Живот и Стил најстрог пост

Денеска е Велики Петок

Денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време.

Денеска е Велики Петок

На Велики Петок Црквата ги споменува смртта и погребението на Господ Исус Христос и Неговото слегување во адот. Ова е стожерна точка во Страдалната седмица, тогаш Богочовекот Кој невино пострада за спасението на човечкиот род ја стекна благодатта на искупувањето од прародителскиот грев, со што се обезвласти владеењето на смртта и на пеколот (демоните) над природата на човекот. (Попросто кажано, оттогаш луѓето живеејќи богоугодно, очистувајќи ги своите срца од страстите, повторно можат да стануваат слободни личности и како такви наследници на рајот.)

За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. На Велики Петок тајниот Христов ученик Јосиф од Ариматеја го измоли од Пилат мртвото тело на невино распнатиот Господ Исус, а јудејскиот кнез Никодим којшто и самиот тајно Го следеше Христовото Божествено учење, со смеса од смирна и алој Му го подготви телото за погребение. Погребот е извршен во петок пред Пасха, во свеж гроб во близината на Голгота (сопственост на Јосиф од Ариматеја). Присутствувале само неколку луѓе.

Долгата традиција на споменувањето на овој ден го исполнила со вонредни богослужбени дејства (ги изобразуваат настаните што се случија на Велики Петок: ова започнува со утрената, којашто како бдение се служи уште вечерта во Четвртокот, во која се објавува евангелската историја за страдањата и смртта на Господ Исус Христос во дванаесет евангелија). Со оглед дека на Велики Петок Богочовекот Исус Христос Му се принесе Себеси како благодарствена и искупителна жртва на Бога Отецот во име на севкупната човечка природа (човечкиот род), во Црквата не се служи Светата Евхаристија, освен можеби литургијата на претходно осветени дарови. Во аскетската книжевност, Светите отци особено се задржуваат на карактерот на молитвата на Господ во Гетсиманската градина произнесена на Велики петок, и ја покажуваат како извор, вдахновение и пример на она вонредно животворно ’сеќавање на смртта’ што е преисполнето со безостатната предаденост на Синот кон волјата на Бога Отецот.

Тропар
Како овца на колење си бил воден, Христе Цару, и како јагне невино на крст си се приковал, од луѓе нечестиви, заради нашите гревови, Човекољупче.

Кондак
Дојдете сите да Го воспееме заради нас Распнатиот, зашто Него Го виде Марија на крстот и говореше: Иако трпиш распнување, Ти си Син и Бог мој.

To top