Се’ почесто, од сите страни, слушаме изјави за “праведен“ мир за Украина. И, нормално, дефиницијата за тоа како треба да изгледа “праведниот“ мир, е толку различна, во зависност од тоа од чија уста излегува, што, обичниот човек, оној кој бара едноставен мир, без страдања, жртви и разурнувања, останува целосно збунет.
И навистина, на сите, од САД, Руската Федерација, Украина, ЕУ и државите членки на ЕУ, устите им се полни со “праведен“ мир. Но, да одиме по ред, со најкуси можни согледувања.
- За претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, “праведен“ мир е секој мир преку кој САД ќе се извлечат од војната за која тој упорно тврди дека не само што не е нивна војна (што претпоставува дека е идеолошка војна на претходната администрација на американската радикална левица), туку и дека никако немаше да се случи доколку во 2020 година не му беа украдени изборите и доколку во тој период тој беше претседател. И уште поважно, за него “праведен“ и можеби “најправеден“ мир е оној од кој САД, на крајот, не само што ќе си ги повратат вложените стотици милијарди долари во оваа војна, кои, според Трамп, Бајден ги делел како бонбони, туку и ќе излезат со огромна долгорочна економска добивка. Типично американски. Такво беше и нивното вклучување во Првата и Втората светска војна.
За американската длабока држава, пак, центарот на моќ насочен против Трамп, “праведен“ мир е продолжување на војната се’ до уништување на Руската Федерација и нивно, преку корпорацискиот фашизам, загосподарување со нејзините огромни ресурси. За нив важи орвеловото “војната е мир“.
- За украинскиот режим на Зеленски, според наредба од неговите длабокодржавни ментори, “праведен“ мир е секој оној кој ќе ја ослаби Руската Федерација до ниво на нејзин распад, нејзино целосно повлекување од “окупираните“ територии за да не може да ги штити правата на руското малцинство во Украина, за да продолжи забраната за говорење руски јазик, за да се избрише целосно Украинската Православна Црква и на нејзино место да се етаблира инсталацијата на грко-православниот Патријарх од Цариград.
Всушност, за режимот на Зеленски, единствен “праведен“ мир е продолжување на војната до последен украинец, заради сопствено политичко и физичко преживување и, заради бришење на трагите на најголемите корупциски скандали кои водат до самиот врв на украинската, но и евопската власт. И за него важи орвеловото “војната е мир“.
За мнозинството од украинскиот народ, пак, “праведен“ мир е секој мир кој ќе ги сопре натамошните крвави судири, ќе ги сопре разурнувањата, страдањата и смртта и, ќе овозможи мирен живот за сите украински граѓани без разлика на нивната етничка припадност. Мир кој ќе овозможи целосна обнова на државата и обнова на довербата. А, за тоа е потребно уништување на режимот на Зеленски кој е изграден врз нацистичката идеологија на омраза кон се’ што е руско.
- За Руската Федерација “праведен“ мир е оној кој ќе се воспостави по остварувањето на сите цели на Специјалната воена операција – денацификација, демилитаризација и воена неутралност на Украина. Притоа и заштита на правата на руското малцинство во остатокот од државата. Ваквиот мир, без разурнувања и жртви, со сочувување на целокупноста на Украина и воведување автономија за руските региони, беше договорен уште на преговорите во Минск и, повторно на преговорите во Истанбул. За жал, и едните и другите беа минирани од европските моќници како Борис Џонсон, Меркел, Оланд… што доведе до воена разрешница и, токму од нив, наметнатата поделба на Украина. Конечно, за Руската Федерација, “праведен“ мир претставува воспоставување на веќе одамна воспоставениот принцип на неделивост на безбедноста. Тоа ќе рече дека не може да се гарантира безбедност за една, доколку тоа ја загрозува безбедноста на друга држава.
И КОНЕЧНО, ЕУ И ЕВРОПСКИТЕ ДРЖАВИ
За ирационалните либерални елити во Европа, кои се’ уште живеат во илузијата дека можат воено да ја совладаат Руската Федерација и, да останат глобални владетели во светот, “праведен“ мир е продолжување на војната до моментот кога претпоставуваат дека ќе бидат воено доволно моќни за да влезат во отворена војна со Руската Федерација и да ја поразат. Ним, како и на Зеленски, војната им е насушно потребна за да не мора да одговараат зошто парите на своите даночни обврзници ги фрлаа како во бунар финансирајќи однапред изгубена војна; за да може да ги сокријат трагите на невидените корупциски скандали кои допрва ќе излегуваат на виделина; за да ја сочуваат власта која ја практикуваат со едвај десеттина проценти доверба; за да, конечно, се заштитат себе си од одговорност, која во време на мир, секако ќе биде побарана од нив…
Но, како ЕУ и европската тројка, Франција, Германија и Велика Британија се доведоа до овде?
ЕУ, на почетокот беше извонредно замислена како заедница за јаглен и челик, за да се трансформира во европска економска заедница како можност за комплементарност на европските економии и, за жал, да заврши како европска идеолошка заедница на радикалната левица, која јасно и отворено изјавува дека не ја интересира мислењето на граѓаните, дека едноставно, и покрај сите отпори, ја тера својата радикално идеолошка политика.
Така, полека но сигурно, ЕУ, замислена како најголем европски мировен проект после Втората светска војна, благодарение на радикалната левичарска идеологија, се претвори во отворен воен проект кој, како два пати досега, на целиот свет му се заканува со можна Трета светска војна.
Па, она што на светот му го нудат како “преговори за мир“, во некој нивни европски + Украина формат, е една голема лага за купување време за европска милитаризација која ја предводи Германија, всушност, на сите им е јасно, претставуваат забрзани “преговори за војна“.
Токму затоа, додека најголемите светски сили, преку нивните претседатели, веќе со месеци во својот вокабулар го имаат само зборот мир, европските либерални “елити“, по неколку стотини пати во денот го користат зборот војна. Со тоа, светот влезе во борба меѓу реалполитиката на овие првите, против ирационалната идеолошка политика на вторите.
СВЕТСКИ “КОНЦЕРТ“
Со години го користам примерот на европскиот “концерт“ кој бил формиран од страна на шесте најголеми европски сили после наполеоновите војни. Шест моќни држави, со целосно различни идеолошки внатрешни односи, седнале на заедничка маса и ја договарале европската политика. Таквиот “концерт“ на европскиот континент му овозможил стогодишен мир, односно се’ до почетокот на Првата светска војна. Пишував дека по тој пример, треба да се формира светски “концерт“ кој на светот ќе му овозможи барем педесетгодишен мир. На една маса, најмоќните светски сили, без разлика на нивната идеолошка определба да ги договараат светските меѓународни односи.
Последниот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп дава надеж дека светот се движи токму во правец на формирање на светскиот “концерт“. Имено, Трамп предложи да се формира едно тело составено од САД, Руската Федерација, Кина, Индија и Јапонија, петте најмоќни држави во светот. Тело кое може да ги креира светските политики за мирен опстанок на човештвото.
Дефакторизираната, идеолошки непомирлива ЕУ, со право е изземена од ваквиот формат на организираност, кој, доколку не успеат нејзините воинствени препки, може да ја обезбеди мирната иднина на светот.
На сите останати, држави, нации и поединци, оние кои припаѓаат на нормалниот свет, ни останува да се надеваме дека ваквиот проект ќе биде успешен и, да се бориме да го најдеме сопственото место во така конципираниот нов светски поредок.
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК