Ако корисникот одлучи дека повеќе не сака да прима е-пошта на привремената адреса, ќе може лесно да ја избрише.
Google развива нова функција наречена Shielded Email, која ќе им овозможи на корисниците да креираат привремени адреси за е-пошта, обезбедувајќи подобра заштита на приватноста. Ова e значаен чекор за корисниците на Gmail, особено за оние кои се фокусираат на безбедноста и на анонимноста.
Shielded Email ќе овозможи да се создадат еднократни уникатни адреси за е-пошта кои ги препраќаат пораките до примарната сметка, со што се одбегнува потребата од приложување на приватната, вистинската адреса за е-пошта при пополнување формулари или при регистрирање на веб-страници и услуги. Овој систем потсетува на функцијата Hide My Email од Apple, која на корисниците им генерира случајни адреси за да ја заштитат главната е-пошта.
Привремените адреси или Shielded Email ќе помогнат да се намали ризикот од спам и несакани пораки, како и да се заштитат личните податоци од услуги кои споделуваат информации со трети страни.