Колумни

Уште еднаш за железницата и нејзината важност

Се надевам дека идната Влада ќе има свест, разбирање, визија и план за сево ова. Актуелниве видовме што можат. Беа, и да не се повторат. Да веруваме дека брзо ќе се реагира и дека ќе има резултати.

Уште еднаш за железницата и нејзината важност

Повторно вест во медиумите: Владата префрли 2.5 милиони евра за плати и трошоци во Железници- Транспорт. Пред неколку месеци им префрлила 16 милиони евра за струја.

Генијално! За греота сме. Во време кога еден куп водни и патни коридори се блокирани, во време кога соседството гради брзи пруги со 200 на сат, ние тонеме во долгови. Жално, ама вистинито.

И ова претпријатие, како и она за инфраструктура, власта го дели како изборен плен за владеење, го дава на партиски кадри, кои секако го полнат, се разбира, со администрација и раководители, секако по партиски и етнички клуч (ништо без „правична застапеност“, која праксата покажува дека и не е толку правична) и на крајот испаѓа дека севкупно, железницата е банкротирана играчка, од која народот целосно, а бизнисот во голема мерка се има откажано.

Ајде да бидеме искрени, време е за ресетирање. Ама комплетно! Работниците, стручните лица се се’ помалку, повеќето пред пензија, мајстори и обучени лица од средните училишта на излегуваат, сервисот на железницата „Колска“ од Велес е уништена, така да, се’ освен ресетирање е бош муабет.

Државата треба да постави амбициозен менаџмент, кој ќе подлежи на сериозна ревизија, ќе направи рационализација на трошењето, за еден куп работни позиции ќе ангажира „аутсорс“ (недворешни лица) и целата енергија ќе ја вложи во стручниот персонал и во самата дејност. Треба паметно да се работи со имотот. Тоа што не е потребно, а има повисока пазарна вредност треба да се продаде на лицитација, просториите максимално ефикасно и практично да се употребат. Да се користат алтернативните енергии, секаде каде што може, а државата од сега натаму да инвестира само во нова инфраструктура и евентуално нов возен парк и делови.

Не ми е јасно, како за 33 години независност не се споија Демир Хисар (Сопотница)и Кичево? Не ми е јасно, како после 30 години од почетокот на пругата кон Бугарија, истата не се изгради? Иако јас ако се прашувам, место да се мачеа да градат прво Куманово – Крива Паланка, попаметно беше да се вложат пари за најтешкиот дел, Ѓуешево – Крива Паланка. Барем така Крива Паланка ќе станеше царинска зона, ќе доаѓаа возни композиции и од Црно море и од секаде, роба ќе се примаше и царинеше, од таму со камиони дистрибуираше низ цела држава. Ем североистокот ќе се развиеше, ем ќе имаше работа за сите. Ама тоа е! Помина шансата!

Идната Влада за почеток мора да работи за почеток на целосно нов проект за коридорот 10 и тоа со пруга во два правци. За тие кои не знаат, добар дел од трасата, посебно делот од Зелениково до Велес, па и добар дел надолу до границата, е спор, и низок до самата река Вардар, со што не остава можност за изградба на неколкуте брани по течението на оваа река.

Следно, треба да е електрификацијата на пругата, и изградбата на краци од истата, како правење спојување каде што е возможно. Не можам да сфатам како една Влада влегува во огромни милиони проекти за автопати, без во истите да вклучи и паралелен железнички коридор, или барем да ја искористи да истовремено се направи проектирање за железницата, или пак таа силна механизација, кога е на терен барем да ги пробие дополнително трасите или тунелите. Се додека не ја поврземе Македонија со железница со Албанија и Бугарија, напред не одиме. Да, Албанија има катастрофално лоша железница, но тоа не значи дека ние не можеме да изградиме пруга до некој граничен премин, па после тие нека му ја мислат.

Возот е прекрасно превозно средство. Со воз сум одел до Љубљана, до Загреб, до Букурешт, до Атина, за смешни пари. Иако железницата беше во распад по 2000та, јас како студент ги користев сите можности со воз да стигнам некаде. Отидете на железничките во Белград, Загреб, Љубљана, Солун и ќе видите какви се возови возат таму, и кон западна Европа. Само ние имаме вагони од 60те и 70те, со исклучок на оние неколку кои беа пред 10тина години купени.

Железницата е битна за дополнителен економски развој. За брза комуникација меѓу градовите и државите, но и за по спор транспорт до одредени заборавени рурални краеви до кои нема друг алтернативен превоз. Битна е и за индустријата, трговијата, градежништвото. Во нормални држави, нови градови и села се планираат и проектираат покрај железнички станици. Кој патувал со воз за Загреб, знае дека кога утрото пристигнувате кон главниот град на Хрватска, возот се преполнува со ученици и студенти кои одат кон главниот град. Брз превоз, не заглавува во сообраќајот, а собира стотици луѓе одеднаш.

Тука беше и онаа моја иницијатива за која неколку пати со пишувал изминатите години, дека со оглед на местоположбата на скопската железничка станица, и солидната мрежа, дека со одредени инфраструктурни адаптации и репарирање на стари возови и вагони, може да добиеме брз превоз за жителите на Петровец, Гази Баба, Илинден, Зелениково, Бутел, Сарај, Чучер Сандево, но и најблиските соседни градови како Куманово, Велес, Тетово, и местата кои се по тие делници. На крајот на краиштата, понудете и на тие кои се сега работат со комбиња и автобуси, да се здружат и да купат некоја композиција или нека ја репарираат, па место да се мачат по патиштата, и при пристигањето наутро да се прави хаос во Скопје, нека ги заработат истите пари, па и повеќе превезувајќи ги со воз до Железничка или неколкуте попатни станици во Скопје.

Се надевам дека идната Влада ќе има свест, разбирање, визија и план за сево ова. Актуелниве видовме што можат. Беа, и да не се повторат. Да веруваме дека брзо ќе се реагира и дека ќе има резултати.

 

Александар Ристевски

To top