Мексиканската компанија Геотест (Geotest) го вработи мачорот Мјаурисио како „менаџер за емоционална поддршка“ за вработените, откако го пронашле исцрпениот мачор во близина на седиштето на фирмата. По ветеринарскиот преглед, мачорот доби име, картичка за идентификација, униформа прилагодена на неговата големина и официјално „работно место“ во компанијата.
Во едно од видеата на социјалните мрежи се гледа како „потпишува“ договор со отпечаток од шепа. Според договорот, Мјаурисио почнува да работи „кога ќе се разбуди“, ја завршува смената „кога ќе му здосади“ и има право на седум дремки дневно, паузи за истегнување и време за „гледање во ѕид без посебна причина“. Меѓу поволностите се и храна во гранули, картичка за мачкини потреби, годишен бонус и одмор.
Негови работни задачи се: „надзор со нежен поглед“, „преглед на торби и кутии“, „седење на важни документи“ и „професионално мрдење“, додека пак, „платата“ му се состои од внимание, галење и грижа од страна на вработените. Со оваа постапка, компанијата нагласува дека целта им била да се подобри работната атмосфера, а приказната на социјалните мрежи предизвика бројни позитивни и хумористични реакции.