Како незаменливо предјадење на славите, редендените па и имендените се канапеи. Оваа едноставна и превкусна закуска ќе ве освои.
Овие посни канапеи со леб ќе бидат задолжителен дел на сите празничните трпези.
Состојки:
-9 парчиња бел тост леб
-3 варени средни компири
-5 поголеми кисели краставички
-200 г мајонез
-30 г сусам
-Листови босилек и шери домати за декорација
Подготовка:
-Компирите сварете ги и оставете ги да се изладат неколку часа. Потоа изрендајте ги на ситната страна на рендето.
-Киселите краставички исечкајте ги на коцки.
-Во длабока чинија ставете ги ренданите компири, киселите краставички и мајонезот. Измешајте за да се соединат состојките. Филот поделете го на два дела.
-Остранете ги краевите на тост лебот. Во правоаголна чинија ставете три парчиња леб. Додајте половина од филот со киселите краставички и израмнете.
-Наредете уште 3 парчиња леб, а потоа додадете го преостанатиот фил и израмнете.
Врз нив ставете го третиот слој од леб. Ставете ги во фрижидер 2 до 3 часа.
-Потоа премачкајте со мајонез и поросете сусам.
-По желба исечете парчиња коцки (канапеи) и декорирајте ги со лист босилек и шери домати. На здравје!