Храна и Пијалаци ориентален десерт

Рахат локум

Рахат локумот е традиционален ориентален десерт со нежна текстура и богат вкус. Неговата подготовка бара трпение, но резултатот е исклучително вкусно слатко, кое може да се збогати со различни ароми и јаткасти плодови, по ваша желба.

Рахат локум

Состојки:

  • 1100 грама шеќер
  • 1300 мл вода
  • 290 грама скробно брашно – густин
  • 1/2 сок од лимон
  • Екстракти и бои по желба
  • Бадеми, ореви, лешници, ф’стаци или кокос (по желба)
  • 150 грама шеќер во прав (за валкање)

Подготовка:
Вооружете се со трпение – ова е клучот за успешен рахат локум.
Во тенџере ставете 400 мл вода и целата количина шеќер. Варете околу 15 минути, додека да испари приближно една третина од течноста. Кога сирупот е готов, тргнете го од оган. Во посебен сад измешајте ја останатата вода со скробното брашно – густинoт, па смесата истурете ја во пошироко тенџере. Потоа постепено додајте го врелиот сируп и мешајте постојано. Следи варењето. Процесот трае најмалку еден час на умерена температура. Целта е смесата да изгуби што е можно повеќе течност, без да загори. Смесата брзо ќе се згусне и ќе наликува на пудинг. Намалете ја температурата и варете со повремено мешање. По околу 30 минути, кога ќе земете смеса со лажица, таа треба да остане на лажицата и да не паѓа.
Продолжете со варење уште 30 минути, сѐ додека смесата не стане пожолта и поцврста. Потоа додајте го сокот од лимон, екстрактите, јаткастите плодови и боите по желба. Намачкајте плитка тава со масло (по можност бадемово), истурете ја смесата и убаво израмнете. Оставете да стои 24 часа, па потоа исечете на коцки со дебелина од околу 3 см. Измешајте шеќер во прав и густин, па во таа смеса валкајте ги коцките. Наредете ги коцките на хартија, малку одвоени една од друга, и оставете ги неколку дена да се сушат. Ако сакате да ги консумирате веднаш, може – ќе имаат текстура слична на желе-бонбони.

To top