Колумни колумна

Заедно и сплотени да го заштитиме мирот и стабилноста на Македонија

Заедно и сплотени да го заштитиме мирот и стабилноста на Македонија

Во услови кога Република Македонија јасно и отворено ја дефинира својата меѓународна политика и стратешките партнерства, сведоци сме на зголемени притисоци од надворешни и внатрешни фактори кои не се задоволни од овој курс. Истовремено, по последните трагични настани во земјата, постои реална опасност дека одредени структури, како домашни субверзивни елементи, така и надворешни сили, ќе се обидат да ја искористат ситуацијата за политичко манипулирање и создавање нестабилност и внатрешни тензии.

Сè уште сме сведоци на активностите на организации како УСАИД, фондации поврзани со Сорос и други влијателни западни мрежи кои преку различни проекти, медиуми и таканаречени невладини организации (по нивен терк) можат да влијаат на јавноста и да создадат вештачка криза. Овие активности, во комбинација со домашни субверзивни елементи, претставуваат сериозна закана за безбедноста на Македонија. Покрај тоа, постојат и бизнис-мафијашки политички структури кои досега неказнето ја грабаа земјата. Владата најави бескомпромисна битка и со овие структури, но постои реално стравување дека тие ќе се обидат да се осветат преку обид за дестабилизација на земјата, бидејќи ги очекуваат долгогодишни затворски казни и конфискација на украденото.

Важен е нашиот заеднички став и одлука дека ниту една криза или трагедија не смее да биде искористена за политичко манипулирање или создавање хаос. Секој обид за поттикнување насилство и политичка дестабилизација, без разлика дали доаѓа од странски, домашни структури или бизнис-мафијашки елементи, треба да биде одбиен и спречен од сите нас. Сметам дека мораме да останеме мирни и разумни и да не подлегнуваме на евентуалните обиди да се додаде „масло на огнот“, туку да бидеме единствени во заштитата на нашата земја.

Затоа, повикувам Владата и сите останати надлежни институции:

  1. Да преземат итни мерки за следење и спречување на активности кои можат да предизвикаат политички хаос и несигурност, како од странски, така и од домашни субверзивни елементи и политичко-бизнис-мафијашки структури.
  2. Да ја засилат контраразузнавачката работа со цел спречување на странски и домашни влијанија во клучните државни институции, медиуми и граѓанскиот сектор.
  3. Да иницираат ревизија на програмите и финансирањето на одредени „невладини“ организации, со цел да се осигура дека тие не работат против државните интереси.
  4. Да ја информираат јавноста за можните обиди за манипулација и да ја заштитат државата од вештачки креирани кризи.

Во моментот кога Македонија гради стабилни односи со своите партнери и работи на зајакнување на својата позиција на меѓународната сцена, не смееме да дозволиме сценарија кои ќе ја втурнат земјата во хаос и неизвесност.

         Мирот, стабилноста и владеењето на правото се приоритетни државни и национални интереси!

#дестабилизација; #мир, #нестабилност, #сплотеност, #субверзивни елементи, #трагедија.

 

Проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ

To top