Неколку години по кражбата на ВЦ-школката од 18-каратно злато, од палатата Бленхајм во југоисточна Англија, денеска се обвинети четворица мажи.
Тоалетот именуван „Америка“, е дело на италијанскиот концептуален уметник Маурицио Кателан, а претставува сатира на прекумерното богатство. Проценет е на 4,8 милиони фунти (околу 5,56 милиони евра) и беше дел од уметничката инсталација во палатата во близина на Оксфорд, во местото каде што е роден поранешниот британски премиер Винстон Черчил. Оттаму ВЦ-школката беше украдена, во септември 2019 година – само неколку дена откако беше изложена.
Британската Кралска истражна служба објави дека го одобрила обвинението против четири мажи, на возраст меѓу 35 и 39 години, за кражба на тоалетот. Осомничените ќе се појават пред судот во Оксфорд на 28 ноември, соопштија обвинителите.
Украденото уметничко дело никогаш не е пронајдено.
Во врска со овие настани беа уапсени уште седум лица, но до денес, четири години по кражбата, не е покренато обвинение против нив.
Златната ВЦ-школка функционираше целосно како тоалет, а посетителите на првата изложба можеа да закажат дури три минути негово користење. И, бидејќи тоалетот бил поврзан со одводот на палатата, неговото отстранување предизвикало значителна штета и поплави во зградата од 18 век, којашто УНЕСКО ја има прогласено за светско наследство.