Она што со години се насетуваше, а за што многумина, а и јас лично многупати говорев и пишував, се потврдува и во најновата американска “Стратегија за национална безбедност“, објавена во петокот, на 5 декември – наднационалната творба, Европската Унија, повлекувајќи ги, за жал и европските држави и целата европска цивилизација, нема иднина и, ќе се распадне, во најдобар случај, најдоцна за 20 години.
За жал, многупати, уште пред најштетниот миг во македонската историја, моментот на уставните измени со кои беше променето името на македонската држава и избришан идентитетот на македонскиот народ, упорно и упорно објаснував дека државата е примарна, а секој сојуз, каков и да е, е секундарен и подложен на распаѓање. Всушност, историјата, за оние кои сакаа да ја знаат, не’ учи дека сите, па и најмоќните сојузи, воени, економски или какви и да се, во еден момент се распаѓаат. Затоа, упорно говорев и пишував дека заради ниту еден сојуз, во случајов, НАТО или ЕУ, не смее да се укине сопствениот суверенитет и интегритет.
Причините, за веќе од многу страни најавениот распад на ЕУ, ваква каква што е, се многубројни. Па, да одиме по ред.
КОРУПЦИЈА.
Корупцијата, која го загосподари “елитниот демократски“ свет, како систем за воспоставување либерално униполарно владеење со човештвото, истовремено претставувајќи најмоќен двигател за самопрогласените либерални “елити“, конечно, ќе биде повратното цунами кое ќе ги уништи токму таквите “елити“ и нивното “вечно“ постисториско владеење со светот.
Корупцијата преку која невидливите центри на моќ, преку либералните лудаци, владееја со светот, од доскорешниот претседател на САД, Џо Бајден и неговиот син Хантер, преку претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, поранешната комесарка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, огромниот број некадарни “лидери“ на европските држави, па до “домашното милениче“ на либералните “елити“, Владимир Зеленски, преку која, за жал, се уништија “демократските“ општества во Европа.
ТОТАЛИТАРИЗАМ.
Под маската на демократија, токму либералните “елити“ (марксистичка авангарда) воспоставија целосно тоталитарно владеење во кое нема место за поинакви мислења и ставови, ниту за поинакви политички опции. Покрај забраната за поинакво партиско делување ( Франција, Германија…), непризнавање на веќе избрани политичари и нивно тргање од легално освоената власт (Романија, Молдавија…), поставување власт спротивно на волјата на мнозинството преку разнобојни “револуции“ (Македонија, Украина…), постои и забрана за јавно изречен збор, забрана за поинакво мислење, забрана за слобода на говорот, цензура и “проверка на факти“, што заврши со орвеловско “министерство за вистина“ – Центар за демократска отпорност “Демократски штит“. Штит кој ја штити “либералната демократија“ од какви и да се вести кои не се во согласност и ја демаскираат лагата на либералната (марксистичка) идеологија.
ДВОЈНИ СТАНДАРДИ.
Можеби најмногу и најчесто сум пишувал токму за двојните стандарди како за зло кое се заканува да ги уништи општествата и целокупното човештво. Последниот извештај на Европската комисија дека Молдавија и Украина се најблиску до влез во ЕУ заради “одличното справување“ со корупцијата, а за Македонија (во која, рака на срце, се’ уште царува корупцијата) треба уште многу да работи на тоа, покрај стотиците други, е најеклатантен пример за, дури безобразни, двојни стандарди. И да, Украина во која веќе се докажува корупција од 100 милиони долари, а американски извори говорат за 48 милијарди долари тежок корупциски скандал, навистина, според нивните корумпирани умови, “успешно“ се справува со корупцијата.
МИГРАЦИЈА.
Многумина ќе речат дека станува збор за неконтролирана миграција. За жал, станува збор токму за добро контролирана миграција во обид болните умови на либералните “елити“ да го уништат темелот врз кој се изградени најголемиот број европски држави – христијанството и, да создадат нови, постхристијански општества. Британија и Франција се наоѓаат најблизу до моментот кога тоа ќе стане реалност. Токму Европската Унија, врши и невиден притисок врз државите членки кои не сакаат да приберат вака контролирана миграција (Унгарија…), бидејќи, за жал, е главниот спонзор на мигрантските текови, со јасна пресметка, исто како и во САД, дека со гласовите на мигрантите либералната левица ќе ја освои и вечно ќе остане на власт.
УКРАИНИЗАЦИЈА.
Веќе речиси дваесеттина години ЕУ, заедно со либералните американски администрации, безусловно создавајќи од корумпираната и милитантна Украина проект анти-Русија, наместо да изврши европеизација на државата, таа и од себе создаде антируски проект и се украинизира самата себе си. Имено, Европската Унија и европската тројка Е-3, Германија, Франција и Велика Британија, полека но сигурно се претворија во воено крило на европските либерали и, според зборовите на Виктор Орбан, веќе го објавиле и датумот за почеток на војна со Руската Федерација – 2030 година.
Зошто упорно ја поддржуваат и ескалираат војната во Украина и подготвуваат војна со Руската Федерација?
Прво, за да и покрај историски најмалата поддршка што ја имаат кај гласачите, останат на власт и со тоа го забавуваат процесот на заживување на мултиполарниот светски поредок, со што токму тие би ја изгубиле апсолутната власт.
Второ, што подолго да ја избегнуваат одговорноста и казната за бесцелно потрошените пари на своите даночни обврзници, за разурнувањата и жртвите и, за учество во корупциски скандали од невидени размери.
Трето, продолжувајќи ја непотребната војна, очекуваат дека преку своите комунистички “браќа“ во САД, американската Демократска партија, чиј најизразен комунистички претставник е новиот градоначелник на Њујорк Зохран Мамдани, ќе успеат да ја урнат администрацијата на Трамп, американските глобалисти ќе се вратат на власт и, ќе ги задржат и нив како алатка за уништување на нормалното човештво.
Четврто, петто, шесто…
ДУХОВНОСТ И ИДЕНТИТЕТ
На 31 јули годинава, ја промовиравме предлог “Стратегијата за насочување на македонската нација во ДУХОВНОСТА“, како повик за уривање на постоечкиот систем на корупција, криминал, непотизам и партизација и изградба на нов систем изграден врз духовни вредности, а на неколку медиуми говорев и, во колумната од 28 ноември под наслов “Европските комесари – оркестарот од Титаник“ пишував за новиот мултиполарен светски поредок како “светска заедница на ИДЕНТИТЕТИ“, како единствен начин за зачувување на цивилизациските вредности.
Во веќе споменатата американска “Стратегија за национална безбедност“ (за која подетално ќе пишувам во следниот текст) објавена пред три дена, јасно се укажува дека “претстои цивилизациско бришење на Европа…“, а, за да не дојде до тоа, “Американската дипломатија треба да ја брани вистинската демократија, слободата на изразување и нескриеното славење на националните ИДЕНТИТЕТИ. САД ги охрабруваат своите политички сојузници во Европа да го поддржат ова оживување на ДУХОТ, а растечкото влијание на патриотските европски партии дава причина за оптимизам…“
Она што со години наназад се наѕираше, за среќа, станува јасно за се’ поголем дел од нормалното човештво – само ДУХОВНОСТА и ИДЕНТИТЕТОТ може да ги зачуваат цивилизацијата и човештвото.
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК