Колумни

Продуктивност и плати

Често се зборува за гломазноста на јавната администрација, но проблемот не е само во бројот на вработени, туку и во организацијата на работата. Во развиените земји, помошно-техничките услуги најчесто се аутсорсираат и се користат според реалните потреби. Кај нас, ваквите практики постојат, но неретко се соочуваат со проблеми како ниски плати и нередовна исплата, што повторно ги демотивира работниците.

Продуктивност и плати

 Изминативе неколку години континуирано се зборува за платите — дека се ниски, дека треба да расте минималната, да се зголеми просечната, да се подобри животниот стандард. Но, парадоксално, како што ја зголемуваме минималната плата, така стандардот како да се намалува.

Речиси секое покачување на минималната плата е проследено со пораст на цените на основните животни производи. На крајот, се создава впечаток дека со зголемувањето на платите, реалниот животен стандард не се подобрува, туку само привидно изгледа така.

Она што ретко се отвора како тема е продуктивноста. Во суштина, токму продуктивноста е клучниот фактор за раст на приходите и за зголемување на конкурентноста на пазарот на труд, особено во приватниот сектор. Затоа Владата, како социјален партнер, ги вклучува работодавачите и стопанските комори во овие процеси. Доколку минималната плата се зголемува исклучиво административно, без паралелен раст на продуктивноста, може да се предизвика синџир на последици: рационализација на трошоците, отпуштања, одлив на капитал, како и компресија на платите — односно приближување на најниските кон средните примања.

Уште пред години се залагав за воведување на принцип на плаќање според учинок, и во јавниот и во приватниот сектор, како и за поголема примена на плаќање по работен час. Кај нас, најголемиот дел од вработувањата се со полно работно време од 40 часа неделно. Во приватниот сектор, особено кај помалите работодавачи, често постои притисок за подолго работно време, додека во јавниот сектор, присуството на работа често е поважно од реалниот учинок.

Во многу европски земји, плаќањето по работен час е стандардна практика, со флексибилно определување на работното време во зависност од потребите на работодавачот. Тоа овозможува поголема ефикасност и подобро усогласување меѓу потребите на пазарот и работната сила.

Кај нас, сè уште доминираат системи базирани на коефициенти, формални права и административни стандарди, додека продуктивноста ретко е во фокусот. Како резултат, во одредени сегменти на јавниот сектор постои ниска ефикасност, додека во дел од приватниот сектор условите за работа се значително потешки.

Ова создава дополнителен притисок врз работниците да се вработуваат во јавниот сектор, кој нуди поголема сигурност, стабилност и пристап до финансиски услуги, иако не секогаш и повисока продуктивност.

Често се зборува за гломазноста на јавната администрација, но проблемот не е само во бројот на вработени, туку и во организацијата на работата. Во развиените земји, помошно-техничките услуги најчесто се аутсорсираат и се користат според реалните потреби. Кај нас, ваквите практики постојат, но неретко се соочуваат со проблеми како ниски плати и нередовна исплата, што повторно ги демотивира работниците.

Дополнително, значителен дел од вработените во приватниот сектор се соочуваат со доцнење на платите, неплатена прекувремена работа, недоволна заштита при работа и ограничен пристап до финансиски институции. Ова ги става во неповолна положба и често ги принудува да користат неповолни форми на кредитирање.

Не треба да се занемари и постоењето на платни диспаритети, особено во јавниот сектор, каде за исти или слични работни позиции може да постојат значителни разлики во примањата, во зависност од институцијата или колективниот договор.

Да бидеме јасни — платите треба да растат. Секој има право на подобар животен стандард. Но економијата е комплексен систем. Одржлив раст на платите е возможен само со паралелен раст на продуктивноста, подобра организација, рационализација и јасна економска стратегија.

Тоа подразбира и зголемување на извозот, како и намалување на трговскиот дефицит. Поедноставено, економијата треба да создава повеќе вредност отколку што троши. Неприфатливо е држава со вакви ресурси да троши огромни средства за увоз на храна и да остане високо зависна од увоз на енергија.

Потребен е одговорен и стратешки пристап, со цел долгорочен развој и подобрување на животниот стандард за сите граѓани. Во спротивно, ќе продолжиме да стагнираме, наместо да напредуваме.

 

Александар Ристевски

To top