Кинески истражувачи развија нов материјал и технологија заснована на магнетна течност за затворање на левата преткомора, насочена кон спречување на згрутчување на крвта и мозочен удар кај пациенти со неправилни срцеви отчукувања, објави Шјинхуа.
За разлика од традиционалните цврсти уреди за вградување, новиот метод користи течност што ја исполнува празнината и целосно се прилагодува на неа. Ова претставува премин кон таканареченото целосно затворање со течност. Магнетофлуидот што се користи за оваа намена содржи магнетни честички и посебна течност што се стврднува на потребното место. Може да се контролира од далечина со надворешни магнетни полиња, што овозможува прецизно насочување во телото. По вбризгувањето, течноста, чијашто количина е околу 2,5 милилитри, го исполнува и најскриениот простор.
Написот, објавен во списанието „Нејчр“ (Nature), говори за научните наоди на стручњаците од Институтот за напредна технологија во Шенжен и болницата „Фувај“. Резултатите се оптимистички и покажуваат можност за долгорочно затворање без срцеви тромбови.
Според научниците, технологијата би можела да понуди побезбеден и потраен начин за спречување мозочен удар, намалувајќи ја така потребата од повторени операции и трошоци за лекување. Потребни се, сепак, натамошни истражувања, за да се утврди неговата долгорочна безбедност и клиничка примена.