Од Седумдесеттемина. Свети Стахиј му беше помошник на Св. Андреј Првоповикан. Свети Андреј го постави за епископ во Византија. Ја устрои Црквата во Аргиропол и со своето стадо управуваше верно и ревносно. По седумнаесет години епископство се упокои мирно во Господ. Амплиј и Урван исто така соработуваа со Св. Андреј и од него беа поставени за епископи, и тоа Амплиј во Лида или Диоспол Јудејски, а Урван во Македонија. Обајцата пострадаа маченички за Господ Исус Христос. Наркис беше поставен од апостолот Филип за епископ во Атина. Св. Апелиј беше епископ во Ираклија Тракиска. Аристовул, брат на Варнава, ја проповедаше Христовата вера во Британија и таму се упокои мирно.
Тропар
О достославни ученици Христови, вие Бисерот го најдовте, радоста со родот човечки ја споделивте, со неа исполнети маките и прогоните за трици ги сметавте, Стахие, Амплие, Урване, Наркисе, Апелие и Аристовуле, ние денес преку вас на Христа Му благодариме, што вистината ја сокри од мудрите, а нас со неа кон спасение нe приведе.
Светиот маченик Епимах
Родум од Мисир, во Мисир се подвизуваше, во Мисир маченички и го заврши овоземниот живот. Подражавајќи го Св. Јован Крстител уште како млад се оддалечи во пустината. Заради неговата голема љубов кон Бога Светиот Дух го поучи во секоја вистина, за тоа како треба да се подвизува. Но Епимах дозна дека неверниците ги мачат и ги убиваат христијаните во Александрија заради Христа. Па сиот распален од ревност кон верата отиде во градот и ги урна идолите. Кога незнабожците почнаа да го мачат заради ова, тој возвикна: „Удирајте ме, плукајте ме, ставете ми трнов венец на главата, дајте ми трска во рацете, напојте ме со жолчка, распнете ме на крст и потоа прободете ме – тоа го претрпе мојот Господ, тоа и јас сакам да го претрпам“. Во толпата народ што го гледаше мачењето на Свети Епимах имаше и една жена со слепо око. Таа плачеше горчливо од жал гледајќи го бездушното мачење на Божјиот угодник. И кога мачителите го стружеа телото на Светиот Христов маченик, од него прсна крв и една капка од крвта падна на слепото око на онаа жена. Одеднаш жената прогледа и слепото око ? стана здраво како другото. Тогаш жената возвикна: „Голем е Бог во Којшто верува овој страдалник!“ По ова на Свети Епимах му ја отсекоа главата и неговата душа се пресели во вечната радост, околу 250 година.
Тропар
Оче свети духовен, ревносен слуго на Бога Живиот, Епимах свет испосниче, ја прими Господ молбата твоја, со маченички венец украсувајќи те, исповедник на вистината те покажа, на чии молитви свети ние денес се надеваме од Милосрдниот простување на гревовите да добиеме.
Светиот маченик Никола Хиоски
Побожно момче и голем ревнител за Христовата вера. Роден е во селото Киријах на островот Хиос, каде што беше мачен од Турците и го заклаа во 1754 година, кога Му ја предаде својата света душа на Бога.
Тропар
Љубовта Христова срце и душа ти освои, благодатта во подвигот маченички те закрепна, силата Господова во немоќта телесна чуда преку тебе пројавуваше, о Николае свет мачениче, а Пресветата рака ти подаде, приведувајќи те во населбите на живите. Затоа за нас моли се, ти кој од минливоста се избави и вечност Христос ти подари.
Преподобните Спиридон и Никодим
Монаси и просфорници во Печерскиот манастир. Спиридон беше неписмен а го знаеше наизуст целиот Псалтир и вршеше чуда за време на животот. Се упокои во 1148 година.
Тропар
Блажени сте вие, Спиридоне и Никодиме, отци преподобни, кои во простота деца останавте, Господ од устите ваши пофалби прими, а од рацете дарови кои Духот Свети ги освети. Радувајте се и за нас молете се, псалмопевци на Вечниот Бог, Кој дојде за спасение на родот човечки.