Конечно поместување на нештата од мртва точка каде што беше заглавен договорот со Бехтел и Енка. Истиот беше потпишан, пари се исплаќаа, но освен помпезни најави, апсолутно ништо не се мрдна цели година и пол, поради неажурност на претходната Влада.
Во изминатите четири месеци со многу залагање и макотрпна работа нештата се помрднаа и работите започнуваат со турбо темпо. Главната мака, експропријација на оваа траса е готова, а за сите останати траси треба да се реши се’ до Нова година, според најавите. Во Пелагонија, меѓу Прилеп и Битола, се тера и процес на деминирање на бомби од Првата светска војна кои ги има, но и детални археолошки истражувања.
Денес официјално започна трасата Гостивар до Букојчани, каде истата ќе треба да се поврзе со актуелниот автопат кој е во градба изминативе десет години кон Охрид, чиј крај во етапи треба да биде во следните две години.
Со тоа ќе се добие едно брзо експресно решение и нема да ги имаме гужвите и колоните на Стража, ниту пак стоењето на раскрсница на влезот во Гостивар. Паралелно очекувам во следните неколку месеци да се гради и Тетово Гостивар, како вистински автопат со шест ленти, а не актуелниов кој беше експресен пат со бетонски ѕид.
Цел крак ќе има после Охридскиот аеродром кон Струга, па се до границата со Албанија.
Искрено, моја желба истата траса ако ништо друго барем во некоја форма да даде основа и за пропратна железничка инфраструктура, која овој коридор на западот и кон Албанија и кон Јонското море ќе го заживее.
Ќе пркнат од ова и Кичево и Охрид и Струга, ќе има бенефит и Преспа, но и цела Дебрца. Побрзо и до Поречието, но и до Железник цел (Демир Хисар), а и алтернатива кон Крушево.
Мала држава сме но со тежок терен и сложена конфигурација. Работата е да не се патува по 5 6 7 сати во мала држава.
Со добра и квалитетна работа, треба од секоја точка до Скопје да се стига за 2 часа, а низ државата секоја паралела да е 3 4 часа максимум.
Тоа ќе донесе развој, напредок и ќе ја заживее внатрешноста.
Ќе се намалат гужвите и нервозите, ќе зе зголеми туризмот, странските посетители, но и ќе има внатрешна раздвиженост.
Истовтемено мора да се работи и на паркинзи и пристапни патишта, кои пак со неодамнешните законски измени ќе се забрзаат, без оглед на заглавените генерални и детални планови по општините.
Паралелно се тераат и трасите на еспресните патишта и кон Крива Паланка, и Градско Прилеп, и на истокот кон Струмица, дај боже и од Кочани кон Берово и Делчево, а се надевам дека наскоро и градилиште ќе биде и железничката инфраструктура низ цела Македонија која беше речиси уништена.
Секаде во светот има куќи и згради близу пруга и помали станици, само кај нас тие предели се запустени или со остатоци од пропаднати индустриски објекти. Мислам дека градскиот воз низ Скопје, како едно урбано метро ќе го раздвижи градот но и ќе го спои главниот град поблизу со одредени села, приградски населби, но и со Куманово, Тетово, Свети Николе, Скопскиот Аеродром.
Јас сум оптимист. Верувам дека овие проекти ќе бидат локомотивата на целото стопанство. Вака се влегува во Европа. Се друго е бош муабет и дневна политика.
Александар Ристевски