Колумни

Тивките херои

Капа долу, тивки херои! Вас никој не ве фали во јавност, ниту со име не ве знае, ама за мене лично, вие сте јунаците и хероите, срцето на оваа наша напатена Македонија! Слава ви!

Тивките херои

Оваа моја денешна колумна ја посветувам на тивките херои. Оние за кои никој јавно не зборува, оние кои се соочуваат со животно загрозувачка работа, а се потценети, слабо  платени, лошо опремени, а неретко и невработени или волонтери. Зборувам за пожарникарите.

Зборувам за секој оној кој периодов излегол на терен и помогнал да се справиме со пожарите и со борбата да не ни отиде цела држава во пепел. Ова што се случува е страшно и ќе бидат потребни децении за да се опоравиме од штетите. Ќе имаме мака со животните, со здравјето, со микроклимата, со земјоделието. Штетите допрва ќе ги утврдуваме.

Поборник со да со закон се детерминираат драконски казни за пироманите. Да скапат во затвор, но и целосно да им се заплени и се што поседуваат, како наплата на штета. Каков нечовек треба да бидеш за да запалиш шума или цела една планина?

Овие, повеќе од очигледно плански подметнати пожари покажаа и потврдија колку сме неспремни како држава да се справиме со предизвиците. Но, и потврда за тоа какви морони сме имале на високи позиции, на кои им било побитно да купат службена нова кола, или канцелариски мебел, отколку да се купат нови возила за пожарникарите, или модерна опрема, црева, нови пожарникарски станици, базени и цистерни, опремување и одржување на опремата и се она што значи превенција.

Најголемиот дел од народот летово скита по одмори, или е негде под клима. Секако, сите се експерти за се, и имаат став за се‘, но немаат објективност, ниту пак доволно информации да извлечат точни заклучоци. Пожарникарите се исклучително слабо платени за работата која ја работат. Секаде фали кадар, најмалку дупло, а во еден добар дел населени места и нема професионална противпожарна заштита, туку волонтери. Опремата е стара, теренската покриеност лоша, и не се вложува во кадрите, ниту во иднината. Евидентно е дека се нема ниту план, ниту стратегија.

На политиката и е полесно да вработи секретарка или некој државен службеник кој дреме со саати под клима, и чека лето или продолжен викенд негде да здувне, отколку пожарникар. Сега кога е најтешко, се надевам ќе сфатат, колку фалат. Глупост е дека истите преку година така седат и ништо не прават, како што многумина тоа сакаат да го прикажат. Пожарникарите помагаат и при несреќи, извлекување, и други форми на непогоди, како поплави, земјотреси и слично.

За нив секогаш пари нема, за се друго има. Срамота! Секоја чест до секој еден пожарникар, но уште поголема почит кон луѓето кои се пријавија за доброволци и кои по своја иницијатива и свест, отидоа на пеколните температури, да го ризикуваат сопствениот живот и да се справат со огнената стихија. Сите тие треба да бидат парично наградени и одликувани за трудот, но и да добијат бенефиции, пред се во сферата на здравство и школство. Ако немаат, да им се најде работа, или да бидат вработени како пожарникари.

Дали приметивте дека кога е пожарникарството, тука нема муабет за џендер и балансер? Никој не прашува колку жени има, и колку  се вработени по балансер. Знаете зошто? За оваа работа треба да имаш срце, храброст и пожртвуваност, и да сакаш да ја работиш, а што си, кој си, и каков си е помалку битно. Сигурен сум дека има место за сите, поентата е што политиката неретко креира места кои се небитни, а ги запоставува круцијалните.

Искрено се надевам дека новата Влада во периодов кој следи ќе направи целосна реорганизација на овој сектор, ќе се воспостави тренинг центар за пожарникари, и дека секој град и секоја општина ќе има свои единици кои ќе дејствуваат на терен, дека ќе се купи нова опрема и дека ќе се обучат нови кадри, пред се за воздушната поддршка. Ни требаат и мали и големи противпожарни возила, ни требаа и хеликоптери и авиони канадери, но и пилоти со добри плати. Последните ни се во пензија, а имале плати како некаков си бирократски службеник во некое министерство. Фарса невидена!

Капа долу, тивки херои! Вас никој не ве фали во јавност, ниту со име не ве знае, ама за мене лично, вие сте јунаците и хероите, срцето на оваа наша напатена Македонија! Слава ви!

 

Александар Ристевски

To top