Без да навлегувам во причините и виновниците за војната во Украина (за што, мојот став е повеќе од јасен), како вовед во текстов, ќе ги парафразирам зборовите на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Тој, на оние што “не можат да спијат“ заради жртвите во Украина, им го порача следново:
“Само замислете си дека ова се случува во Африка или на Блискиот исток. Само, на местото на Украина, замислете си дека се врши бомбардирање на Газа. Или, едноставно, замислете си дека ова го врши Америка. Тогаш верувам, мирно ќе спиете.“ Со овие неколку реченици, тој го кажа она за што со децении во недоброј текстови сум пишувал, а еден од нив е насловен како – “Двојните стандарди, рак-рана на денешницава“ (објавен на 14 ноември 2018год.), дека двојните стандарди се закануваат да го уништат светот.
И навистина, еве токму деновиве сме сведоци, според податоците на ООН, дека над 70 проценти од населението во Газа, претежно жените и децата страдаат од целосен недостаток на храна, дека, заради тоа, дел од нив е веќе осуден на смрт. Истовремено, 80 проценти, повторно, според податоците на ООН, немаат пристап до вода за пиење и до електрична енергија.
ГОСПОЃО КАЛАС, ЈА ЗНАЕТЕ ЛИ РЕЗАН АБУ ЗАХИР
Резан Абу Захир е името кое, претпоставувам не му значи ништо на ниту еден ЕУ функционер, бидејќи од залагањата за целосна милитаризација на континентот, немаат време да се занимаваат со “непотребни“ поединци и нивни евентуални “проблеми“.
Колку за нивна информација, Резан Абу Захир е четиригодишно палестинско девојче кое денес умре од глад. Или поточно, девојче кое тие го убија не чинејќи ништо да помогнат да прекине невидениот геноцид во Газа. Го убија тие кои воведувајќи 18 пакети со повеќе од 30.000 санкции кон Руската Федерација, не се осмелија ниту да проговорат против ционистичкиот геноцид, а не пак, да воведат макар и симболични санкции за да покажат дека, едноставно, не прифаќаат смрт од неухранетост заради бомбардирање на цивили додека чекаат во ред за 100 грама брашно.
Тоа ќе рече, нивните двојни стандарди, нивното лицемерие и нивниот расистички однос, ја убија четиригодишната Резан Абу Захир и, најверојатно ќе убијат уште десетици илјади невини дечиња. Дечиња чија единствена вина е што не се родени во “рајската градина“ (како што Жозеп Борел ја нарече сопствената ЕУ), туку во “пустината“ како остаток од светот.
Тие истите, кои се опулени со сите четири за едни, а сосема замижани за други жртви, тие се оние истите кои со децении, со своите двојни стандарди, користејќи ја желбата на дел од македонската нација да станеме членка на ЕУ, вршат разнебитување на македонската држава и македонскиот народ. Тие се оние кои примајќи, со политички одлуки, прекутрупа држави кои не исполнуваа ниту еден стандард или што и да е, што нам ни се наметнува, од нас бараат целосно идентитетски да се обезличиме, воведувајќи наметнати билатерални спорови како критериуми кои треба да ги исполниме.
За да биде сосема јасно зошто го пишувам ова, ќе го наведам примерот со Украина. Имено, корумпираните европски бирократи бесрамно ги убедуваат сопствените граѓани, и целата светска јавност, вклучително и нас, дека Украина ги исполнува условите за започнување преговори за брз прием во ЕУ. Тоа ќе рече дека, според нивните бесрамни лаги, нема нерешени прашања со соседите, дека нема корупција, дека има целосно владеење на правото и дека се почитуваат човековите права. Истовремено, нели, ги исполнува и строгите економски критериуми за успешна економија која без проблем ќе се вклопи во заедничкиот ЕУ економски простор.
Да одиме по ред. Украина е единствената европска држава која во моментов се наоѓа во војна со еден свој сосед, а останатите соседи, како на пример Полска, Унгарија и Романија сметаат дека имаат нерешени билатерални, па дури и територијални спорови со неа. Толку за решените билатерални спорови.
Токму пред два дена, кога е во прашање владеењето на правото, на Агенцијата, или како и да се вика, за справување со крупниот организиран криминал и корупција, кога оваа во своите истражувања за корупција и криминал опасно се приближи до најблиските соработници на Зеленски, и беа одземени ингеренциите и, експресно, во само еден ден, преку собраниска одлука, беа пренесени директно во надлежност на тој ист Зеленски, за кого светот зборува дека во последниве неколку години станал еден од побогатите луѓе на планетава. Толку за справувањето со корупцијата и владеењето на правото.
Откако веќе неколку години, на припадниците на унгарското малцинство во Украина им е забрането студирање на нивниот мајчин јазик, откако најбезобзирно се забранува една црква и, нејзините верници и свештенослужители најбрутално се малтретираат, затвараат, претепуваат и прогонуваат и, по примерот на талибанците, се сквернават светите објекти, конечно, пред два дена, беше забранета и употребата на рускиот јазик во Украина, што мене лично, многу ме потсетува на Германија од пред едно столетие. Пред неколку дена, меѓу другото, почина еден украинец со унгарско етничко потекло, заради претепување до смрт бидејќи не прифаќал да замине на фронтот како топовско месо. Толку за високото ниво на човекови права.
За економијата на државата, која за жал, е целосно девастирана заради тригодишната војна, чинам дека вооптшто не треба да се пишува, бидејќи светските економски експерти говорат дека на Украина, со сесрдна помош од целата меѓународна заедница, ќе и требаат најмалку 30 години за да започне самостојно да функционира во услови на сиромаштија.
Ете таа и таква Украина, според Фон Дер Лајен и Каја Калас е подготвена да ги започне преговорите со ЕУ, а замислете, Република Македонија има само уште еден мал услов за да дојде приближно до нејзиното ниво на исполнети критериуми – да се самоукине народот во државава, да признае дека ниту постоел, ниту постои, ниту ќе постои.
СЕПАК, ДА УЧИМЕ ОД ГРЕШКИТЕ
Двојни стандарди заради кои итно мора да прекинеме какви и да е натамошни преговори и, гледајќи како се движат работите, да го сочекаме моментот на трансформација на ваквата корумпирана, лицемерна наднацинална ЕУ, во сојуз на суверени европски држави, сојуз во чија реформа ќе учествуваме рамноправно со сите останати европски држави, без уцени и сочекување од заседа од страна на оние кои со политички одлуки се нашле таму пред нас.. Најверојатно ќе поминат неколку години, но, вреди да се почека, зашто, како што изјави и Алексис Ципрас – “доколку официјално Скопје не потклекнеше уште неколку години и, не си го сменеше само името, ние ќе моравме да попуштиме“.
Дајте, како паметните, сепак, да учиме од грешките.
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК