Во време кога начинот на живот и трендовите брзо се менуваат, тешко е да се најдат поединци кои со љубов ѝ се враќаат на старата елеганција и негуваат страст за минатото.
Но, таква е приказната за Либерти и Грег, млад брачен пар од истокот на Англија кои решиле да живеат во стилот од 1940-тите. Грег Кирби (29) и Либерти Ејвори од селото Дичингем во Округот Норфолк, користат мебел од пред скоро еден век, одат на одмор како во 40-тите, возат американски џип од 1942 година, а секако – носат и облека од тоа време… Венчавајќи се и живеејќи во стилот од 1940-тите, вели двојката за британски „Би-би-си“, избегале од брзото темпо на 21 век.
– Тоа е навистина прилично едноставен живот… Кога ја планиравме венчавката, на пр., се обидовме да направиме традиционална венчавка каква што веројатно би имале нашите баби и дедовци. Во тој случај веројатно и тие не би потрошиле многу пари на свадба, па и ние не потрошивме многу пари на нашата венчавка, појасни Грег.
Венчавањето се одржало во околната црква, а дочекот на гостите – во селската гостилница. (МИА)
И кога младиот пар оди по улица, често привлекуваат погледи поради својот ретростил и изглед. Но, Либерти вели оти реакцијата на минувачите е главно позитивна.
– Понекогаш се шегуваат со нас, но тоа всушност е убав начин да запознаеш нови луѓе, вели таа.
Заедно со сите овие особености, парот се труди и максимално да ја ограничи и употребата на новите технологии. На сметка на тоа, во слободно време ги играат старите друштвени игри, а Ејвори има хоби да готви според рецепти од 1940-тите и самата да шие облека од тогашната мода, денес со многу поквалитетна облека којашто може да се носи и по неколку години.