Тантал, лик од митологијата, бил крал на Фригија кој немал доверба во боговите и во нивната семоќност, па затоа бил тешко казнет на вечни маки со глад и жед. Така, бил фрлен во подземниот свет,во царството на Ад, каде што во едно бистро езерце морал да стои во вода до брада, но штом ќе се обидел да се напие, водата се повлекувала. Над него имало дрво со плодови, но ако посегнел да скине, тоа се оддалечувало.
Вака, и покрај водата и храната, кои му биле речиси на дофат, тој бил измачуван со жед и глад.
Затоа, таканаречените танталови маки претставуваат залуден копнеж по нешто што е сосем блиску, а сепак е недостижно.
Сизиф, пак, бил најитар човек во древните времиња, но во една прилика го предал врховниот бог, па затоа бил казнет со смрт. Сизиф сакал да се спаси со итрина па и рекол на жена си да не го погребува и да не дава задушница. Потоа, божем да види зошто таа така постапила, тој излегол од Адот.
Кога излегол, многу се забавувал и уживал во својот дворец. Тоа многу го разгневило Ад, па го вратил во своето подземно царство и го казнил Сизиф постојано да турка еден огромен камен од рамнината до врвот на ридот. Кога ќе го искачел ридот, невидлива сила му го туркала каменот од рацете и тој се стркалувал долу, назад во рамнината. Тој морал одново да се искачува со својот камен, но никогаш не можел да стигне до целта.
Затоа, по примерот на тој бесмислен напор на Сизиф, секој претежок и невозможен труд кој нема цел, се вика Сизифов камен или Сизифов труд.
И конечно, Одисеј. Одисеј и неговите кораби пловеле кон целта, кон Итака, но патот постојано им го попречувал Посејдон, богот на морињата и, затоа го губеле патот. Талкале до островот Огига, каде нимфата Калипсо, вљубена во Одисеј, ги задржала 8 години, па, следела случката со киклопот, едноокото чудовиште, Полифем, од кого Одисеј, откако му го ископал окото, избегал криејќи се под овците, за да конечно стаса на островот Еол.
Таму, богот на ветровите, сите западни ветрови кои не му дозволувале на Одисеј да пристигне до посакуваното копно, ги затворил во една мешина, а го оставил само мирниот ветер Зефир за да му помогне на Одисеј да стаса до целта. За жал, еден од морнарите, најглупавиот и најалчниот меѓу нив, ја отворил мешината и ги ослободил сите ветрови, па бесцелното патешествие продолжило со години и децении…
Кога конечно стасал дома, во Итака, видел дека во неговата палата владее хаос од додворувачи кои се обидувале да ја освојат неговата љубов Пенелопа, која со сила била принудена да се омажи со некој од нив.
Според неговите авантури, секое тешко, предолго и, речиси бесцелно патување, се нарекува Одисеја.
МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ НА ПАТ КОН ЕУ
На секој од вас, кој го прочита досега напишаното, најверојатно, како и мене, ќе ви се наметне аналогијата на патувањато на Тантал, Сизиф и Одисеј, со патешествието на македонската држава и македонскиот народ по патот кон ЕУ.
Со децении врзани во бистрото езерце во подземното царство на големите европски сили, со вода до брадата, која се повлекува штом се обидеме да се напиеме и, со дрво со плодови кое се оддалечува штом се обидеме да скинеме плод, ние Македонците и нашата Македонија сме вистински пример за залуден копнеж по нешто ветено, блиско, а толку далечно. Со децении, покрај бистрата вода и дрвото со плодови, измачувани со жед и глад. Вечни Танталови маки…
Повеќе од едно столетие, од 1913 година, казнети од владетелот на подземните сили Ад, огромниот камен од големите европски сили, преку рацете на нашите соседи, секогаш кога речиси ќе го истуркаме до врвот, ни е поттурнат и ни се стркалува долу, назад во рамнината. Денес, повеќе од кога и да е, не’ демнат нас Македонците и, штом ќе се доближиме до врвот, со вечна омраза, ни го поттурнуваат каменот од рацете. Па така, нашиот напор станува се’ побесмислен и побесмислен. Вечен Сизифов труд…
И конечно, нашата Одисеја, нашето предолго и бесцелно патување, каде западните “богови“ не ни даваат мирно да допловиме на сигурно копно. И оној, или оние, кои отворајќи го Уставот, ја отворија мешината, ги ослободија злобните ветрови за да продолжиме со бесцелното патување. А, нашата “љубов Пенелопа“, нашата мајка Македонија, со безбројни насилни “додворувачи“ кои создаваат хаос и кои ја присилуваат на неприроден “брак“. Вечна одисеева авантура меѓу Сцила и Харибда…
ЗАРАДИ КРАЈ НА БЕСЦЕЛНОТО ПАТУВАЊЕ
Најверојатно многумина ќе се запрашаат каква врска има древната митологија со нашата современа денешнина. За мене е повеќе од јасно дека доколку продолжиме со бесцелните и наметнати преговори со официјална Софија и официјален Брисел, еден ден, во некоја далечна иднина, Македонците и македонската држава, исто како денес Тантал, Сизиф и Одисеј, ќе бидат само митолошка содржина. Содржина која некогаш постоела и станала мит за кој ќе се раскажува.
Бидејќи е повеќе од јасно дека сите натамошни наметнати решенија водат кон целосно бришење на македонското постоење, наша обврска е најитно да ги прекинеме сите преговори, договори, историски комисии и се’ што води во тој правец.
Постоењето на ваквата Европска Унија е со ограничен рок на траење и, наместо во целосно дефакторизираниот наднационален сојуз, Република Македонија мора да размислува за својата сигурна позиција во идниот мултиполарен свет во кој токму за ЕУ нема место.
Конечно, наметнатата ирационалност мора да и отстапи место на реалполитиката, доколку не сакаме и понатаму гладни и жедни, патувајќи меѓу Сцила и Харибда, вечно да го туркаме каменот кон врвот!!!
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК