НАСА бара поевтин, поедноставен пристап кон еден од нејзините најголеми научни приоритети – носење на Земја на скапоцени примероци од почвата собрани на Марс, соопштија претставници на американската вселенска агенција.
Официјален повик за предлози ќе биде испратен денеска до различни центри и лаборатории на НАСА, како и до компании од вселенската индустрија, со цел да се реконструира програмата во услови на ограничувања на трошењето и зголемување на трошоците, соопштија директорите на НАСА, а пренесува Ројтерс.
Претставниците на Агенцијата во конференциска врска со новинарите рекоа дека очекуваат да бидат поднесени алтернативни планови оваа есен или почетокот на зимата.
Помошникот администратор на НАСА, Ники Фокс, рече дека плановите ќе се фокусираат на „иновации и докажана технологија“, наместо на нови технолошки скокови, како дел од намалувањето на ризикот и трошоците.
Повикот за редизајн на стратегијата за носење на примероците од Марс доаѓа по независниот преглед нарачан од НАСА во септември минатата година, по што заклучиле дека мисијата од самиот почеток следела нереални буџети и очекувања.
Анализата покажала и дека организацијата на мисијата е гломазна и дека не се спроведува ефикасно.