Ајкулите не живеат осамено, како што долго се веруваше, туку формираат сложени социјални мрежи и покажуваат јасни преференции при изборот на единки со кои влегуваат во интеракција, покажува ново истражување, пренесува „Еуроњуз“.
Студијата, спроведена на бик-ајкули во морски резерват на Фиџи и објавена во списанието „Animal Behaviour“, откри дека овие животни развиваат стабилни социјални врски базирани на повторувачки интеракции помеѓу истите единки.
Наташа Маруси, главната авторка на студијата и истражувачка на Универзитетот Ексетер во Велика Британија, за Ал Џазира истакна дека ајкулите, слично на луѓето, формираат различни нивоа на односи – од повремени контакти до поблиски врски – и избегнуваат одредени единки.
„Ајкулите не влегуваат во контакт случајно, туку бираат партнери врз основа на вистински социјални преференции“, истакна Маруси.
Анализата на илјадници часови набљудување покажала дека ајкулите имаат тенденција да остануваат во близина на одредени единки наместо да се движат со сите во групата, што укажува на постоење организирани социјални структури.
Истражувачите додаваат дека овие врски се зајакнуваат со текот на времето, особено поради чести средби на истите локации, како местата за исхрана каде единките редовно се собираат.
Резултатите покажуваат дека возрасните ајкули имаат централна улога во мрежите, бидејќи се најактивни во интеракциите и поврзани се со повеќе единки, додека помладите и постарите ајкули почесто остануваат на периферијата на социјалната структура.
Студијата исто така открива разлики меѓу машките и женските единки – женките почесто формираат врски со други женки, додека машките покажуваат поголема склоност кон интеракција со женки и заземаат поцентрални позиции во групата.
Возрастa е важен фактор во формирањето односи, бидејќи возрасните единки почесто стапуваат во контакт со врсници, додека помладите тешко влегуваат во централните делови на мрежата, освен ако не покажуваат изразена индивидуална склоност кон интеракција.
Иако точните причини за ова однесување не се сосема разјаснети, научниците претпоставуваат дека социјалните врски им помагаат на ајкулите во наоѓање храна, намалување на ризик од опасности, зголемување на шансите за размножување и размена информации за околината.