Живот и Стил

Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

Календар на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

Светите апостоли Ераст, Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј

Сите беа од Седумдесеттемина апостоли. Последните тројца се спомнуваат и на друго место, и тоа: Родион на 8 април, Сосипатар на 28 април, а Терциј на 30 октомври. Светите Олимп и Родион беа следбеници на апостолот Петар и кога тој пострада пострадаа и тие, на заповед од Нерон беа обезглавени. Ераст беше најпрво економ на Црквата во Ерусалим, а потоа епископ во Панеада Палестинска. Кварт беше епископ во Бејрут, многу страдаше, но и многумина ги приведе кон Христовата вера. Сосипатар беше епископ во Иконија, а Терциј беше втор епископ во истата таа Иконија. Духовно војуваа, станаа победници и зедоа венци на невенлива слава.

Тропар
О, свети апостоли, Христос Спасителот во вас се зацари, душата во убавина се облече и венци за вас Животот исплете. За Олимпа и Родиона маченици Ерост и Кварт, Сосипатар и Терцие епископи, Свети чувари на Божествените повелби, молете се за нас о, вие кои послуживте како бисери на Љубовта, за родот човечки.

Светиот маченик Орест

Од градот Тијана во Кападокија. Св. Орест од раѓање беше христијанин, а лекар по занимање. Беше сурово мачен од некој свиреп кнез Максимин во времето на царувањето на Диоклецијан. Кога кнезот најнапред го советуваше да се одрече од Христа и да им се поклони на идолите, Орест одговори: „Кога ти би ја познал силата на Распнатиот, би ја отфрлил идолската лага и би Му се поклонил на вистинитиот Бог“. За ова беше многу биен, стружен и растргнуван, горен со врело железо, па најпосле фрлен во затвор за да умре од глад. Младиот Орест помина седум дена без леб и вода. Осмиот ден повторно го изведоа пред кнезот, којшто му се закани со страшни маки. На ова Орест му одговори: „Готов сум да претрпам секаква мака, бидејќи го имам знакот на мојот Господ Исус Христос изобразен на моето срце“. Тогаш кнезот нареди и му удрија во нозете дваесет железни клинци, го врзаа за коњ и го збоднаа по трња и камења, додека не издивна. На местото каде што беше фрлено телото на Божјиот маченик Орест се јави еден човек светол како сонце, па ги собра сите негови коски и ги пренесе на еден рид близу градот Тијана, таму ги погреба чесно. Овој прекрасен светител Орест му се јавил на Св. Димитриј Ростовски и му ги покажал сите свои рани на телото.

Тропар
Ти кој Име Христово посакуваше на срце твое да биде запишано, исповедниче на Бога Живиот, лекару кој со благодат Господова мртвите во живот ги приведуваше, Оресте свет, моли се за нас грешните, кои денес те чествуваме и твоето свето мачеништво го прославуваме.

Свети Нон, епископ Илиополски

Се прочу како голем подвижник во Тавенскиот манастир во Мисир, заради што 448 година го избраа за епископ на Едеската епархија. Подоцна премина во епархијата Илиополска. Овде тој обрати во верата Христова триесет илјади Арапи. По смртта на епископот Ив Свети Нон повторно се врати во Едеса, каде што остана до својата смрт, во 471 година. По неговите молитви кон Христа се обрати и прочуената грешница Пелагија, којашто потоа се прослави со свет живот (види под 8 октомври).

Тропар
Ангел Господов те следеше по сите патишта на животот твој, а Христос срца отвораше, на луѓе пред твоето смирение, о Нонe, свет епископе. Моли се за нас, благодатен пастире, кој трпеливо секого го водеше до Изворот на жива вода, Кој Е Господ Спасителот.

Поврзани теми

To top