Бидејќи на почетокот на новиот милениум, беше повеќе од јасно дека светот ќе се менува, дека обидот да се воспостави униполарен светски поредок и со светот да се управува од еден центар, е неуспешна приказна, мудрите луѓе се обидоа да го менуваат со зборови, по мирен пат и, да предупредат дека доколку тоа не се случи, конфликтите и војните ќе бидат неминовност.
Па, како да е предодредено, тие зборови најпрво да бидат изречени на Конференцијата за безбедност што во февруари секоја година, традиционално се одржува во Минхен.
ПОДГОТОВКА ЗА НЕМИНОВНИТЕ ПРОМЕНИ
Минхен, 2007 година, Владимир Путин, претседател на Руската Федерација:
“Познато е дека проблематиката на меѓународната безбедност е многу поширока од прашањата за воено-политичката стабилност. Тоа е отпорност на светската економија, надминување на бедата, економската безбедност и развој на меѓуцивилизациски дијалог. Таквиот сеопшт неделив карактер за безбедноста е изразен и во нејзиниот основен принцип “безбедност за секој е безбедност за сите“…Што е тоа униполарен свет? Колку и да го украсуваме тој термин, тој, во секој случај, во практиката означува само едно: тоа е еден центар на власта, еден центар на силата, еден центар на прифаќање на решенијата. Тоа е свет со еден стопан, еден суверенитет. И, во секој случај, тоа е погубно не само за сите кои се наоѓаат во рамките на тој систем, туку и за самиот суверенитет, затоа што го нарушува однатре… И секако, тоа нема ништо заедничко со демократијата… Сметам дека за современиот свет униполарниот модел не само што е неприменлив туку и воопшто е невозможен…“
Со еден збор, пред 19 години, Путин јасно укажа на злото наречено либерален глобализам во желбата да се владее со светот од еден центар и да се наметне една владеачка “либерална“ идеологија, онаа идеологија која не само што нема ништо заедничко со демократијата, туку претставува еден од најтемните периоди на тоталитарно владеење.
Минхен, 2025 година, Џ. Д. Венс, потпретседател на САД:
“Заканата за која најмногу се грижам во однос на Европа не е Русија. Тоа не е Кина, не е кој било надворешен актер. Тоа за што се грижам е заканата одвнатре. Повлекувањето на Европа од некои од нејзините најфундаментални вредности… Работа на демократијата е за големите прашања да решава на гласачките кутии. Верувам дека отфрлањето на луѓето, игнорирањето на нивните грижи, уште полошо, затворањето на медиумите, затворањето избори или исклучувањето на луѓето од политичкиот процес, ништо не заштитува… Мигрантската криза во Европа не настана во вакуум, туку како последица на свесните одлуки на европските политичари во изминатата деценија…“
И Џ. Д. Венс, најкратко речено, укажа на најголемото зло на денешницата, тоталитарната “либерална“ идеологија, преку која, европските “либерални елити“, надвор од слободната политичка волја на слободни избори, надвор од слободата на политичко организирање и, што е најважно, надвор од слободниот збор во контролираните медиуми, сакаат да го владеат светот од еден центар.
ОЧАЈОТ НА НАПУШТЕНИТЕ “СПОНЗОРУШИ“
Давос, 2026 година, Марк Карни, премиер на Канада:
“Живееме во време кога големите сили дејствуваат без ограничувања, а правилата важат само за слабите, тоа е сурова реалност… Долги години живеевме во илузија – знаевме дека системот не е праведен, но учествувавме во него затоа што ни носеше стабилност, денес таа илузија се распаѓа… Билатералните односи со големите сили секогаш носат ризик од потчинетост и единствен излез е здружување на држави со слични вредности…“
Ова се извадоци од најлицемерниот говор одржан до сега, говор кој либералните мејнстрим медиуми веднаш го прогласија за “историски“, говор кој, во своето самосожалувачко лицемерие, јасно го покажува идниот правец на делување на радикалната левица во обидот да “сочува што може да се сочува“.
Прво, денес, откако либералните “елити“ не се дел од заедницата на “големите сили кои дејствуваат без ограничувања“, Марк Карни разбра дека правилата, види мајката, важеле “само за слабите“ и дека е тоа “сурова реалност“. Денес, откако Доналд Трамп ја спроведува својата “перестројка“, по примерот на руската која ги отфрли Советскиот сојуз и Варшавскиот пакт, свесен дека натамошното американско економско одржување на ЕУ и НАТО, ќе ја вовлече САД во црна финансиска дупка, јасно им порача на своите “сојузници“ самите да се грижат за себе и за своите потреби, Марк Карни се почувствува како напуштена “спонзоруша“.
Имено, се’ додека седнати во скутот на САД беа дел од оние кои “дејствуваат без ограничување“, Карни и неговите идеолошки празноглави истомисленици од Европа, од високо и самите наметнуваа “правила само за слабите“. Токму затоа, денес, двојно потешко воопшто и ја прифаќаат помислата дека и тие стануваат “дел од слабите“. Затоа и наликуваат на отфрлена “спонзоруша“ за која нема веќе скапи пентхауси, скапи автомобили, накит и богати вечери на кои од високо ќе ги гледа сиромашните трудољубиви конобари кои ги малтретира со своите екстравагантни желби. “Спонзоруша“ која веќе од утре ќе треба, или да си најде нов “спонзор“, или да ги засука ракавите и да почне да работи, на што, за нејзина жал, не е навикната.
Второ, свесен дека долги години знаеле дека “системот не е праведен, но учествувале во него затоа што им носел стабилност“, Карни во целост го признава злосторството наречено лицемерие и двојни стандарди, злосторство со кое ги уништуваа оние послабите од себе, наметнувајќи им уништувачки вредности за нивните општества, заблудени во сопствената незаслужена раскалашеност.
И трето, повикувајќи на “здружување на држави со слични вредности“, неговиот говор е очајнички обид да ги повика своите идеолошки истомисленици од екстремната левица да се обединат во напорите да го сопрат тркалото на историјата, да го сопрат распадот на нивниот униполарен свет на изместени морални вредности. Ги повика, во напливот на својата огорченост на напуштена “спонзоруша“, својот довчерашен “спонзор“, веќе од денес да го сметаат за свој непријател. Ги повика, најавувајќи проширување на соработката со Азија и земјите од Индо-Пацификот, веќе од денес да си бараат нов “спонзор“ за да може да го продолжат својот лагоден раскалашен живот на вешта “спонзоруша“.
Со тоа, уште еднаш, јасно се покажува дека либералните “елити“ во ниту еден момент не размислуваат за заедништво и просперитет на целото човештво, туку само за својата “елитна“ позиција на владетели со светот, која по секоја цена (конфликти, војни, крвопролевања) сакаат да ја сочуваат.
Токму затоа, многу скоро се очекува тој тажен крај на една антицивилизациска идеологија на извртени морални вредности, на тоталитарно едноумие завиткано во “најслатка демократска обланда“, на обид по секоја цена да се владее со светот од нивниот замислен центар на човештвото. Тажен крај кој ќе биде вистинска радост за “слабите“, врз кои тие како “големи сили “ дејствуваа “без ограничување“. Радост за огромниот нормален дел од човештвото.
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК