта твоја, о Марко свети, го најде Изворот нејзин, и ревноста подвижничка ја изѕида гората висока, од каде Хистос за тебе света трпеза постави. Ангели испратени ја мереа големината на подвигот, а ти непрестаjно, незапирливо слава на Господа воздаваше, радувај се и за нас моли се, саду на зрната синапови, кого Спасителот Сам во своите прегратки го прими.

Преподобна Теодора Солунска

Теодора беше жена на имотен и благочестив човек и живееше на островот Егина. Но, кога Арапите ја загрозија Егина, тие се преселија во Солун. Овде својата ќерка единица ја дадоа во манастир и таа во монаштвото го доби името Теописта. Наскоро мажот ? на Теодора се упокои, та и Теодора се замонаши. Беше голема подвижничка. Често слушала ангелско пеење и им говорела на сестрите: „Не слушате ли колку прекрасно пеат ангелите во небесното светилиште?“ Се упокои во седумдесет и петтата година од животот, во 879 година. Од нејзиното тело потече целебно миро, од кое многумина се исцелија.

Тропар
Блажена си ти, Теодоро, на која Спасителот изли миро на смирение, гледајќи ја радоста на срцето твое. Блажена си ти, по чии молитви и денес се спасуваме, целивајќи ги светите мошти твои, и на Бога слава воздаваме, за милоста која преку тебе нам ни ја покажува.

Поврзани теми

To top