Храна и Пијалаци посна трпеза

Посни рецепти за побогата празнична трпеза (ГАЛЕРИЈА)

Посната трпеза за Бадник честопати се сведува на 3 работи – лепче, риба и грав. За малку да ја збогатите трпезата не мора да јадете мрсно, туку ви требаат вистинските комбинации од посни состојки.

Посни рецепти за побогата празнична трпеза (ГАЛЕРИЈА)

Посната трпеза за Бадник честопати се сведува на 3 работи – лепче, риба и грав. За малку да ја збогатите трпезата не мора да јадете мрсно, туку ви требаат вистинските комбинации од посни состојки.

Овие рецепти ќе ви помогнат да послужите нешто вкусно, а посно годинава и да ги израдувате најблиските:

Италијанска салата со туна

Состојки:

Конзерва туна на парчиња
250ml посен мајонез
Кесичка сенф
0,5kg компир
100g црни маслинки
50g мелени ореви
Сол, бибер, зачини по желба

Подготовка:

Сварете ги компирите во солена вода. Излупете, исечкајте на парчиња и измешајте ги со сите останати состојки. Одвојте ги семките од маслинките и наредете ги како декорација.

Салата од ротквици

Состојки:

3 врзувалки ротквици
300ml посен мајонез
Лажица сусам
Малку лук
Сол

Подготовка:

Измијте ги ротквиците и со исклучок на неколку, исечкајте ги на мали парчиња. Сусамот благо пропржете го и додајте го во нив. Лукот истолчете го и додајте го. Прелијте со мајонез и посолете по вкус. Декорирајте со преостанатите ротквици, исечени на кругови.

Солени бомбици од компир

Состојки:

1kg компир
125g маргарин
Праз по желба
3 чешниња лук
Зачин

Подготовка:

Сварениот компир излупете го и исечкајте го, па ставете го во длабок сад. Додадете го маргаринот и зачинот и матете со миксер. Кога смесата ќе се олади додадете го лукот и со раце со масло правете топчиња. Празот пропржете го и со него прелијте ги топчињата.

Шампињони со сардина

Состојки:

16 шампињони
2 конзерви сардина
Црвена печена пиперка
100g растително сирење
Лимон, сол, бибер

Подготовка:

Исчистете ги шампињоните од дршките. Сардините испасирајте ги, па додадете ја пиперката и исечканите дршки од печурките. Измешајте со сок од лимон, мелен бибер и сол. Печете 15 минути, извадете, изрендајте го сирењето, па допечете уште малку.

Риба во смеса од пиво

Состојки:

Мало шише пиво
2 шолји брашно
1 лажица прашок за печиво
500g филети морска риба
Сол и бибер
Брашно за валкање
Масло за пржење

Подготовка:

Во чинија ставете го пивото, 2-те шолји брашно и прашокот за печиво. Зачинете и посолете. Парчињата риби прво извалкајте ги во брашно, па во смесата од пиво. Оставете ги 10-тина минути пред да ги пржите. Пржењето треба да трае 5 до 7 минути. Послужете со парчиња лимон.

Посна брза торта од бисквити и шлаг

Состојки:

6 кесички посен шлаг
300g посни бисквити

Подготовка:

Изматете 5 кесички шлаг и додадете ги мелените бисквити. Промешајте и обликувајте ја смесата во тава. Изматете ја преостанатата кесичка шлаг и прелијте врз смесата со бисквити. Декорирајте по желба и оставете да се олади.

Коцки од костени со рум

Состојки:

1 kg костени
250g маргарин
200g шеќер
2 чашки рум

Подготовка:

Костените сварете ги, излупете ги и испасирајте ги. Шеќерот и маргаринот изматете ги додека не добиете пенеста смеса, па додадете рум. Додадете ги и костените и добро измешајте. Смесата измазнете ја во тава и прелијте со посно чоколадо по желба. Сечете коцки и послужете.

 

Предлог за други посни јадења кои може да ги направите:

Предлог посни салати за празниците 

Рецепти за домашни, посни колачи

Како да направите фантастични посни сарми?

To top