На големо се зборува за стандардот, платите, покачувањето и како сето тоа треба да се изведе. Од старт да се разбереме нешто битно: Јас сакам и очекуваме да како нација имаме и поголем стандард и повеќе приходи, но на начинов на кој почнавме да тераме пред некоја година, не ми дава оптимизам дека ќе оди на добро работата.
Во моментов минималната плата е нешто над 22500 денари (негде околу 370 евра), факт е дека еден куп вработени и овие плати не ги земаат или пак се платени и под оваа сума, на диво, пред се во помалите градови. Па дури и оваа плата не треба да е толкава, затоа што на истата треба да се пресмета и 0.5% годишно за минат труд.
Него друго нешто не сфаќам? Сите фиксно се бетонирани на 40 работни часа, иако многу често во многу дејности, некој не ги работи ни приближно, од друга страна, на многу места, се останува и подолго и преку времено па истото не се плаќа. На крајот се’ се сведува на тоа колку време трошите за да заработите одредена плата, и кој е ефектот од вашето ангажирање, поточно вашата продуктивност. За тоа никој никогаш не зборува.
Што ми е поентата? Во моменти кога стопанството кубури со кадри, кога младите генерации не работат и учат одредени професии, кога има сериозен дефицит на кадар, од друг страна превработеност во многу ресори, регулирањето на часовното ангажирање, а не само жалење дека платите се мали е решение.
Имено. Кога ВСС кадар во институција фиксно го држите од 8:30 до 16:30, без оглед што работил, зошто не му оставите можност да дојде во 8 часот, да ги заврши турбо работните задачи, па после 12 или 13 часот е слободен да работи втора или трета работа? И сето тоа да биде чисто, регулирано, легално.
Зашто да не може и на второ место да биде пријавен и со придонеси, или пак да е официјално ангажиран, со платен персоналец, но основата за се да биде продуктивноста и работниот час.
Полно работно време не е 40 часа. Полно работно време е се што е над 30 часа. Вкупно 40 часа е максимално работно време, се над тоа е прекувремено, а и тоа е регулирано колку може. Ако 30 часа е исто така полно работно време, зошто тогаш работникот да не може да работи четири дена по 7 и пол часа, или 5 дена по 6? Или пак шест дека по 5?
Јас сум убеден дека многумина нема да бараат повеќе плата, доколку знаат дека работат два часа помалку, или екстра ден имаат слободен.
Оваа битка на синдикатите ја сфаќам. Тоа е и нивна работа, борба за работничките права. Но раст од 22500 на 30000 одеднаш, сметам дека е нереален и неразумен. Тоа е раст од над 30% и доколку било кој реши тоа да го направи ќе предизвика инфлација и уште поголем раст на многу од цените на основните артикли. Ниту пак идејата на работодавците да ги качат платите на 30000 без дополнителните средства за придонеси, не го сметам за умен. Истото само ќе го залаже народот, парите ќе треба да ги покрие државата, а ќе искреира дупка во пензискиот и здравствениот систем, а да се санира истата ќе треба да се крати од нешто друго, а обично тоа секогаш се капиталните инвестиции. Значи „од шупљо у празно“.
Платите во приватниот сектор самите се регулираат. Понудата и побарувачката најлесно и најубаво ги креира платите. Државата е таа која единствено треба подобро да ги контролира истите и да го заштити работникот од задоцнети исплати, паушални казни и кратења, злоупотреба, насилство и тортура, не почитување на правото за одмор, пауза, боледување. Многу често, праксата покажува дека тие кои треба да ги штитат работниците „шурувале“ со газдите и работодавци, и е една од главните причини зошто народот или се сели, или бара работа во државните институции.
Кога сме пак кај државните институции, тука доколку нема фиксен став и стратегија каде се тера, напредок и интеграција кон ЕУ, нема да има. Ретко каде во светот, помошно техничкиот персонал е вработен под државата. Ретко каде на Запад јавните претпријатија се превработени и креираат загуби, а ретко каде истите ги водат анонимуси. Обично секаде тие се додадена вредност, остваруваат профит, водени од менаџери кои имаат таргети, па државата или општините вишоците пари од истите ги стават во функција на други инфраструктурни проекти, или со истите субвенционираат спорт, култура, социјала, млади.
Главната утка во државава е што на толку вода, сонце и плодна почва, и на субвенции од стотици милиони евра годишно во земјоделие, доживеавме да увезуваме речиси се’! Не можете да ме убедите дека е поевтино да се произведе и донесе до тука пиле од Словенија, отколку ние да го произведеме. Дека месо од Аргентина и Бразил е поевтино, отколку наше. Дека жито од Полска е поевтино од нашето. Платите во сиве овие земји се многу поголеми, лус има транспорт и еден куп други трошоци. Не може пратка од Кина преку Тему која чини од 600 до 1300 денари да е со бесплатна испорака, а било што од Скопје нарачано некој да ви наплаќа плус 150 денари.
Немаме ние пазарна економија. Ние имаме договорна економија и купуваме социјален мир. Имаме ниска финансиска култура кај населението, и ретко кој се осмелува да води мал бизнис. Секоја година се отвораат и затвораат илјадници мали бизниси, затоа што за разлика од Западот, ниту има кој да ги води, ниту кој да ги поучи каде грешат. „Стартапите“ се одлична идеја, ама колку познати фирми имаме во државата кои почнале како „старт ап“? Можете да кажете пет кои секој ги знае?
Многу е битно каде државата ги насочува буџетските пари. Во зависност од тоа како истите се ставаат во функција, така се креира и севкупниот раст. Исто така зависи и што државата поттикнува и промовира, или ослободува од давачки и субвенционира. Долги години за фирмите полисите за животно осигурување беа признаен трошок. Тоа пред некоја година се укина, сметам дека пак треба да се врати. Како признаен трошок е уплатата на средства во третиот пензиски доброволен столб, преку пензиски шеми.
Впечатокот е дека планирања кај нас се стихијни или кампањски. Никој не размислува за 10 или 20 години, туку денес за утре или до следните избори, па дали дури и толку. Од мора да прекине како пракса. Се почнува од образованието и креирањето на систем. Дури самото тоа каде ќе се градат школи или градинки се прави со план. Барем би требало да е. Мора да покажеме визија и во урбанистичкото планирање, а не како до сега да исполнуваме желби на некои инвеститори.
Мала држава сме. Малку луѓе, со мала територија, со солидна инфраструктура. Да не се делевме на табори, племиња, етникуми, вери и кланови, и доколку имавме слога, една влада за еден мандат може да направи таков рез и промена, што ќе не направи атрактивно место за живеење за секој.
Да, плати треба поголеми. Да, истите треба да бидат според заслуги и вреднување на трудот. Не само лицитирана бројка и желботека. Почитувајте го времето на луѓето. Тоа е единственото нешто кое е бесценето и не се враќа. За одредени теми мора да се изгради општ национален консензус.
Александар Ристевски