Колумни Ќе си пукнеме, но нешто не е во ред.

Сомнеж и бессоница

Сомнеж и бессоница

Веќе недела дена не спијам мирно. Не спие ни цела Македонија. Не прогонува детскиот лик на малата Вања. Цела држава  е обземена со чувство на жалост, сочувство и премногу, премногу собран гнев. Ова не е нормално, што ни се случува? Ало, луѓе, та ваков хорор не личи на Македонија!

Ќе си пукнеме, но нешто не е во ред. Нема никаква логика во ваква „разрешница“. Премногу дупки и нелогичности. Не требаше, не смееше да заврши вака. Не’ мачи и убива однатре судбината на едно невино дете,  жртва која не смееше да падне. Експлодираме во себе, гревот и злодејанието на злотворите се преголеми, садистички и толку ултра-нелогични. Масовна македонска имплозија. А, емпатијата е неминовна. Вриеме и сочувствуваме. Да, сите имаме деца. Во најмала рака внуци, абе комшичиња. Дете е дете…

Се сеќавам, добро. Предобро. Сите, со сета душа очекуваме и посакуваме среќен крај, „хепи енд“ за Вања кој ќе значеше враќање на сонот. За сите нас, за неа најмногу. Ама, не дојде. Ова не е Холивуд. Одамна, не е ниту Македонија. А, не така одамна, во нашата Македонија не се случуваа вакви работи, нели? Да, ама исто не така одамна, се’ отиде по ѓаволите. Човештината, најмногу…

Велат, надежта не умира. Па, чекај сега, како тоа кај нас и децата умираат?!?! Та, тие се над надежта, над се’, нели? Тие се иднината. Но, умирале ангелчињата. Не е логично. Ко и се’ во новата ненормалност, која ја газиме седум години по ред. Или, поверојатно, таа не’ гази нас…

По недела дена бессоница, дознавме дека Вања е мртва?!? Шок, неверица, та кој би убил ангел? Но, за жал, ова не е сиже на крими –серија на Фокс или ХБО, ова е новата, македонска, грда реалност. По ова нема заспивање. Бессоницата се зассили, вклучена на турбо. Кој идиот, кретен, говнар, сатрап, нечовек, ѓавол,  чудовиште, монструм, забеган кретен, копиле непрокопсано би можело да убие 14-годишен ангел? Кој социопат  би дигнал рака на прекрасно девојче кое тукушто почнува да го гази патот кон животот, дете кое, реално,  не ни живеело вистински до тогаш, ангелче кое штотуку  учело да го прави тоа? Проодувало, во животот… Дилемата ја стаписа и скрши Македонија. Никој немаше логичен одговор на прашањето. Ништо немаше логика, никаква…

Чекавме, логика, какво и да е објаснување. И? И дочекавме, лошо спакувано, вечерно соопштение од МВР на Спасовски. Штуро. Преполно со дупки. Глас кој требаше да ја смири јавноста. Не. Ја разгневи, разбранува и вознемири. Се’ беше безвезно, нелогично и тотално пореметено. Та, такви луѓе-нелуѓе не живеат кај нас во Македонија, нели? Арно ама, живееле…

Чекавме, со немир и бессоница уште нови 12 часа. До утрото и прес-конференцијата која требаше да ни ги дообјасни дилемите околу смртта на ангелот. Да не’ смири, да даде објаснување. Некакво. И???

И, излезе Бубевски од екс-СЈО, поданик на Катица која е во затвор (а, всушност, не е) и со своите 1% доверба на обвинителтвото му требаше да ја смири јавноста? И, ја смири ли? Не, само кажа еден нов куп небулози и нелогичен след на настани. Та ја убиле час и половина по киднапирање среде центар (грабнување коe никој жив среде бел ден не го видел),  затоа што јавноста се вознемирила и ангажирала (да, ама многу часа по тоа), та извршителот (нивни екс поданик) избегал „само“ цели два дена по јасна дојава и докази за негово учество (во меѓувреме, пред и по чинот, чмаел на компјутер и пишувал политички постови), па сторителите се возикале со возилото на првоубиената жртва насекаде (го линчувале за 500 евра?!?!), та учесниците признале се’ и немале поим, та сите да ти биле пустите од иста партија/направија создадена за дрмање/ништење на опозиција на избори. И? Се смиривме ли?. Не, не не’ смири „сроченото“, ни малку. Не’ довознемири…

Втора мајка. Спасовски се вика. Излезе заедно со Бубевски,  „првиот полицаец“, демек човекот кој се грижи, или барем треба да се грижи, за нашата и безбедноста на нашите деца. И?

И, не, не’ смири, пак. Сомнежот саде порасна. Пак…

Та, како да му верувате на партијски министер и на извршител кому му се случија Рекет, Двојник и Планина, во чиј мандат колегите му партиски Димова, Рашко и Мухи ја пелешеа државата, човече кое праќаше специјалци за апсење на патриотите од 27-ми април, врзан со тендери и проневери, лик кому не би дале да чува овци, не па држава? Лик кој одамна требаше да се спакува и да си замине во непознат правец. Контра-ефект треба да се преименува во Спасовски-ефект, дефинитивно…

Наместо да ја смири македонската јавност, истата таа остана 500% повозменирена по настапот на најпартиското дуо во историјата на државата. И, сега, во ваква ситуација кога цела Македонија е вознемирена и не можеда заспие од грижа за ангелот Вања и нејзината судбина, тие двајца треба да ве смират и да ве убедат дека, за промена, сега ја говорат вистината. И да е така, по толку лаги и местенки, бадијала, вербата е изгубена. Самите ја создадоа ова недоверба во нив, во системот кои тие лично го девастираа.

Жал ми е, но не можам да ви верувам, исто како и 99 насто од Македонија.

Ќе се согласам во целост со анализата на мојот моторџиски брат и пријател Ленин, кој ги разоткри „дупките“ и предочи дека тука нешто опасно смрди. Еве, што напиша Ленин Јовановски, па проценете самите, дали некој некого штити и има ли затскривање во целата оваа хорор приказна со северно-мафијашки елементи во себе:

Ќе си дозволам како магистер по криминологија да кажам мое мислење врз основа на ова што го слушнав од нашите официјални лица :

 

1.Ова убиството нема форми на “користољубие”

 2.Не постои конкретно дејство на уцена и изнуда.

 3.Девојчето е киднапирано за да биде егзекутирано.

4.Причината за тоа може да биде, дека таа нешто знаела, била сведок на нешто што можело да упропасти нечија кариера бизнис или живот, можеби сакала да обзнани нешто, можеби била злоупотребена од некоја битна (моќна) фаца или сл.

 5.Телото мора да биде на детална и професионална обдукција под независен и сигурен надзор од повеќе лица, за да не се остави простор дека ќе се прикрие нешто што може да даде вистински показатели за причините за убиството.

 6.Признанијата на учесниците не смеат веднаш да се земат здраво за готово без разлика колку и да соодветсвуваат со некакви материјални докази зошто истите можеби да се и така наместени да изгледаат баш така. Нивните искази во побитниот дел се сведуваат дека така им кажал егзекуторот (планерот) , а тоа никако не мора да значи дека тој им ја кажувал вистината.

 7.Не е ништо толку едноставно, ниту лесно и наивно, да се убиваат луѓе , а извршителот првото убиство многу повеќе денови , а второво (малолетно девојче) три дена откога е егзекутирана, убиецот да функционира нормално и мува да не го лази. Тој се чувствувал многу сигурен и доволно безбеден и си функционира како и секој друг ден, а таков може да биде само и само ако нарачателот или оној за кого работи е многу моќен за да му ја обезбеди таа комоција.

 8.Да имате храброст да егзекутирате втора жртва со возило кое е сопственост на веќе убиено лице по кое полицијата трага мора да произлегува од висока моќ.

 9.Да вмешаш толку сведоци (непрофесионалци) кои брзо ќе “пропеат” и да оставиш толку видливи траги (пред камери и сл.) мора да си сигурен дека тоа никој нема да го гледа.

 10.Треба да се бара нарачателот, тој е најбитниот во овој случај, актерите се повеќе или помалку, ете, сите тука.

 Има уште многу прашања , има уште многу за докажување и ова не смее да заврши само на исказите на двајца учесници кој очигледно се најмени и не биле и се уште не се ни свесни самите во што се сплеткани и за што точно ќе бидат употребени.

Ова синоќа го напиша Ленин, многу факти кои на сите ни паднаа наум, но тој добро и системски ги образложи.

Нека ми прости семејството (не татко и’, тој се гледа од авион дека не е ок), но тука се случува нешто уште погрдо и позабегано, ако, воопшто, може и да има погрдо од убиство на дете.

Да, светот од поодамна се соочува со „deep state“ или „длабока држава“. Македонија, пак, минативе 7 години се бафта со „плитка држава“. Поплитка, здравје. Такви се барем нејзините „великодостојници“. Плитки, голи и боси. Хохштаплери со IQ33…

Затоа, со право, сомнежот ја преплави Македонија. Пооснован, здравје…

Сомнежот вришти во нас и вели – затскрива ли забеганата „плитка држава“ нешто, некого, нечија инволвираност во морбидниот случај? Велат, да, така крајот мириса. Не сакам да биде така, но, очебијно, не ни знаеме колку лошо може да мириса крајот на една толку плитка, забегана, неспособна, инфантилна и натурена власт. Не сакам, но, едноставно, мора да признаеме дека ова станува  најморбидната македонска сторија и/траума!!! Има и лик, на прекрасно дете. И не, за жал, тоа не е Онкологија. И, да, овие ќелепури секогаш можат полошо. Ко Ќурка по Црпко, кај нив дното не е допрено, никогаш. Дај Боже да грешам, ама не мириса така.

Факт е дека ние и натаму нема да спиеме. Не спиевме и досега, а пак, повторно не бевме доволно „будни“. За Македонија. За нашите деца. Да, Вања е наше дете. Но, мораше ли, требаше ли смртта на еден ангел да не’ доразбуди? За жал, пак толку библиска приказна, повторно толку македонска, Вечнаја памјат, Вања, но кај Бога. Ние, ние сме бескрајно минливи и небитни…

To top