(и зошто тоа ретко е знак дека нешто „треба“ да продолжи)
Секојпат кога Меркур станува ретрограден, интернетот се полни со истото предупредување: „Ќе ви се јави бившиот.“ И навистина, за многумина ова не е мит. Пораки што со месеци не постоеле повторно се појавуваат, луѓе од минатото одеднаш „се сетуваат“, а разговори што никогаш не биле затворени повторно се отвораат. Но прашањето не е дали ова се случува. Прашањето е зошто. И уште поважно — што навистина значи.
Во астрологијата, Меркур не е само планета на комуникацијата во банална смисла. Тој управува со меморијата, менталните обрасци, начинот на кој размислуваме за минатото и како го раскажуваме сопствениот живот. Кога Меркур оди ретроградно, вниманието не оди напред, туку се врти наназад. Не за да „враќа луѓе“, туку за да враќа прашања и незатворени реченици, но и разговори што никогаш не биле искрени. Одлуки донесени од страв, а не од јасност.
Затоа бившите често се појавуваат токму тогаш. Ретроградниот Меркур создава ментален простор во кој луѓето почнуваат да се преиспитуваат: „Што ако погрешив?“ „Дали бев премногу брз/а?“ „Дали избегав?“ Ова особено важи за луѓе кои во односите имаат навика да заминуваат без да се соочат со последиците од сопствените одлуки. Кога темпото се забавува, тие мисли ги стигнуваат.
Но тука е клучната точка што ретко се спомнува: враќањето за време на ретрограден Меркур многу почесто е знак на внатрешна конфузија, а не на зрела намера. Овие контакти најчесто не доаѓаат со јасна визија за иднината, туку со носталгија, вина или потреба за потврда.
„Само сакав да видам како си.“
„Се сетив на тебе.“
„Не знам зошто, ама ми текна.“
Ретроградниот Меркур нè учи дека не секое враќање е покана и не секоја порака е признание. Важно е да знаеме дека зад сето ова за некои луѓе се крие проверка дали вратата сè уште е отклучена. Дали некој сè уште има пристап до нашето внимание, до нашата топлина, до нашата емоционална достапност. Ако не внимаваме, лесно можеме да го помешаме тоа со „судбинска шанса“, кога всушност станува збор за стара динамика што се обидува повторно да се активира.
Од астролошка перспектива, ретроградниот Меркур не е поволен период за започнување нови љубовни приказни со луѓе од минатото, но е исклучително моќен за разбирање зошто тие приказни завршиле како што завршиле. Тој период не бара реакција, туку рефлексија. Не бара повторно отворање на срцето, туку поставување на прашањето: „Дали ова е нешто што навистина го сакам, или нешто што ми е познато?“