Тешко е да се забележи губењето на слухот бидејќи тој се влошува како што старееме. Тоа е така затоа што ситните слушни клетки кои личат на влакна во вашето внатрешно уво сѐ повеќе се оштетуваат со текот на годините. Но, тест смислен од научници може да ви ја покаже вистинската возраст на слухот.
Овој тест, кој трае помалку од една минута, открива дали имате ризик да го изгубите слухот. Се заснова на студија од 2021 година од Кина, која анализирала како влијае возраста врз способноста да се слушаат различни фреквенции. Фреквенцијата на тонот што корисниците можат да го слушнат се мери во херци (Hz) и се користи за процена на возраста на слухот кај луѓето. Повеќето луѓе на почетокот на животот можат да слушнат звуци до 20.000 Hz. Тоа се намалува на речиси половина, односно на 11.500 Hz, кога ќе ги поминете четириесеттите.
Во неодамнешната анализа на резултатите од верзијата на овој тест, базирана на апликацијата „Иарџим“, е откриено дека речиси половина (47 проценти) од луѓето на возраст од 16 до 35 години имаат слух постар од нивната биолошка возраст.
Докторот и коосновач на компанијата „Иарџим“, Енди Шанкс, изјавил дека повеќето луѓе ќе доживеат некаков вид губење на слухот во текот на животот. Тој предлага редовно да го тестирате вашиот слух за да откриете какви било абнормални промени.
– Ако можеме рано да ги забележиме знаците и да направиме некои мали промени, можеме да преземеме чекори за да го заштитиме нашиот слух и да спречиме да го изгубиме – истакнал Шанкс.