Гурманско задоволство за љубителите на рибни деликатеси. Многу вкусно.
Состојки:
450 грама филе од ослиќ (или било која риба)
400 грама карфиол и брокула (мешавина по желба)
2 средни, полусварени компири и морковчиња
150 мл течна неутрална павлака
3 јајца
3 лажици брашно
3 чешниња лук и китка свеж магдонос
сол и црн пипер
масло или путер за подмачкување на тавата
1 лимон
Подготовка:
Излупете ги компирите и морковите и исецкајте на коцки, исчистете ги тврдите делови на карфиолот и брокулата. Ставете вода во два сада да се загрее, потоа додадете сол и кога водата ќе зоврие ставете компири и моркови во едниот сад, а карфиолот и брокулата во другиот, и варете 10 минути, исцедете ги и оставете ги да се изладат. Доколку користите замрзнати филети од риба, одмрзнете ги и измијте ги. Исцедете ги и исушете ги со тапкање. Добро намастете го садот за печење со путер или масло. Изматете ги јајцата, додадете го брашното, внимавајќи да не се направат грутки и додадете ја павлаката, потоа додадете сол, бибер ,ситно исецкан лук и магдонос и добро измешајте сè. Исецкајте ги карфиолот и брокулата и ставете половина на дното од тавата за печење. Компирите и морковите наредете ги врз првиот зеленчук, потоа ставете уште еден ред карфиол и брокула. Ставете го филето врз зеленчукот и прелијте со подготвената смеса (јајца, брашно, павлака и зачини).
Печете 30 минути во претходно загреана рерна на 210 степени. Декорирајте со лимон.