Колумни

За скапата храна и бојкотот на маркетите

Џабе ќе бојкотираме сите во петок, ако кесите сме ги наполниле во истите тие маркети во четврток. Реформирајте ја својата свест и навики, а маркетите кога ќе видат дека им паѓа прометот и бројот на муштерии, самите ќе мора да се прилагодат и адаптираат. Тие кои нема, ќе пропаднат.

За скапата храна и бојкотот на маркетите

Никогаш не сме автентични и свои. Секој пат некој друг треба да направи нешто, па ние „копи пејст“, иако, неретко, поводот, причините и околностите се различни.

Забегаа цените на прехранбените производи, дури и на оние, основните. Доколку направите споредба од пред 2 или 3 години, огромен дел од истите се поскапени за 50 отсто, а има такви и кои се дупло поскапи.

Секој поголем ланец на маркети обично има некои свои премиум добавувачи, од каде набавува добар дел од робата, претпоставувам по повластени цени, но кога ќе видите некој универзален бренд, кој го има кај сите, сфаќате колку едните одат со разумна маржа, а другите „ве колат здраво“.

Да се споредуваме со Хрватска за некои работи не оди, не за друго, од секогаш кај нив се било поскапо. Дури и производите кои се нивни кај нас се поевтини. Патем, нивното ДДВ е 25 отсто, а кај нас за храна е 5 или 10 отсто, а за многу мал број производи 18%.

За бензинските не сакам да дискутирам. Не за друго, ве цел свет е така. Бензинската е пред се за полнење гориво и набавка на автомобилска галантерија. Работат 24 часа, но се  е кај нив поскапо. Секаде во светот. Се сеќавам на мојот престој пред повеќе од 20 години во Ирска. Маркетите ми беа далеку, а имав бензинска на само 200 метри од дома. Се беше поскапо вклучувајќи ги дури и цигарите, а со оглед дека во недела само тие работеа, основните продукти како млеко на пример, беа со дупло поголема цена од колку во било која продавница.

Околу најавениот протест во петок:

Се сложувам дека голем дел од големите ланци на маркети немаат осет. На добар дел од нив им е паднат квалитетот и на кадарот, затоа што многу од вработените напуштаат. Постојана промена на персоналот, со ниски плати, неретко лоши шефови кои не си ја знаат работата, една цена на рафт, друга на каса, роба со поминат рок и што ли уште не… Проблемот многу често е што дел од маркетите трупаат роба, а не се обидуваат да се специјализираат, најдат самите подобри добавувачи и по конкурентни цени. Полесно им е да увезуваат роба, отколку да ангажираат локални фирми.

Проблемот кај народот е  што многу брзо се преориентира на големите ланци, и ги заборави пазарите и маалските дуќани, кои за десетина години ги снема. Јас лично живеам на локација каде на 500 метри дијаметар ги имам речиси сите големи ланци на маркети, од кои едниот ми е буквално пред зграда, но свесно си ги дисперзирам набавките. Овошје и зеленчук набавувам од локален трговец, кој не е нај евтин, но е најквалитетен, посебно доколку купувате роба на парче. За поголеми количини одам на Зелено пазарче или Бит пазар. Свежо месо купувам строго од една од најдобрите месарници во градот, водата која ја пијам ја нарачувам од сајт кој врши испорака до врата, а општи производи купувам од маркет кој постојано нуди попусти и има акции на производите.

Која ми е поентата на моето писание? Протестот кон трговците и големите ланци на маркети можеби и не е така лоша идеја, иако сметам дека доколку остане на тоа, ништо нема да смени. Повеќе треба да ги опомена од потрошувачите дека самите трговци во отсуство на добар кадар и квалитетен менаџмент и добро планирање, го убија народот, чиј стандард е и така низок.

Само пример ќе дадам. Од народ кој цела зима се давеше во ајвар, лутеница и малиџано, со топло лепче од фурна, дојдовме до ситуација да не можеме тегла да купиме, а лебот стана гумен, трае 7 дена и има вкус на се, ама на леб не! А ајвар народ престана да прави кога го „утепаа“ со законот дека нема правење ајвар на паркинг и „позади зграда“, а следно и цената на пиперката ајварка се триплираше.

Да се вратиме на сржта на проблемот. Сакате поевтино? Поттикнете ги земјоделците и малите производители! Купете канта сирење од село, а не пола кило во најлонче. Нарачајте земјоделски производ од село. Ако имате поголем двор и земја, посадете нешто, макар само за вас и блиските. Дури и на жардинјерите и саксиите на тераса, никој не ве спречува да имате младо кромитче, магдонос, босилек, ротквици, лукче. Ретко каде се наоѓа квалитетен домат, посебно скопскиот јабучар или воловско срце. Она што се продава во маркетите е грдо и не се јаде, пластика, класично ГМО. Јас лично си нарачувам свежо пилешко месо, тазе заклано, од околината на Скопје. Има разлика од она кое го увезуваме од Словенија во маркетите.

Поентата ми е: Џабе ќе бојкотираме сите во петок, ако кесите сме ги наполниле во истите тие маркети во четврток. Реформирајте ја својата свест и навики, а маркетите кога ќе видат дека им паѓа прометот и бројот на муштерии, самите ќе мора да се прилагодат и адаптираат. Тие кои нема, ќе пропаднат.

Александар Ристевски

To top