Крајот на врската ретко доаѓа ненадејно. Почесто тоа е процес кој трае со месеци, понекогаш и години – а ново истражување открива кога точно почнува „точката на пукање“ од која нема враќање.
Научниците од Универзитетот Јохан Гутенберг во Мајнц (Германија) спроведоа голема студија за тоа кога односите почнуваат неповратно да пропаѓаат.
Анализирајќи ги податоците од Германија, Австралија, Велика Британија и Холандија, тие откриле дека постои јасна „терминална фаза“ во љубовната врска – моментот кога врската станува неповратно нарушена.
Две фази на крајот
Според истражувањата, крајот на врската се случува во две фази. Првата е „пред-терминалната“ фаза, која може да трае со години и е обележана со постепено опаѓање на задоволството во врската. Во овој период, партнерите сè уште може да се обидат да ја поправат врската, но важно е навреме да ги препознаете знаците.
Потоа доаѓа пресвртната точка – моментот после кој задоволството во врската паѓа. Според истражувачите, ова е точката од која нема враќање.
„Штом ќе се достигне терминалната фаза, врската е осудена на пропаст“, рече професорката Јанина Билер од Институтот за психологија на ЈГУ.
Колку долго трае крајот?
По преминувањето на точката на прекин, терминалната фаза може да трае помеѓу седум и 28 месеци. Во просек, паровите остануваат заедно уште една или две години, и покрај тоа што врската веќе е во сериозен пад.
Важно е да се нагласи дека двата партнера не минуваат низ овие фази истовремено. Личноста која ја прекинува врската често е незадоволна долго време, додека другата личност ја доживува точката на прекин само непосредно пред раскинувањето – и потоа поминува низ брз емоционален пад.
„Партнерите не раскинуваат одеднаш. Тие поминуваат низ низа фази, а начинот на кој тие ги доживуваат може многу да варира“, додава Билер, која покрај предавањето работи и како брачен советник.
Може ли нешто да се направи?
Добрата вест е дека има простор за интервенција – но само доколку се постапи навреме.
Професорот Билер ја нагласува важноста од препознавање на моделите на однесување и емоционалното дистанцирање веќе во претпоследната фаза.
„Ако се преземат чекори тогаш – како искрени разговори, терапија или менување на динамиката на врската – шанси за закрепнување има“, вели таа.
Со други зборови, ако чувствувате дека врската повеќе не ве исполнува, а сепак се грижите за партнерот, сега е време да дејствувате. Чекањето може да значи преминување на линија од каде нема враќање назад.