Четврт ден од неделата и немилиот настан во Кочани, и јас се уште не знам како се прибрав и ја прифатив поканата на Канал 5 да гостувам во отвореното студио и да изнесам став. Тешко е кога човек си ги контролира емоциите, а му доаѓа наплив и на тага, и на бес, на лутина, на омраза, на депресија. Илјадници чувства ви се менуваат, и за крај чувството на беспомошност.
Изминатите неколку години се случија еден куп инциденти, каде голем број невини луѓе ги загубија животите. И се е тоа така, затоа што не се почитуваат протоколите и законите. Затоа што затајува човечкиот фактор. Регулатива и закони имаме за се‘! Имаме закони на врвно ниво. Немаме имплементација (примена), и имаме лош избор на кадар.
Во пола институции и општини фалат инспектори, и лица кои се таму контролен механизам, но затоа има на ангро општи работници или администрација. Сто пати сум слушнал дека злоупотреби се прават ноќе или за викенд (пример градежништво, угостителство и слично), а се сеќавам дек еден мој пријател поранешен инспектор ми велеше дека два градоначалници ги малтретирале околу работното време 8:30-16:30 да бидат во канцеларија!? Пази, инспектор со фиксно работно време и во канцеларија?! Генијално, нели? Е па тој што го „потиш“ да дреме 8 саати во канцеларија, после 4 и пол нема желба ни на телефон да ти крене.
Секојдневно гледаме како се „штанцаат“ документи, колку да пројде редот. Импровизации за се‘! Тие импровизации во реалноста прават вакви состојби. Секој потајно сака да „зае.е системот“, а не сфаќа дека секој еден од нас, е системот!
Од такт се вадам на зборовите како „ќути си“ и „се снашол“. Првото е кукавичлук, второто е оправдување за оние кои прават недела и го заобиколуваат законот, поради што се случуваат вакви катастрофи. Уште полош е менталитетот на “глеј си ти за себе”. Од тоа “глеј си ти за себе” сме на ова дереџе. Така не размислувале Андреј од ДНК, и уште неколку јунаци, кои помагајќи на други, иако биле излезени, на крајот трагично завршија. Да не беа тие, можеби ќе имаше дупло повеќе жртви. Сепак, да се грижиш и за другите е знак на човечност и достоинство, макар и тоа да за нас има последици.
Нејсе, друго ми беше муабетот. Се уште, како човек, не можам да сфатам, какви луѓе се оние кои бараат лажно донации? Кои пробуваат да ќарат пари, на грб на туѓа мизерија. Какви ли гадови бездушни има?
Друго, не можам да ги сфатам ни деструктивците кои сакаат да палат и кршат. Претпоставувам дека таквите само бараат повод за деструкција. Не е битна темата. Јас искрено, сакам кривична одговорност, и сакам системски реформи. Сакам бре правда, сакам одговорни лица, а не мешетари, клиентелисти или медиокритети. Доста беше!
За крај и да ги споменеме оние кои се надеваат дека нема да одговараат, или дека ќе падне Владата која им вети дека ќе ги гони. Дечки (и девојки), она вашето со „нема правда, нема мир“ потона и скапа, исто како што потона и скапа СЈО. Го излажавте народот, и чим добивте власт почнавте со крадење и грабање. Пари од странство, пари од буџет, уживанција! Нема веќе така! И да се смени некој од оваа власт, и да падне еден, двајца, тројца, и бројките во Собрание да се сменат, вашата „екипа“ нема да се врати! Народот болен легна за да ве падне минатово лето, враќање за такви како вас нема!
А одговорност треба да има, и ќе има! За се‘ што се прави сега, ама и се правело низ годините. Од земја на сонцето, станавме земја на пеколот. Се поради владеење и моќ кај неспособни и просечни, опседнати со материјално, на кои ништо не им е свето. И да ги има во сите општествено политички структури, без исклучок.
Искрено сочувство за сите кои лично претрпеа загуба на некој близок. Цела нација е потресена и во болка. Добро е што системот очигледно може и знае да функционира. Лошото е што превенцијата ни е катастрофа. Очигледно кризниот менаџмент ни е подобрата страна. Затоа ќе мора да почнеме да работиме турбо на превенција. За се! Закони, регулативи, легислативи и примена до збор. За клубови, кафетерии, музеи, болници, школи, колективни згради, тунели, скривници, подземни премини, брани, подземна инфраструктура, патишта, железница.
Да се проверат и расчистат безбедносни скали, излези за евакуација, скривници, тротоари… полиција, па и војската, заедно со инспекциите и општините ќе имаат доста работа. Очигледно еден куп места ќе треба да се пополнат, но и еден куп да се укинат. Директорите и министрите ќе мора да престанат да прават систематизации според блиските и роднините, туку според реалните потреби. И да, потребни ни се силни контролни механизми, со овластувања. И јавност во се‘. Каде се троши јавен денар, јавност ќе мора да има. Нема друго.
Само така сеќавањето за овие невини жртви нема да избледнее. Кочани е убав град, и еден од најчистите во поглед на хигиена и ред. Жално е што се дозволи воопшто, вакво нешто да се случи.
Нека почиваат во мир!
Искрено сочувство до семејствата и блиските на настраданите.
Александар Ристевски