Живот и Стил

Календар на МПЦ- Утре се празнуваат овие светители

Календар на МПЦ- Утре се празнуваат овие светители

Светиот маченик Андреј Стратилат

Беше офицер-трибун во римската војска во времето на царот Максимијан. Роден е во Сирија и таму беше на служба. Кога Персијанците го загрозија со војска римското царување, на Андреј му беше доверена војска во борба против непријателите. Во таа прилика го произведоа за војвода-стратилат. Бидејќи беше потаен христијанин, иако уште некрстен, Андреј се понадева во живиот Бог и од мнозинството војници ги избра само најдобрите и со нив појде во битка. Пред битката им рече на своите војници дека ако сите Го повикуваат напомош единствениот вистински Бог Господ Исус Христос, нивните непријатели како прав ќе се распрснат пред нив. И навистина, сите војници вдахновени од Андреј и од неговата вера Го повикаа напомош Христа и извршија јуриш. Персиската војска беше наполно сотрена. Кога победоносниот Андреј се врати во Антиохија, некои завидливци го обвинија како христијанин и царскиот намесник го повика на суд. Андреј отворено ја изјави својата непоколеблива вера во Христа. После тешки измачувања намесникот го фрли во затвор и му пиша на царот во Рим. Знаејќи го угледот што го имаше Андреј кај народот и кај војската, царот му нареди на намесникот да го пушти на слобода, но да демне друга прилика и друга причина за да го убие. Во откровение од Бога Андреј дозна за таа царска наредба, па ги зеде со себе сите свои верни војници, две илјади петстотини деведесет и тројца на број, отиде со нив во Тарс Киликиски и таму ги крсти сите епископот Петар. И овде прогонуван од царските власти, со својата дружина Андреј се повлече далеку во ерменската планина Таврос. Овде во еден теснец, додека сите беа на молитва, пристигна римска војска и ги закла сите до еден. Никој од нив не сакаше да се брани, а сите беа желни за маченичка смрт за Христа. На тоа место каде што се излеа потокот од маченичка крв, изби извор со лековита вода, којашто исцелуваше од секакви болести. Епископот Петар дојде потајно со свои луѓе и чесно ги погреба телата на мачениците на она место. Сите чесно пострадаа и стекнаа венци на бесмртна слава во царството на Господ Христос.

Тропар
Славата на земниот повик оставајќи го, Царството Небесно си го наследил, со капки крв како со скапоцени камења и со нетлени венци си се украсил, приведувајќи кон Христа собор на маченици. Со ангелските чинови во невечерната светлина, незалезното сонце Христос си Го здогледал, свет Андрее Стратилате, со оние кои пострадаа со тебе, Него секогаш моли Го да ги спаси нашите души.

Преподобен Теофан

Роден е во Јанина и како момче остави с ? и отиде на Света Гора, каде што се замонаши во Дохијарската обител. Им беше пример на монасите во постот, молитвата, себелишувањето од излишни нешта. Затоа по некое време беше избран и за игумен. Но подоцна заради некои несогласувања со монасите ја напушти Света Гора и со својот внук од сестра дојде во Верија Македонска, каде што основа еден манастир во чест на Пресвета Богородица. Кога манастирот процвета со духовен живот, тој го остави својот внук да управува со него, а самиот отиде во Науса, каде што основа друг манастир во чест на Светите Ангели. Мирно се упокои во 4 век. Неговите чудотворни мошти и сега лежат во Наус и низ нив во изобилност се пројавува Божествената сила.

Тропар
Напојувајќи се со љубовта која само се умножува, преподобен оче Теофане, за зло не го зеде неверството човечко, туку смирение смерно за секого покажа, угледувајќи се на Христа, затоа Домостроителот благодат ти умножи и со чудотворства те закити, тебе молитвеникот наш непрестан, пред Спасителот на нашите души.

Светите маченици Тимотеј, Агапиј и Текла

Пострадаа за Христа во времето на злиот цар Диоклецијан. Тимотеј беше изгорен на оган, а Агапиј и Текла ги фрлија пред ѕверови.

Тропар
Виорот на благодатта ги опфати и срцата ваши, о свети маченици Тимотее, Агапие и Текло, и вие Христа Го посведочивте телото раздавајќи го, но бисер драгоцен добивајќи. Радувајте се сега и за родот човечки молете се, да остане непоколеблив во верата која спасува.

Поврзани теми

To top