Честопати, при моите јавни настапи и медиумски гостувања ме прашуваат дали сум оптимист или песимист за тоа во кој правец ќе се развива Македонија. Јас соломонски одговарам дека сум оптимист, затоа што Господ ги чува будалите.
Шалата на страна, прашањето за системското оправање на државата е во одлуката дали сакаме тие кои се дел од системот, да напредуваме, или тие самите да напреднат до негде.
Што сакам да кажам? Без оглед дали зборуваме за кој и да е ресор, кога избирате кадри, водете се од премисата, што всушност очекувате од нив? Зошто истите постојат и која е нивната висија и мисија.
Не ми е јасно, како тоа постојат институции кои се државни, а успехот го мерат со поскапување на услугите кои ги даваат, и го осиромашуваат народот, од друга страна истите потоа се јавуваат како некакви финансиери на накакви јавни добра (секако, со наши пари), од друга страна, каде е одговорноста кај оние кои уништуваат фирми и јавни претрпијатија, и го оставаат со огромни долгови. Третата категорија се лица на кои државата буквално им покрива се’ (плати, режиски трошоци, одржување, проекти), а потоа тие се фалат со постигнати успеси.
Системот за да ги заштити овие свои „размазени деца“ смислува правилници, статути и ограничувања, па ретко кога се гледаат битки на ставови, концепти, програми, туку само избори на логични решенија и лесно предвидливи кадри. Целиот систем се нарушува, кога политиката или пак некое високо именувано лице ќе реши да излезе од матриксот и да направи позитивна промена. Тогаш гледате јавен и оркестриран напад, и битка за тронот, иако многу често решението е многу едноставно. Или натоварате им обврски, па да видиме како ќе се справат, или одземете им ги бенефициите и набавките и трошењата.
Јас еве лично, не можам да сфатам која е битката за да бидеш директор на градинка или училиште? Искрено, според мене, тоа е и тешка и одговорна работа, а не многу платена. Ограничена е со лиценци, полагања, а пак има желба и амбиција кај многумина, и битка се води за превласт. Чаре има! Или укинете ја можноста за екскурзии, ужинки и било каква форма на плаќање на родителите, кај директорите, или наметнете им обврска дека истите ќе мора сами да обезбедат средства, опрема и некои трошоци, без да бараат пари од родителите. Тргнете ги привилегиите да вработуваат или бираат кадар, туку тие да ги бира и распределува државата, и одма ќе видите како ќе се направи природна селекција.
На јавните претријатија направете им таблица и распоред според која се знае колку пари за што може да се потрошат, строго детерминирајте колку од вработените се теренци, колку администрација, и барајте отчет детален квартално, и решен проблем. Нема резултати, црвен картон.
Во здравството исфрлете опција (ко до сега економски и медицински директор) или само медицински директор, туку барајте менаџер, кој ќе работи по план, програма и строго дефинирани услови, и ќе биде небитно кој на хартија за води болницата, или некоја здравствена установа. А доколку има долгови, да си одговара. Менаџерот знае да направи годишно планирање. Набавките на големо за сите нека ги води самото министерство, и нека има залихи. Директорот треба само да осмисли план за работа, кадровски политики, и да креира и одржува услови за работа и грижа на пациентите. Се друго излегува надвор од неговата Хипократова заклетва, а влегува во сфера на бизнис и клиентелизам.
Во културата, дајте слобода на менаџерите, ако треба и кренете плати, дајте им слобода и договори по одредени стандарди, ама ајде да видиме дали може да обезбедат дел од платите, или сами да си ги покриваат режиските трошоци, и да организираат турнеи, да донесат големо гостување. Дајте им кадровска слобода, ама ако нема резултати, црвен картон, ако има долгови и злоупотреба, кривични. Уште не сме одлучиле што сакаме од самата дејност, и што е елитна култура, што е народна култура (култура за сите), кому се промовира, како, зошто и за колку, и секако, преку кого? Се уште се занимаваме со етничка застапеност, кланови, фамилии и вечни ликови. Секако, и со поделба на институции. Така нема напред. Ајде да видиме бројки, резултати, агенда, петтогодишен план и личен финансиски импакт на инситутициите. Не може државата да биде вечно крива за се‘!
Во сферата на социјалната заштита, интернетот е преплавен за наводни злоупотреби од страна на одговорни лица кои наплаќале/рекетирале при усојување деца, при разводи и старателства, давање туѓа нега, социјална помош. Доколку тоа е точно, лесно е проверливо и докаживо. Истото мора да се сосече во корен, да се елиминираат штетите и злоупотребите, а одговорните за истото да се санкционираат. Оваа сфера е многу сензитивна, затоа што навлегува во личните и семејните односи, посебно на оние најсиромашните. Инволвирани се деца, и стари и изнемоштени, како и лица кои претрпеле тортура и злоупотреба. Нема играње со ова.
За крај ги оставам судството и обвнителството. Дечки, што да се каже? Од кога законодавната и извршната власт ве оставија да се саморегулирате, се распаднавте и уништивте од внатре. Изминатите две три години гледав инсерти од преноси на судски совет, и на уставен и врховен суд. Драги мои, со цело должно почитување, ама речникот, гардеробата, и севкупно однесување и реплицирање, како и аргументацијата на ставовите зборува многу, и ми вели дека проблемот е створен уште пред дваесетина години при изборот и селекцијата, сега само ги гледаме реперкусиите. Тоа е единствената фела во која за жал, не гледам светло на крајот на тунелот, во догледно време.
Ќе ја заборавев полицијата. Ќе бидам краток за истата. Најдобра полиција е онаа која не ја приметувате дека постои, а ја има секаде. Каде обичниот народ е заштитен, а криминалците се кријат и плашат да припарат. Каде насилниците два пати размислуваат пред нешто да сторат. Каде нема узурпиран простор, мозика и концерти на отворено по цели ноќи, лудаци возачи, паркирани на сред булевар, на тротоар, во тревник или пред гаражи. Кога тивко, суптилно и без „ука бука“ санкционираат и воспоставуваат токму тоа што им е во попис и опис на работа, јавен ред и мир.
Се изнагледав низ годините како кој функционира. Едно сфатив, дека многумина кои ловат во матно не сакаат промени. Само сакаат да дојдат нивните, екипата, таборот, партијата, шемата, фамилијата. Трагично е доколку никој не им застане на патот. Патем, кога гледам низ годиниве кој се добива општествени награди, се ми е јасно. Се бира еден кој е навистина заслужен и му се лепат на наго уште неколку „заслужни“, плус „рамковен“, по дифолт.
Од лажни елити си патиме! Да не ни се Симон Трпчевски, тук таму по некој културњак како Дурловци, и спортистите (кои успеваат доколку што е можно порано си заминат од тука), ќе си останеме во жабокречината на медиокритетството, просечноста и логиката „прв во село“.
Треба да се разбидиме, да си ја чукнеме главата и да одлучиме дали ќе напредуваме како нација, или истата ќе тоне, ама ние ќе го наполниме чекмеџето.
Александар Ристевски