Колумни

Тендерашите го трчаат почесниот круг

Тендерашите го трчаат почесниот круг

Новата година започна со една екстремно добра вест за Македонија. Грчкиот партнер во бракот со македонските владини арамии за Чебрен испадна несолвентен. Пустиот несуден соучесник во антимакедонската измама на деценијата да ти немал пари. Таксират. И тој домазет, ко нашите северни властодршци од СДССС и ДУИ, кои по навика на власт доаѓаат како голтари, ајварџии и козари, а си заминуваат како милионери.

Добар почеток на 2024-та, Македонија здивна од најавата за енергетско ропство. Уште побитно, ако по утрото денот се познава, ова е совршена увертира за отргнувањето од уште едно, северно ропство и стап кој го јадеме седма година по ред. Година на тргање од власт на октроираните ќелепури кои не успејаа да ја завршат домашната задача која сами ја ветија. Да ја дозакопаат државата и нацијата со францускиот/бугарски предлог и да внесат во Устав Бугари со бројка од статистичка грешка маскирани како државотворен народ.

Интересно, но голем уддел во претстојното, мајско испраќање на СДССС во историјата има токму коалиционерот ДУИ. Индиректно, Алиевци и Грубиевци им покажаа на Македонците дека оваа комуњарска банда не смее да остане на власт. Тачевци и Заевци им дадоа се’ што треба и не треба за да владејат и крадат, а наследниците на УЧК тоа го наплатија скапо, прескапо. Што повеќе од 20-те инстант-милиони евра на внучето на Ахмети за Соравија, аздисот на Груби со Бехтел и Енка, М-НАВ и атакот на чаирскиот огранок, донаторите од Ласкарци, милионите за другите донатори на ДУИ од Еуровиа (ЕУ-ро виа Мала речица), изјавите за тоа како командантот господари со Македонија, се’ до пиротехничките афинитети на копиљот кој покажа колкаво недозреано детиште лежи во новокомпонираниот милионер Дрин.

Небулозата на феноменот на „Мостот на Дрин“, едночинка во која од авион се гледа дека „мостот“ и преминот на Али кон македонскиот џеб и контаминација на државата се статистите СДССС и Таче, бандити кои толку великодушно му ја дарија Македонија на тацна, само и само за да можат да владејат и на раат да крадат, градат фотоволтаични полиња и да тендерисуваат. Феноменот на понизниот подизведувач во ликот и неделото на трајно неспособното арогантно човече во 5 броја поголеми опинци кое глуми премиер…

А, класиката вели дека како СДСС почнува да тоне, така на површина ко печурки по дожд излегуваат петтоколонашите и одродите и почнуваат со промоција на демек-македонски десничарски партии, направии создадени за јасен одлив на гласови кои треба да го намалат поразот на стопанот од Бихаќка. Стара и ултра-евтина македонска предизборна трагикомедија. И така, би Данела. Ќе ги има уште многу, несомнено…

Не мора да сте Ајнштајн и не ви требаат анкети за да сфатите дека вака крајот мириса. Паниката и стравот на Ќуран и болументата се повеќе од опипливи, пластични. Веројатно, не е лесно кога ќе мора да ви нацртаат за да разберете дека по сите белји што сте ги направиле доаѓа казната за стореното.

Престапна година која со себе носи и казна за Онкологија, за распродажбата на идентитетските одредници, казна за пожарот во модуларните болници, за преспанската капитулација и за промената на името, казна за Ласкарци, казна за невидената корупција и тендерисување, казна за продажба на историјата, за руинираното здравство, за девастираното образование, казна за Договорот за не/пријателство  и француските ујдурми спакувани во бугарскиот предлог, за економскиот колапс и 50% зголемени цени, за затворените патриоти по затворите, казна за аздисот со 78% зголемени платички, за самоамнестии со Кривичен законик, казна за неаргументирана двојазичност, за наместен Попис, казна за дозвола за бугарска асимилација на Македонци во Албанија, за ненавремена реакција во случајот со малата Вања. Казна за сиот чемер, гнев, бес и јад збран во душата на Македонецот како резултат на  илјадниците понижувања на Македонија и урнисување на макеоднштината. Има уште многу, ни треба некој формат на Толстоево дело за да ги наброиме сите зла и црнила на оваа забегана банда.

Затоа, не чудете се на паниката и извитоперената северна фацијална експресија затскриена со лажна агресија кај владините извиканици. Не им е лесно. А не треба ни да им биде, не смее. Сведочиме на еден чин кој беше неминовен и беше само прашање на време.

Маратонците во 1982-та во Југославија, а во 2024-та година во Македонија „Тендерашите го трчаат почесниот круг.“ Знаеме добро, како тој завршува…

To top