Колумни

Рушење на стереотипи

Да го срушиме главниот стереотип: Да престанеме да бираме лопови и лажговци, да одбереме чесни луѓе и родољуби!

Рушење на стереотипи

Живееме во интересни времиња, навистина. Иако, за многу нешта одредени визионери, дали преку своите изјави, колумни, говори, скечеви, како да ги предвидуваа нештата.

Во пресрет на претседателската и парламентарна кампања, како многу пати до сега, со екстремна и условувачка реторика излегуваат дел од перјаниците на партиите на македонските Албанци. За да не бидат покусо, кога едните ќе искажат став, другите како да мора да додадат уште нешто по екстремно, кое пак, ја поларизира цела држава.

Али Ахмети вели дека услов за влез во следната влада ќе биде укинувањето на избор на Претседател на непосредни избори, туку истото да биде во Собранието. Прилично диктаторски пристап нели? Имено, во случајов единствениот лик кој има легитимитет кој го влече директно од народот, покрај градоначалниците, е токму Претседателот на Македонија! Да сакате тоа да го укинете, и да го направите истиот марионета на политичките партии е фарса невидена. Апсолутно против! Единствено што сметам за разумно е затоа што имаме огромен број на население вон државата, а и малата мотивираност на гласачите при гласање на претседател, процентот на излезност да се намали на 35 или 30 проценти во вториот круг.

Таравари кој излегува како кандидат на здружената опозиција кај македонските Албанци, покрај што го поддржува условот на Ахмети, вели дека без да се укине моментот со 20 проценти, а се уфрли зборот албански јазик или албански народ, нема учество во владата. Сметам дека Таравари, со оглед на тоа кои партии ќе освојат мнозинство (ВМРО ДПМНЕ, но и други партии од македонскиот блок кои се опозициски), малку ги преценува пред време своите капацитети, па можно е како многу пати до сега, да извиси. Имено, во изминатите 30 години, буквално секогаш, на изборите победувала левата опција кај македонските Албанци. Почнувајќи од ПДП во 1990, 1994, 1998, па ДУИ од 2002 до ден денешен. Единствениот начин да десно-центристичките сили на македонските Албанци влезат во власта било благодарение на ВМРО ДПМНЕ и нивната добра волја или желби за промени во таборот кај македонските Албанци, што неретко и било контра продуктивно.

Не е точно дела македонските Албанци со тоа 20 проценти се сведуваат на бројка. Апсолутно не! Тоа е со цел, за да се искаже политичкото уредување на еднакви можности и за другите, граѓанскиот концепт, но и почитување на правата на сите останати. Имено, тоа беше и духот на Рамковниот договор, основата за примирје, самата рамка. Македонија е национална држава на Македонците, но и место во кое секој нејзин жител треба да ужива исти права и форма на еднаквост. Доколку се прецизираат другите, тоа е форма за бинационална држава, и тенденција за некаква форма на федерација. Извинете, ама за тоа никој никогаш ниту преговарал, ниту се согласил, ниту потпишал. Иако е евидентно дека многумина и тие права и обврски кои јасно се прецизирани, се обидува да ги заобиколи и надгради, за што според мене обвинителската и судска фела треба да реагира, процесуира и санкционира.

Едно нешто мислам дека ликовиве не сфаќаат! Еве, да речеме се бира претседател во Собранието. Еве падне одлука истиот да биде со албанско етничко потекло. Според која логика и ДУИ и Алијанса, и другите партии сметаат дека токму тие ќе можат истиот да го предложат и да го гласаат? Како тоа мислат со 15 гласа, или 25, или еве максимум 30 да го изберат? Зошто не сфаќаат дека и да се донесе консензус кандидат за Претседател избран во Собранието е со албанско етничко потекло, тоа ќе биде кандидат кој го одбрале или СДСМ или ВМРО ДПМНЕ. Автоматски, целиот концепт ви паѓа во вода.

Знаете, не проблем Претседател на Македонија да биде етнички Албанец, Турчин, Ром, Србин, Влав, Бугарин, Грк, или нинџа желка или некој современ хибриден лик. За да биде тоа треба да се потврди како родољуб, како човек кој ја сака и се бори за интересите на државата. Како човек, кој го вее државното знаме, ја пее химната, и не го дели народот, по ниту една основа. Не пречи да е православен, атеист, муслиман, протестант, бектеш, евреин, што сака нека е! Едноставно дреба да проаѓа кај народот. Претседателот на оваа држава треба да е глас на разумот. Да е контролен механизам на негативните процеси. Да е татко (или мајка) на нацијата.

Кога сме кај рушењето на стереотипите, мислам дека родовиот момент е приоритетен. Ни треба мајка на нацијата. Искусна, зрела, одмерена и правична. Партиски неконтаминирана, со родољубие во себе, со познавање на системот и уредувањето на државата, и со умерена реторика, освен за темата криминал, каде јас лично посакувам жестокост.

Претседател кој е македонски Албанец може да има. Во догледно време, верувам дека ќе се појави таков кој е спремен да биде кадарен за таа функција. Човек кој ќе оди на стадион и во сала да навива од срце за Македонија, а не да паѓа во севдах кога е во Приштина или Тирана. Имер Селмани малку му требаше за да ги придобие Македонците, во жестока конкуренција од седум кандидати, од кои тројца беа македонски Албанци, да освои 150.000 гласови. Тоа зборува дека народот во Македонија не е ригиден и би поддржал различен од себе, секако, се додека истиот го чувствуваат како свој. Овој актуелниот Имер Селмани, не би освоил ни 20.000 гласа денес. Значи, не е до етникумот, до човекот и неговите дела е!

Кога сме веќе кај рушењето на стереотипи, ајде да излеземе од шаблоните и да зборуваме за позитивни промени. Зошто Струга, Тетово, Гостивар или Кичево да бидат строго со градоначаник Албанец или се „воен плен од војната“? Еве, во Кичево малку фалеше да има Македонец градоначалник. Човек кој има сопруга Албанка, кој е доктор, и за кој никој нема лош збор. За да тој биде победен ДУИ носеше контингенти гласови со авион од Западна Европа. Нели е жално? Брвеница има градоначалник Македонец во моментов. Општината има мнозинско население со етнички Албанци. Човекот чесно си победи, и со својот тим ревносно работи. На оние кои глумат жртви во политиката, а промовираат етно-шовинизам, тоа им пречи. Од тоа што сум го чул, народот е задоволен. Така драги мои се рушат стереотипите.

Никој никому не смее и не може да му го оспори етничкиот идентитет и јазичното право. Ама драги мои, за почеток ќе треба да се потврдите пред општиот народ, пред рајата, што би рекле, и да покажете дека ја сакате државата и нејзините симболи, дека ги почитувате законите и Уставот. А носител на највисока јавна функција може да биде било кој државјанин на земјата, кој се стигне до поддршка од мнозинството. Се друго е апартхејд, а не правичност. Ќе мора да се менувате, а не да напнувате! Го поделивте и иселивте народот. А народот сака правда, ред и поредок, еднаквост и повисок стандард. Се друго е лажење и палење на празно.

Да го срушиме главниот стереотип: Да престанеме да бираме лопови и лажговци, да одбереме чесни луѓе и родољуби!

 

Александар Ристевски

To top