По локалните избори, политичката карта на Македонија изгледа како шаховска табла каде што ВМРО ДПМНЕ игра сам против себе, едниот играч победува, другиот слави. СДСМ и ДУИ, пак, останаа да ги бројат поразите како дежурни статисти во филм што одамна го изгуби сценариото.
Додека ДИК сеуште ги бројат последните ливчиња, едно е јасно, ВМРО ДПМНЕ не само што ги освои општините, туку го освои и расположението и симпатиите на целиот народ. Ако продолжи вака, ќе треба да се отвори посебно Министерство за победување.
Локалните избори поминаа како вистински политички тајфун. ВМРО ДПМНЕ ги разнесе противниците, донесувајќи еуфорија меѓу своите нови и стари поддржувачи и будно внимание кај сите останати. Во центарот на таа политичка еуфорија стои Христијан Мицковски кој овојпат не само што предводеше кампања, туку испрати и силна порака дека државата, договорите и принципите се нешто што мора да се безусловно да се почитува. Со неговиот настап, тој им одржа лекција на сите, и на политичките противници, и на дел од коалициските партнери. Јасно на сите им беше кажано дека лидерството не се мери со фотелји и функции, туку со доследност и одговорност. Тоа беше момент кога политиката престана да биде само натпревар, и се претвори во порака за вредности. Народот тоа го препозна, а резултатите само го потврдија.
СДСМ, пак, може слободно да отвори Центар за пост-изборна терапија. Се покажа дека „Животот дојде“, само за малкумина од врхушката на СДСМ, додека за останатите ,,животот замина или замре’’. И затоа заради нив овие нивни градоначалници што преживеаја нека си набават GPS да не се изгубат во морето на поразот.
ДУИ? Ах, некогаш млада, а сега стара и наконтена ДУИ. Нит шминка, нит нова униформа, едноставно ништо не и прилега. Народот одамна ги препозна. Нивниот резултат личи на она кога во ресторан ќе нарачаш скапо вино, а келнерот ќе ти донесе чаша вода и ќе каже: „исто е, само поефтино“. Очигледно, народот реши дека е време за политичка детоксикација.
Овие избори беа не само политички натпревар, туку и бесплатен час по реалност за двете сега минорни партии кои со години не убедуваа дека без нив нема живот. Е, па еве шанса за нив живот само што овојпат тој не дојде со парола, туку со резултати и со верба во јавно кажаното и ветеното.
А додека ВМРО ДПМНЕ слави со шампањ и фонтани од победнички статуси, СДСМ и ДУИ нека седнат и размислат… или барем нека си купат нов календар и да одбројуваат.
Очигледно, времето им побегна, бидејќи народот одамна ја препозна нивната наменска маѓионикарска илузија која им ја нудеа и практикуваа.
На крајот, Македонија повторно доби локална драма со национални последици. Победници кои не знаат дали да слават или побрзо да се фатат за реализација на ветеното и поразени кои не знаат дали да се оправдаат или да се повлечат во монашки ред.
Политичката сцена? Иста како и секогаш, само што сега завесата падна на едната страна, а аплаузот стигна од спротивната. Но ова не е ново поглавје, туку почеток на сосема нова претстава, која ќе донесе поука и нова практика на управување и владеење: реалните животни потреби на народот не можат и не смеат да се игнорираат, животот мора да се подобри, а одговорноста на пиедесталот е неизбежна.
И така, со доследност, одговорност и грижа за народот, се создава држава на која сите ќе бидеме горди.
Пишува: проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ