Колумни

За пензиите и пензискиот систем

За да воопшто се дискутира темава, треба многу студиозни анализи, предвидувања и проекции на бројките за 5, за 10, за 20 години, па можеби и за подолго, а врз база на истите, да се креираат и развојни, и демографски политики, да се планира дури и увоз на работна сила и во кои ресори и дејности.

За пензиите и пензискиот систем

Деновиве гледам дека повторно е тема функционалноста на нашиот пензиски систем, и „генијалната“ идеја на некои експерти во сферата на финансиите, и заклучокот дека наједноставно решение било старосната граница за пензионирање е истата да биде 67 години.

Генијално! Врз основа на што стигнавте до бројката, или едноставно од ѓутуре ја шлапнавте, па нека се мачи народот, а нека му ја мислат политичарите, и сегашните, а богами и истите.

За да воопшто се дискутира темава, треба многу студиозни анализи, предвидувања и проекции на бројките за 5, за 10, за 20 години, па можеби и за подолго, а врз база на истите, да се креираат и развојни, и демографски политики, да се планира дури и увоз на работна сила и во кои ресори и дејности.

Наједноставно е само да се крене старосната граница, но кои се недостатоците и реперкусиите.

Прво, Македонија има релативно краток живот век, барем во споредба со голем дел од другите европски држави. Мажите живеат просечно околу 74 години, жените околу 78. Со самото тоа, просекот на години кои мажот ги поминува во пензија кај нас е околу 9 и пол години, а жените нешто над 16 години. Во минатото, пензии во главно земале мажите, затоа што голем дел од женската популација седела дома и се грижела за семејството и немала сопствени примања. Сега кога бројките растат, а бројот на вработени е речиси еднаков, настанува и дисбалансот во трошоците на ПИОМ.

Со формирањето на вториот столб, една третина од парите кои се предвидени за пензија оди во приватните фондови и гласат на лично име на осигуреникот, и истите се фиксни во износот, во смисла, колку ви се собрале, плус направената добивка, толку и ќе имате, плус она што ПИОМ ќе треба да ви го обезбеди.

Бројот на корисници на пензија ќе расте, иако голем дел на населението по 90тите остана без работа или пак работеше непријавено и на диво, без придонеси, така што голем број на луѓе се оваа најниска класа кој добива минимална пензија, која неретко не е доволна за прехрана и режиски трошоци, а камо ли за нешто повеќе, вклучувајќи ги трошоците за лекови, но и социјален живот, а камо ли некаква заштеда.

Од друга страна огромен број млади и луѓе во репродуктивни години, ја напуштија државата, така што бројката на вработени, поделена со бројот на пензионери е на границата од 2 према 1. Само за илустрација, пензискиот систем е само одрѓлив до некаде, кога таа бројка е 3 према 1. Кога овој начин на прибирање пензии, како форма на колективна солидарност во времето на Бизмарк пред речиси 200 години заживеал, истиот бил со сооднос 6 према 1.

Качувањето на старосната граница не е решение. Попрво тоа треба да биде преку постепено зголемување на придонесите за пензија во неколку години и тоа во промили (0.5 до 0.7 проценти годишно на пример), но и мотивирање на луѓето да издвојуваат во континуитет средства во третиот доброволен столб, кој пак законски ќе може да го искористат или да продолжат да го полнат и 10 години пред официјалното пензионирање, или пак некој јунит линк продукт.

Самиот ПИОМ треба да направи и форма на сопствена рационализација, да се види како и за што се трошат средствата, каде се генерираат дупките, дали и каде има недостатоци или екстремни трошења, и да таа институција биде раководена од менаџерски тим со професионален договор, на кој му се прави ревизија и контрола во континуитет, а не со партиски решенија, кои генерираат долгови.

Патем, треба да се остави и флексибилност кај одредени струки за подолг работен век, кои и подолго би го финансирале фондот, а не би биле на товар на истиот, како на пример универзитетски професори, доктори, одредена категорија на уметници, судии во повисоките судови или апелациони подрачја каде нема природна замена со кадар, научници и истражувачи, па на истите да се дозволи работа со платени придонеси до 70 години, па и 75 доколку се витални и психофизички спремни.

Најлесно е да се донесе драконска мерка да се крене старосната граница, но прилично не популарна, но и непродуктивна. Европа и светот имаат бројни форми и решенија, кои во секоја земја се применува, а ние ќе мора да направиме по темелна анализа и за ПИОМ, но и за парите кои одат за здравствена заштита, затоа што и таму еден куп луѓе цел живот двојат пари од својата плата, а 5 денари не искористиле, па потоа повторно доплаќаат и мора да партиципираат за услуги, додека друга категорија на луѓе во континуитет го оптоваруваат Фондот без надомест, а не придонесуваат за истиот. Срамно е да за болни лица се доведуваме како нација да собираме пари за операции со донирање.

Верувам дека периодов кој следи за сево ова ќе се отвори една широка дебата, дека ќе се изнајдат најмалку болните решенија, кои ќе ги стабилизираат состојбите и ќе придонесат да имаме општество во кои народот ќе има сигурност и извесна судбина во своето трето доба.

Мора и отворено да се зборува со народот и да се каже дека во голема мерка, самите сме одговорни за нашите заштеди и инвестиции, и дека пензискиот фонд е солидарен, а дека тоа што како средства се издвојувало низ годините е многу малку во споредба со тоа што се очекува дека им припаѓа. Оние по свесните, по одговорните, алоцираат од помлади години средства во одредени финансиски алатки, како би си ја обезбедиле староста.

Да споменам и една битна работа за крај. Гледам еден куп возрасни лица зборуваат за ЕУ. Само да знаат дека Европската унија не признава социјални трансфери во пензискиот систем. Самото тоа значи дека ако утре станеме членка на ЕУ, пензиите и тие кои се сега ќе треба за 35-40% бидат помали. Тоа е тоа!

 

Александар Ристевски

To top