Колумни

Вечните кандидати – битно со стабилизација и асоцијација

Чуден сој сме. Како едвај да чекаме некој да не земе и владее. Покажуваме некаква пркос, ама не гордост и знаење. Претпоставувам дека тоа е поради негативната селекција. Се додека за лопов велиме дека се снашол, нема напред.

Вечните кандидати – битно со стабилизација и асоцијација

Фарсично е да се зборува за европскиот сон на Македонија. Да, кон таа идеја и мисла бевме 35 години насочени и фокусирани, и се уште како нација сме, ама факт е не оди!

Зошто не оди? Затоа што во годините кога бевме насочени кон прилагодување на законодавство, образование, здравство, систем, по глава не удрија дека приоритет се етнички, верски и малцински права. И не онакви какви во нивните земји, туку „хард кор“ верзии, кои низ годините се повампирија и го изместија цело општество, па сега е тешко да се подведат под ред, за да останеме функционална држава, со нација, а не се заедници, со родители, а не со бројки, со секуларност, а  не верски фанатизам.

Едно нешто не сфативме! Дека во ЕУ или нема  да влеземе никогаш, или пак на купче, цел Западен Балкан, преку ноќ, топтан, со политичка одлука. И тоа е суровата реалност. Европа едноставно неќе православци и муслимани, и тоа е тоа. Романија и Бугарија, па и Грција дваесетина години претходно, ги примија геостратешки за да им ги чуваат границите и бидат „бафер зона“.

Заборавивме како нација да се грижиме за себе. Заборавивме на добрососедството, маалскиот живот. И празниците ги извештачивме, искривоколчивме, комерцијализиравме.

Секоја будала влече на своја страна, гледа свој интерес, а за празниците едните форсираат идеологија, која самите си ја измислиле, или е кукавичко јајце на нечиј туѓ интерес, или пак празниците се основа за продолжен викенд, каде, ако не во Грција (македонските албанци, попрво во Албанија, или кој има кај роднини на Косово).

Дечки, државата не се оправа за во ЕУ, туку за нас самите. А ЕУ? Ич не’ не сака, само сак да ја контролира територијата на Западен Балкан, па регрутира умни луѓе, доктори и мајстори, а тука ние да останеме ничија земја за емигранти од Африка и Азија. Звучи сурово? Па можеби е, ама реално е.

Со НАТО ни се дава некаква безбедносна гаранција и стабилност, како и форма на неменливост на граници, но што ќе се случува внатре, како држава ќе стане истата, како ќе се дефинира и функционира, тоа зависи исклучиво од нас, а нас не снемува.

Внатрешноста умира. Селата исчезнуваат, како и малите градови. Децата 20 години ги едуциравме со гимназиско образование, и учеа факултети за менаџменти, логистики, администрации. Таквите не знаат денес писмо по пошта да пратат. Школството го поделивме етнички, па скоро пола народ не го знае течно јазикот на државата во која живее. Се повеќе вработени во државниот сектор, посебно во канцеларија. За на терен никој не е! Нема трева кој да искоси, прашина да зачисти, или нешто да поправи. Битно, таквите одлуки и чекори, пред секои избори, носат контингент гласови.

Локалниве избори кои следуваат ќе бидат лакмус. Дали резот и функционалното работење ќе почне уште по интензивно да се тера, или ќе се вратиме на старите навики? Дали после истите, и централната власт ќе продолжи уште по засилено со темпото на реформирање на системот или ќе потклекне пред притисоците.

За почеток ќе мора кј сите политички партии да се случи еден битен пресврт. Оние кои работат директно на терен, и сакаат да се пратеници и локални функционери, ќе мораат да престанат да лажат и да ветуваат нешто што не можат да испорачаат. Сфатив низ годините дека проблемот е токму тоа. Не ветувај тоа што не можеш да го реализираш.

Ама како па тогаш Европа може, нели? Таа не лаже 30 и кусур години. Така да, учиме од најдобрите. Се ни сменија, не силуваа како народ, ветуваат „брда и долини“, за на крајот со уцени и притисоци, токму од соседите, да не блокираат. Јас не знам како мислат дека ќе живееме заедно во „обединета Европа“ после сета зла крв, кои сами ја поттикнуваат?! А праксата вели дека доколку сакаат, се решени и истрајни. Можно е и изводливо за 5 го 7 години не внесат во ЕУ, но за таков чекор, црни листи не треба само САД да прави, туку и „еврогубернаторите“.

И дедека се тука треба да ни го покашат европскиот „штих“, а не тие да се балканизираат и да мислат дека се паши, бегови, кметови. Секој ќе си се најде во кажаново, знам. Од Балканов ретко кој си оди по сиромав, или подослабен.

Чуден сој сме. Како едвај да чекаме некој да не земе и владее. Покажуваме некаква пркос, ама не гордост и знаење. Претпоставувам дека тоа е поради негативната селекција. Се додека за лопов велиме дека се снашол, нема напред.

Патем, живо ме интересира кој се ќе го прославува денот против фашизмот. Малку се извртија работите. Црното стана бело, и обратно. Матни времиња.

За крај, да за Европа, ама со средена држава и општество, и како Македонци, не како хибриден режим, со етнички заедници. Со ред, поредок, владеење на право, а не со тендер мафија и тефтерчиња. Една е Македонија, да си ја чуваме!

To top